Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

КАКО ПРОПАДНА СОНОТ ЗА ШТИПСКИОТ КАРГО-АЕРОДРОМ

September 11, 2026 Filed Under: Фељтон

По повеќегодишни детални испитувања и метеоролошки анализи, беше потврдено дека ветерот во тој регион ја прави изградбата и безбедното оперирање на ваков аеродром технички неизводлив

МЕСТО ЗА АЕРОДРОМ Овој простор се наоѓа кај селото Мустафино, сега преплавуван со сончеви колектори

Во историјата на македонската инфраструктура, Овчеполието долго време беше замислувано како стратешка клучка што ќе ја позиционира државата на светската воздухопловна мапа. Идејата за изградба на нов, модерен карго и цивилен аеродром кај Штип требаше да биде одговорот на сите ограничувања што ги наметнуваше скопскиот аеродром, но денес, наместо авионски писти, на тие ливади се издигаат фотоволтаични панели. Во продолжение ја пренесуваме приказната за тоа како пропадна овој мегапроект, низ сведоштвата на поранешниот директор на воздухопловните власти, Зоран Крстевски.

овиот аеродром требаше да почне да се гради во 2009 година и да биде готов за 5 години

Мустафино е одределена како идеалната локација за македонскиот „Airport City“, но наводните ружи од ветрови го урнаа проектот

Сега таму е поставен соларен парк, а парите за изградбата од ТАВ се расцепкаа меѓу сите македонски општини за улици, канализации и друга инфраструктура

За да се разбере потребата од нов аеродром во Штип, мора да се согледаат апсурдните почетоци на цивилното воздухопловство во независна Македонија. Кога Зоран Крстевски стапил на функцијата директор во 1993 година, скопскиот аеродром во официјалните катастарски документи се водел како „свињарска фарма“ .

– Кога јас дојдов за директор во 1993 година, скопскиот аеродром се водеше во документите како „свињарска фарма“! Со катастарот уште не беше средено. Бидејќи тука беше воен аеродром, имаше 40 капонери (места за авиони) и во тој реон постојано имаше стационирано околу 5.000 војници. Југословенската доктрина била таква што, бидејќи ние граничевме со империјализмот, нели, ако дојдеше до напад првата одбранбена линија е аеродромот. Затоа тука имаше многу војска. Меѓутоа, таа писта е поставена воено, така што практично нема слетување од двете страни – со цел да се забави евентуалниот напад, на пример на десантен авион, па тој да мора да врти околу за да биде соборен од силите на противвоздушната одбрана (ПВО).Зад границата од 12 аеродромски хектари се протегале уште 220 хектари воен дел, што ги правело дури и најобичните поправки на пукнати водоводни цевки невозможна мисија без посебни воени дозволи во првите години, вели Крстевски.

– Па затоа беше мојот предлог да се направи аеродром што го викаа „штипски“ или карго-аеродром. Всушност, локацијата кај селото Мустафино е идеална локација за добар цивилен аеродром, бидејќи има простор за писта од 4 километри. Оваа писта во Скопје е 3 километри употреблива и има инструментално слетување само од една страна. Тоа значи дека авионот, за да дојде во Македонија, мора да врти и да се намести. Прелетот над Македонија трае 4 минути, а тој се мести 10 до 15 минути за да може да слета, бидејќи пристапот не е отворен. Турците прифатија, обврската беше Скопје, Охрид и Штип, па после го одложија на 10 години. Се откупуваше земјиште помеѓу Врсаково и Мустафино. Идејата ми беше овој скопски аеродром во тие години (2007-2008) да го користиме уште десетина години, а за 20 години да изградиме нов аеродром со целосна инфраструктура каква што е потребна за модерен аеродром. Тоа подразбира инфраструктура и околу аеродромот, бидејќи обично модерните аеродроми ги нарекуваат „airport city“. Тоа значи дека цел град се развива околу нив како логистика за многу бизниси. Кај нас тоа сè уште не се случи – аеродромот остана таков како што го знаеме од пред 30 години, нема други функции освен да дојдеш и да полеташ или слеташ, објаснува Крстевски.

Сепак, тогашниот премиер Никола Груевски покажал сериозна недоверба и не разбирал зошто аеродромот треба да се гради толку далеку, со оглед на тоа што тогаш за Штип се патувало по стариот пат преку Велес. За да го убеди, Крстевски му ги презентирал деталите за изградба на нов автопат преку Миладиновци до Штип. Изградбата на овој автопат била поставена како клучен инфраструктурен предуслов – не можело да се гради аеродром во ливада. Автопатот конечно беше изграден, но аеродромот не го дочека својот почеток.

– Мислам дека тоа не е добро, бидејќи тоа е единствениот реален простор каде што Македонија може да изгради голем меѓународен аеродром. А зошто ни е потребен таков аеродром? Нашата писта во Скопје е од прва категорија, а Приштина, која порано не ни беше конкуренција во воздухопловството, сега има писта од четврта категорија. Пистите се мерат по тоа каков е пристапот за слетување, колку е тешко да се слета во зависност од топографијата. Прва е најниска категорија, најлоша. Тоа влијае на слетувањето во зимски услови, магла и слични работи. Така што, останавме на најниско ниво во тој сегмент бидејќи останавме со аеродромот тука каде што е, кажа Крстевски.

Клучниот пресврт се случува неколку години подоцна. Иако инвестицијата во Штип беше одложена за десет години, во времето на премиерот Зоран Заев беше донесена политичка одлука средствата наменети за изградба на штипскиот аеродром да се пренасочат. Наместо за капиталниот воздухопловен проект, парите од договорот со ТАВ преку владин ребаланс беа распределени на локалните самоуправи за покривање на долговите на општините и за локални проекти. Прашан дали ваквиот чекор воопшто беше дозволив, поранешниот директор Крстевски кусо одговара: „Јас тоа сега не би го коментирал“.

Наместо голем меѓународен аеродром кој би ја раздвижил економијата во источниот дел на државата, просторот меѓу Врсаково и Мустафино денес се користи за изградба на фотоволтаична централа. Крстевски предупредува дека ова е стратешка грешка, бидејќи тоа беше единствениот реален простор каде што Македонија во иднина можеше да изгради вистински голем меѓународен аеродром.

На прашањето дали засекогаш се пропушти шансата Македонија да добие нов, современ цивилен аеродром, Крстевски со одговор:

– Доколку имаме некој посериозен развој во авијацијата, треба повторно да се актуелизира. Од Миладиновци до местото каде што требаше да биде аеродромот, има уште само 10 минути со кола, вели Зоран Крстевски.

Околу 49,7 милиони евра за изградба на нова аеродром, што требаше да го гради турската компанија ТАВ, беа пренаменети за реализација на над 90 инфраструктурни проекти, како што се водоводи, градинки и училишта низ државата.

Никола Груевски по губењето на власта и доаѓањето на СДСМ на власт со Зоран Заев за премиер, вината ја префрли на неговите политички противници.

„Заев заради лична корист се откажа од готов проект, со решени имотно-правни односи на земјата каде требаше да се изгради аеродромот за која буџетот плати со парите од народот, а истата земја заради лукративни причини ја дадоа на некој нивни пајташ за да си стави сончеви панели, на веќе потпишан цврст договор за инвестирање на концесионерот ТАВ, што значи немаше да има трошоци на буџетот за новиот аеродром, кој после 2028 година со доинвестирање од следниот концесионер, од карго можеше да се претвори во нов главен аеродром на 30 минути возење од Скопје, на место каде нема појава на магла“, реагираше Груевски.

Официјално, главната причина за откажување на изградбата на карго аеродромот во Штип беа неповолните метеоролошки услови, односно силните ветрови и нивниот правец на таа локација. По повеќегодишни детални испитувања и метеоролошки анализи, беше потврдено дека ветерот во тој регион ја прави изградбата и безбедното оперирање на ваков аеродром технички неизводлив. Освен тоа, како што беше образложено, втора причина е и економската и финансиската неодржливост.

(Канал 77)

Filed Under: Фељтон

ПОДМОЛНА МАНИПУЛАЦИЈА СО ДАТА ЦЕНТРИТЕ
КОСТАДИНОВСКИ ВОЗВРАТИ СО ДОМАШЕН „ФОЛКЛОР“ НА БРУКАТА ОД СТРАЗБУР
МAРИН ЛЕ ПЕН ПРЕД ТЕЖОК ИЗБОР: ВЕТУВАЊАТА ШТО И НОСАТ ГЛАСОВИ ГО ПЛАШАТ ДЕЛОВНИОТ СВЕТ
СЛОБОДАН ШНАЈДЕР, ПИСАТЕЛ: ПОДОБРО МИСЛАМ ЗА ТИТО ДЕНЕС ОТКОЛКУ ТОГАШ
МРАЧНОТО ДОБА И ФИЛМОВИТЕ НА БЕЛИТЕ ТЕЛЕФОНИ

Најново

  • ПОДМОЛНА МАНИПУЛАЦИЈА СО ДАТА ЦЕНТРИТЕ
  • КОСТАДИНОВСКИ ВОЗВРАТИ СО ДОМАШЕН „ФОЛКЛОР“ НА БРУКАТА ОД СТРАЗБУР
  • МAРИН ЛЕ ПЕН ПРЕД ТЕЖОК ИЗБОР: ВЕТУВАЊАТА ШТО И НОСАТ ГЛАСОВИ ГО ПЛАШАТ ДЕЛОВНИОТ СВЕТ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet