Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ВТОРИОТ СТОЛБ

November 11, 2026 Filed Under: Колумни

ДЕЈАН ТРАЈКОВСКИ

Како национализацијата на вториот пензиски столб може да ги урне јавните финансии на долг рок

Актуелната власт изгледа решила да ги пренесе парите од приватните пензиски фондови во државниот ПИОМ и со тоа ефективно да му стави крај на вториот пензиски столб. Засега само за вработените со бенифициран стаж, но тоа е веројатно пробен балон и за останатите вработени. Кога во 2005 година беше воведен овој современ повеќестолбен систем, тоа не беше направено непромислено или случајно, туку како неопходен чекор за спасување на државните финансии од неизбежен колапс. Ако пензиите во иднина се покажат како мали заради подпросечните приноси во приватните пензиски фондови, вистинското решение требаше да се бара во зголемување на стапките за придонесите. Поранешните власти, пак, го направија спротивното – ги намалија овие стапки единствено за да им се додворат на работодавачите, не размислувајќи за последиците.

Проблемот е што моментално државата од буџетот секоја година надополнува околу една милијарда евра во државниот пензиски фонд за да ги покрие тековните исплати на пензии.

За 15 до 20 години, откако масовно ќе стасаат за пензионирање осигурениците кои целосно го поминале својот работен век уплатувајќи во вториот пензиски столб, овој огромен товар за државата би бил во голема мера намален, а во оптимални услови и сосема елиминиран. Но, ако сега, по две децении уплати и акумулација, државата се откаже од овој систем, сѐ ќе биде фрлено во вода и вратено на самиот почеток, што значи дека државниот буџет засекогаш ќе мора директно да го дотира ПИОМ.

Поради тоа, одлуката за напуштање на вториот пензиски столб, иако можеби звучи привлечно за сегашните пензионери поради можноста за краткорочно зголемување на пензиите, е длабоко штетна за долгорочната стабилност на јавните финансии.

Ако државата ги повлече акумулираните средства од приватните пензиски фондови, кои моментално изнесуваат околу 3 милијарди евра, ПИОМ во наредните 3 години би можел да им исплаќа пензии на сегашните пензионери без дотации од буџетот. Токму за толкав износ државата во следните три години не би се задолжувала заради субвенционирање на пензиите и би го прикажувала тоа како свој голем успех преку купување краткорочна, но илузорна фискална стабилност. Доволно за да се истурка до следните избори.

Но, од друга страна, на власта ова би ѝ отворило простор за нови задолжувања, на пример за налудничавиот и гарантирано губитен проект за брзата пруга, кој нема да може да се отплатува самиот од проста причина што не е рентабилен. Наместо ослободените средства од буџетот да се искористат за трајно раздолжување и намалување на јавниот долг, тие веројатно ќе се користат за маскирање на нови кредити.

Со други зборови, познавајќи го недомаќинското функционирање на власта и сѐ поголемиот притисок за ликвидност заради буџетскиот дефицит (постојано им фалат пари), тие нови задолжувања најверојатно ќе бидат потрошени за загубарски капитални инвестиции и непродуктивни тековни расходи.

На тој начин јавниот долг нема да се намали и покрај уништениот втор пензиски столб, а по 20 години, наместо државата конечно да се растовари од буџетските дотации за пензии и да престане со задолжувањата по таа основа, сама си става јамка околу вратот и засекогаш ќе остане заглавена во маѓепсаниот круг на нови дефицити и нови кредити за пензии.

Оваа политика носи и дополнителни катастрофални последици кои директно ја поткопуваат целата економска стабилност. Првиот пензиски столб функционира на принципот на генерациска солидарност и тековно финансирање, каде што денешните работници ги исплаќаат денешните пензионери.

Во услови кога земјата се соочува со масовно иселување на младата работна сила и драстичен пад на наталитетот, соодносот помеѓу работниците и пензионерите неумоливо се приближува кон опасно ниското ниво од само еден вработен спрема еден пензионер. Без вториот столб, каде што секој граѓанин штеди на сопствена приватна инвестициска сметка, државниот фонд нема да биде во состојба одржливо да исплаќа пензии за неколку децении, освен преку прекумерно и неконтролирано задолжување или крах на целиот социјален систем.

Покрај тоа, со ваквиот потег директно се уништува и единствениот домашен пазар на капитал. Приватните пензиски фондови се најголемите институционални инвеститори во државата кои управуваат со околу 3 милијарди евра, средства што делумно се инвестираат во државни обврзници и во домашни успешни компании.

Со нивно ликвидирање ќе исчезне овој многу важен и стабилен извор на долгорочен капитал, што неизбежно ќе ги зголеми каматните стапки, како за државата, така и за приватниот сектор. Ваквата насилна национализација на средства и распродавање на акциите и обврзниците од приватните фондови, кои се уставно заштитена приватна сопственост на осигурениците, би претставувала директен упад во сопственичките права во компаниите, испраќајќи погубен сигнал до странските и домашните инвеститори за правната несигурност во земјата.

Оваа мерка неодоливо потсетува на аргентинското сценарио од 2008 година, кога приватните пензиски фондови беа преземени за да се закрпи тогашниот буџетски дефицит, по што парите се потрошија за помалку од три години, а земјата влезе во уште подлабока должничка и инфлаторна криза.

Конечно, со губењето на ефектот на сложено вкаматување и приносот што овие пари го остваруваа на домашните и светските берзи, граѓаните се лишуваат од реалниот раст на својот капитал (што можат да го наследат и нивните деца) и се препуштаат на милост и немилост на идните политички гарнитури кои по сопствено убедување ќе одредуваат колкава ќе биде нивната пензија.

Од владата изјавија дека веќе се прават пресметки околу напуштањето на вториот пензиски столб, што кажува дека работите се отидени подалеку од обични шпекулации, односно сериозно се имаат намерачено на акумулираните средства на граѓаните во приватните фондови.

 

Filed Under: Колумни

ПРИЧИНИ И ПОСЛЕДИЦИ ОД ЕКСПРЕСНИОТ КРАJ НА АЛТА БАНКА
ЛАЈКА: ПЕСОТ ТАЛКАЧ КОЈ ИМ ВЕРУВАШЕ НА ЛУЃЕТО
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (202): НЕМА ПАРИ ЗА ВОЈСКАТА
ПOРАЗ И КРАЈ НА ТРАМПИЗМОТ
ДРЖИ ЛИ ПРЕМИЕРОТ ПЕНКАЛО ВО РАКАТА?

Најново

  • ПРИЧИНИ И ПОСЛЕДИЦИ ОД ЕКСПРЕСНИОТ КРАJ НА АЛТА БАНКА
  • ЛАЈКА: ПЕСОТ ТАЛКАЧ КОЈ ИМ ВЕРУВАШЕ НА ЛУЃЕТО
  • ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (202): НЕМА ПАРИ ЗА ВОЈСКАТА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet