ЕМИЛИЈА ЦЕЛAКОВСКА
Констатиран учебнички факт е дека во популистички и десничарски наративи, интелектуалците и независните експерти се перцепираат како закана. Политичарот сака да има монопол врз вистината и врз спасувањето на народот. Кога професор ќе излезе со проверливи научни факти, го нарушува политичкиот пиар и затоа, десничарот има потреба да го деградира професорот, но не преку дебата за фактите (бидејќи таму функционерот губи), туку преку етикетирање и дискредитација на личноста или мотивите на професорот
„Слободен јавач“ е буквален превод од англискиот free rider, кој кај нас звучи крајно неприродно и не го пренесува вистинското значење.
Free rider е оној што искористува јавно добро или туѓ труд без да вложи ништо (корисник без придонес, гребатор, искористувач…) Фразава потекнува всушност од концептот за слеп патник, некој кој се шверцува за превоз.
Во овој случај, професорот го прави токму спротивното – дава јавно добро (своето долгогодишно експертско знаење за микробиологијата) целосно бесплатно и доброволно, за заштита на јавното здравје. Да се нарече ваков човек „искористувач“ преку „слободен јавач“ е концептуална, логичка и МОРАЛНА бесмислица.
Министерот, патем, се откажа од САМО free rider односно само да каже дека професорот дејствува „на своја рака“, надвор од официјалните институционални канали или дека ја алармира јавноста без институционална контрола. Туку дополнително го изблу токсичното „… на епидемијата”. Намерно, откако виде дека нешто не му штима со буквалистичкиот превод на сосем друг концепт од „слободен стрелец”. Намерата е со цел да имаме асоцијација по „звучност” дека професорот е тој што е „јавач на апокалипсата”. Од вистинското „слободен стрелец“ што е вообичаен термин кај нас за тоа што му притекна да каже прво, тој натна чист ад хоминем, згора над бесмислицата free rider: „Слободен јавач на епидемијата“! Што ти се вика инаетлив десничарски double down!
Така доаѓаме до механизмите на свеста и несвеста на министерот кои ја издаваат вистинската политичка и психолошка заднина. Гафот „слободен јавач” и самиот, без „…на епидемијата”, е пример за како антинтелектуалните матрици се разоткриваат автоматски преку јазикот, особено во кризни ситуации.
Констатиран учебнички факт е дека во популистички и десничарски наративи, интелектуалците и независните експерти се перцепираат како закана. Политичарот сака да има монопол врз вистината и врз спасувањето на народот. Кога професор ќе излезе со проверливи научни факти, го нарушува политичкиот пиар и затоа, десничарот има потреба да го деградира професорот, но не преку дебата за фактите (бидејќи таму функционерот губи), туку преку етикетирање и дискредитација на личноста или мотивите на професорот.
Исто така, тонот на гафот го открива судирот меѓу авторитетот на функцијата и авторитетот на знаењето. Министерот има моќ дадена од функцијата, но професорот има моќ дадена од знаењето. Во кризни ситуации (како загадена вода), јавноста, јасно, му верува на знаењето. Ова кај функционерот предизвикува типичен комплекс на пониска вредност. Во недостаток на стручен капацитет да му парира на професорот, тој се брани со ароганција.
Можно е и дека управувањето со кризата во Гостивар го гледа како „негов автобус“, па сега професорот што се вклучи јавно за да помогне, овој го доживува како некој што се качил во „неговиот автобус“ без да плати билет (без да биде дел од партијата, хиерархијата или институцијата). Министерот не гледа човек што помага, туку гледа човек кој му го краде вниманието. Заедно со муабетите за лајкови е јасно сега дека тука се работи за чиста проекција.
Имено, десничарите не можат да процесираат дека некој може да зборува јавно од чист алтруизам, етика или грижа за здравјето на граѓаните. Затоа, овој конкретен вмровски функционер го проектира сопствениот мотив врз професорот. За министерчо, д-р Пановски не е микробиолог кој јавно помага со факти, туку за него, тој е конкурент што му ги краде лајковите на Фејсбук! Типично десничарско егоцентрично мерење на сите луѓе според сопствен аршин.
А министерот си знае дека во партијата му има многу вистински free rider-и (гребатори), луѓе кои без знаење и труд уживаат државни функции, привилегии и моќ на грбот на даночните обврзници. Нарекувањето на докажан научник само на побенигната асоцијација free rider (и без асоцијацијата of the apocalypse) е класично проектирање на сопствените маани, а и на познатите свои од партијата. Воедно тоа е и признание дека, просто, идеологијата и вистинската научна експертиза им се тотално одвоени како масло и вода. За малигниот дел „… на епидемијата”, за тоа неписмено правење паметен, не треба ни да се дискутира понатаму. Сѐ е јасно, и неписменоста, и антиинтелектуализмот, и фашизоидноста околу – и проблемот, и експертот.
Со оглед на тоа што ваквите политички напади и етикетирања можат сериозно да ги демотивираат другите вистински стручњаци да зборуваат јавно кога има проблем, граѓаните и медиумите треба да реагираат за да ги заштитат и дури и да ги поттикнат!
(од ФБ статусот на авторката)




