Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

СКАНДАЛ БЕЗ ПРЕСЕДАН ВО ТЕТОВО: КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО ТРЕТИРАНО ВО КАФЕАНСКИ СТИЛ

June 17, 2026 Filed Under: Македонија

СДСМ со обвинувања дека државата се откажа од заштитата на Арабати баба-теќе

ИСКЛУЧИТЕЛНО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО Овој објект како другите два објектин дервишите –Калето и Шарената џамија беа делумно оштетени од борците на ОНА

 

Комисијата за култура на СДСМ упати остри критики и обвинувања до власта, тврдејќи дека државните институции свесно дозволиле еден од најзначајните идентитетски и историски комплекси во земјава да премине во приватни раце без институционална заштита.

Од партијата изразија сериозна загриженост и револт во јавноста поради информациите дека:

„…државните институции дозволиле еден од најзначајните споменици на културата во државата, Арабати баба-теќе во Тетово – да биде продаден како обичен угостителски објект, наместо да биде заштитен како културно наследство од највисок ранг“.

Опозицијата директно ги лоцира пропустите кај две клучни институции кои биле должни да реагираат во ваква ситуација.

„Особено загрижува фактот што надлежните институции, пред сè Управата за заштита на културното наследство и Министерството за култура, не презеле никакви мерки за државата да го откупи и зачува овој исклучително вреден споменик. Наместо тоа, дозволиле културно добро од непроценливо историско значење да стане предмет на пазарна трансакција“, се вели во партиското соопштение.

Сомнежи за законските процедури и улогата на Општина Тетово

СДСМ јавно го отвори прашањето за легалноста на целиот процес, прашувајќи како е можно објект со статус на заштитено културно наследство воопшто да се третира како комерцијален имот. Според нив, дополнителен скандал претставува улогата на локалната самоуправа по завршувањето на купопродажбата.

„Уште поскандалозно е што по извршената купопродажба, Советот на Општина Тетово одобрил враќање на данокот платен при трансакцијата. Со тоа се создава впечаток дека институциите не само што не го заштитиле културното наследство, туку дополнително интервенираат во корист на веќе реализирана приватна трансакција. Арабати баба-теќе не е обичен имот. Тоа е споменик на културата од исклучително значење, дел од мултикултурното и духовното наследство на Македонија, стар речиси пет века“, реагираат од Комисијата за култура.

Опозицијата излезе со четири итни барања до надлежните

Поради сериозноста на случајот, од СДСМ побараа итно постапување на ресорите и целосно обелоденување на случајот пред македонската јавност. Во соопштението се наведени следните официјални барања:

Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство итно да ја информираат јавноста дали биле известени за продажбата и какви мерки презеле.

Да се објави целокупната документација поврзана со купопродажбата.

Да се утврди дали биле испочитувани законските обврски што произлегуваат од статусот на објектот како заштитено културно наследство.

Да се изготви план за трајна заштита и зачувување на комплексот како национално културно богатство.

На крајот од своето соопштение,Комисијата за култура на СДСМ потсетува дека државата има уставна и законска обврска будно да го штити, а не пасивно да го набљудува отуѓувањето на историското богатство, порачувајќи дека:

„Културното наследство не смее да биде жртва на институционална негрижа, политички калкулации или имотни интереси“

Арабат Баба или Серсем Али Баба теќе е дервишки објект што се наоѓа на излезот од Тетово кон Гостивар, во подножјето на планината Шара. Теќето е изградено во втората половина на XVIII век од Реџеп паша и неговиот син Абдурахман паша кои се спомнуваат и во врска со изградбата на Шарената џамија во Тетово, како и Тетовското кале.

Според податоците во Теќето живееле околу 15 дервиши, на чии чело стоел старешина – баба. Дервишите биле прочуени како благородни, мирни и гостољубиви луѓе. Теќето се викало Арабат затоа што навидум неговиот основач бил сиромав човек со скината облека по име Алија, а така облечените луѓе Турците ги викале арабат. Поради тоа теќето го добило името Арабат-теќе. Постои и теорија според која градењето на теќето било започнато од страна на Серсем Али баба.

Теќето претставува комплекс од верски објекти, групирани околу турбето на Серсем Али баба, дервиш кој припаѓал на редот Бектеши. Од овие објекти денес се сочувани: шадрван, богомоља, турбе, кула, чешма, кујна-трпезарија; гостински конак; дервишхане; харемлак.

Во текот на следните 120 години, во теќето живееле бектеши кои ги учеле тајните на својата секта која е една од најзначајните меѓу повеќе од дванаесетте познати дервишки секти. Дервишите се познати по нивниот посебно негуван култ кон починатите баби и шехови. Еднаш во годината, во спомен на имамот Хусеин и неговото семејство кои биле заклани во Кербери, Сирија, дервишите ја вршат богослужбата во чии рамки е и молитвата која се одвива со ритмичка музика и движења, при што тие, спомнувајќи го бога и нишајќи се лево-десно, напред-назад, паѓаат во мистичен занес и на крајот се бодат со игли и други остри предмети по телото.

Активниот дервишкиот живот во теќето се задржал до 1912 година. Во 1941 бил обновен и траел сè до 1945 година кога теќето целосно е напуштено.

Потоа во комплексот на теќето е сместен Народниот музеј на град Тетово.

Арабати Баба Теќе за време на превирањата во Македонија на почетокот од 21 век беше заземено од ОНА. Во борбите покрај делумното уништување на Шарена џамија, не беа поштедени ниту Теќето, ниту Тетовското Кале.

Националниот конзерваторски центар во 2007 година ќе изврши непоходни конзерваторски зафати на шадрванот во Арабати баба теќе, како и на самото теќе.

Filed Under: Македонија

ФУШЕРИ ЗА ЕКОНОМИЈА
ВЛЕН – ДУИ: КОЈ Е ЗАСЛУЖЕН ЗА НЕИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТОТ СКОПЈЕ- БЛАЦЕ?
ИЗРАЕЛ НЕ ВОВЛЕЧЕ ВО ВОЈНАТА: АЛАРМ ОД ПРЕД ШЕТ МЕСЕЦИ
НA САРАЕВО ФИЛМ ФЕСТ: ДВА ФИЛМА – ПЕТ НАГРАДИ
ЦЕНАТА НА ВОЈНАТА ПОЧНА ДА СЕ ФОРМИРА ПРЕД ОЧИТЕ НА НАЦИЈАТА!

Најново

  • ФУШЕРИ ЗА ЕКОНОМИЈА
  • ВЛЕН – ДУИ: КОЈ Е ЗАСЛУЖЕН ЗА НЕИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТОТ СКОПЈЕ- БЛАЦЕ?
  • ИЗРАЕЛ НЕ ВОВЛЕЧЕ ВО ВОЈНАТА: АЛАРМ ОД ПРЕД ШЕТ МЕСЕЦИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet