Застрашувачки е да се гледа што државата ја водат луѓе со толку слабо математичко знаење. Не само што разликата од нивната фалична пресметка за наводно 325% зголемување на темпото на раст е огромна во споредба со вистинските 149%, туку гледаме дека не знаат ни како се пресметува процентуална стапка на раст од даден количник, а уште помалку како се пресметува просечна геометриска стапка на раст

ДЕЈАН ТРАЈКОВСКИ
Да расчистиме една работа околу пензиите: сегашната власт не ги зголемила пензиите за 325%, туку ја зголемила просечната месечна/годишна стапка на раст на пензиите и тоа за многу помал процент. Точниот процент ќе го пресметаме подолу, но само накусо да истакнеме дека, ако нешто се зголемило за 3,25 пати, тоа не претсавува зголемување за 325%, туку 225%. По нивната логика, ако нешто било непроменето, би имало раст од 100%, што е апсурд.
Преминуваме на пресметка на растот на пензиите и споредба на стапките на раст во периодите на претходната и сегашната власт. За таа цел ни се доволни просечните пензии во три конкретни месеци:
1.) Во мај 2017, непосредно пред доаѓањето на СДСМ на власт, просечната пензија изнесувала 13.750 ден.
2.) Во мај 2024 година, месецот кога СДСМ заминала од власт, пензијата изнесувала 21.200 ден. Претходата власт владеела 83 месеци.
3.) Во март 2026 година, последниот расположлив податок за сегашната власт, просечната пензија измесувала 28.120 ден. До тој месец оваа власт владеела 22 месеци.
(Извор: pari.com.mk)
Просечната геометриска стапка на раст за време на владеењето на СДСМ изнесувала:
(21.200/13.750)^(1/83)-1 = 0,00523 = 0,523% месечно, односно:
(1+0,00523)^12 – 1 = 0,0646 = 6,46% годишно.
Просечната геометриска стапка на раст за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ изнесувала:
(28.120/21.200)^(1/22)-1 = 0,013 = 1,30% месечно, односно:
(1+0,013)^12 – 1 = 0,1676 = 16,76% годишно.
Ова е стандардна пресметка од финансиската математка, што власта не ја знае, туку пресметува нешто импровизирано, по свое.
Количникот на месечните стапки изнесува 1,30% / 0,523% = 2,49, односно во просек пензиите со новата власт растеле месечно за (2,49-1)*100% = 149% побрзо отколку со претходната власт. За 325% не може никако да стане збор. Да подвлечеме уште еднаш дека не се работи за процентуален месечен раст на пензиите, туку за споредба на месечните темпа на раст, во проценти за месец за месец.
Да направиме уште една споредба. За време на претходната власт, растот на пензиите не успевал да ја следи стапката на инфлација (пензиите губеле куповна моќ), а со новата власт растот на пензиите ја надминал стапката на инфлација и пензиите реално ја зголемиле куповната моќ. Ова е особено забележливо кај оние пензионери со пониски пензии кои добија најголем релативен процент на зголемување.
Но, не е се толку идеално. Треба да имаме предвид дека новата власт воведе две линеарни (подобро е да се каже униформни, односно подеднакви за сите) зголемувања на пензијата од по 2.500 денари, со што им нанесе неправда на сите со натпросечни пензии, кои со години издвојувале поголеми придонеси за ПИО. Со оваа уравниловка е направена неправда, кога помалите пензии ги стигнуваат поголемите, непропорционално на издвоените придонеси. Но, власта знае да калкулира со бројки на гласачи и секогаш и е поважно (и поевтино!) да го задоволи мнозинството, кое носи повеќе гласови на изборите. Свесно го игнорира незадоволството на малцинството, чии гласови свесно ги жртвуваат. Така, со нивни пари ги купуваат гласовите на мнозинството.
Да не го заборавиме најважното. Пензиите се користат како инструмент на социјалната политика и редовно се манипулираат од власта, за разлика од платите, каде одлучува реалниот, односно приватниот сектор. Статистиката вели дека платите не се зголемуваат побрзо отколку за време на претходната власт, што ќе го видиме во посебна пресметка. Тоа значи дека зголемувањето на пензиите во последниве две години не се должи на некаква зголемена стопанска активност, туку на самоволие и манипулација од власта, иако за тоа не постои економско оправдување.
Зголемувањето на пензиите претставува популистички мотивиран политички чекор, а средствата се обезбедуваат со задолжување, односно кредити, кои ќе ги враќаат децата и внуците на сегашните пензионери, на кои им се прави добра сегашната власт. Пензионерите, кои слабо ги разбираат работите, засега се радуваат и гласаат воодушевено за власта на ВМРО-ДПМНЕ, која всушност има план само да победи на изборите, а не да ги решава проблемите на економски одржлив начин.
Секоја будала може да подели пензии земајќи пари на заем, иако знае дека не може да ги врати, но тоа претставува пораз, а не достигнување вредно за фалаење. Истото можела да го направи и претходната власт, бидејќи тоа не бара никаков напор, но очигледно мислеле на последиците.
Дури и без зголемување на пензиите, што ќе не чини десетина милијарди евра нов долг во наредните десетина години, постои буџетски дефицит. Зголемувањето на пензиите веќе го зголеми дефицитот на цели 4% од БДП, односно на повеќе од 10% од државниот буџет. Засега никој не мисли за последиците и не полага никому никаков отчет, бидејќи им е важно само да се истурка некако до наредните избори. Цената ќе ја платат најмногу потомците на сегашните пензионери, барем тие што нема да избегаат од државата, преку мизерување и стенкање под товарот на долговите. Тие што повеќе разбираат масовно се иселуваат, за да не ги трпат штетните авантури на оваа нестручна власт.
Застрашувачки е да се гледа што државата ја водат луѓе со толку слабо математичко знаење. Не само што разликата од нивната фалична пресметка за наводно 325% зголемување на темпото на раст е огромна во споредба со вистинските 149%, туку гледаме дека не знаат ни како се пресметува процентуална стапка на раст од даден количник, а уште помалку како се пресметува просечна геометриска стапка на раст.
Ова треба да го знае просечен матурант, а камоли студент по предметот финансиска математика на прва година на економски факултет. Пресметката се сведува на определување на просечниот количник q на геометриска прогресија, ако е познат првиот и n-тиот член на геометриската прогресија. Тука првиот и n-тиот член (a1 и an) се просечните пензии при доаѓањето и заминувањето на СДСМ од власт, a бројот на членови на прогресијата е n=83, односно бројот на месеци. Така го наоѓаме количникот q=(an/a1)^(1/n), a потоа и просечната стапка на раст r =(q-1)*100%, како што видовме на почетокот.
Ако овие луѓе во врвот на власта не разбираат вакви најпрости работи, како тогаш ќе ја разберат пресметката на загубата на проектот за брзата пруга или профитабилноста на проектот „Вардарска Долина“? Нема никако да разберат и затоа секојдневно прават грешки што чинат милијарди евра.
Нашата најголема грешка, како граѓани, е што се уште ги сметаме сериозно, иако гледаме дека се работи за обични економски фушери, од кои нема да видиме никаква корист, туку само нови долгови и промашувања.




