АНА АНАСТАСОВСКА
Пред повеќе од една деценија, во „Грујово време“, тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески во една од „бомбите“ зборуваше за државното трошење со реченицата која остана запаметена: „Ние сме лудаци, трошиме на чоколадо, а немаме леб.“ Денес сме 2026 година. Владите се менуваат, политичарите се менуваат, но прашањето за приоритетите останува исто
Помина и 8 Септември. Славевме цел месец, се забавуваме. Триесет и пет години независна Македонија не се малку. Тоа е наша историја, наши победи, наши разочарувања, наши луѓе. Треба да има музика, треба да има прослава, треба луѓето да излезат и да почувствуваат дека имаат заеднички датум кој вреди да се одбележи. Но, по еуфоријата, по светлата и огнометот, останува едно неодговорено прашање: Колку чинеше? И зошто мораше баш вака?
Зошто за 35 години македонска независност мораше да се носат Дејвид Гета и Хозе Карерас?
Пред повеќе од една деценија, во „Грујово време“, тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески во една од „бомбите“ зборуваше за државното трошење со реченицата која остана запаметена: „Ние сме лудаци, трошиме на чоколадо, а немаме леб.“ Денес сме 2026 година. Владите се менуваат, политичарите се менуваат, но прашањето за приоритетите останува исто.
Зошто за 35 години македонска независност мораше да се носат Дејвид Гета и Хозе Карерас?
Не дека тие не се големи светски имиња. Напротив. Токму затоа прашањето е уште поголемо. Според една јавна процена, богатството на Дејвид Гета се проценува на околу 85 милиони евра. Тоа не е официјален податок и не треба да се претставува како таков, но доволно зборува за каков музички бренд станува збор.
И сега, во држава во која за многу работи секојдневно слушаме дека „нема пари“, граѓаните имаат право да знаат колку чинеше еден настап на светска ѕвезда на државна прослава. Колку чини Гета? Колку чини Хосе Карерас? Колку чини целата продукција? Колку добија домашните изведувачи? Колку чини организаторот? И колку, на крајот, ја чинеше државата целата прослава?
На 27 мај владината портпаролка Марија Митева рече дека Владата нема што да крие и дека, по завршувањето на настаните, јавноста ќе биде информирана за сите детали, но дека во тој момент сумите не можат да се објават поради договорни клаузули. Во ред, чекаме.
Не е проблем тоа што Владата решила да потроши пари за култура. Не е проблем ниту тоа што државата направи голем спектакл. Но, јавните пари не се пари без сопственик. Тоа се пари на граѓаните. А граѓаните имаат право да прашаат дали можело и поинаку. Зошто на прославата на независноста не можеше да има многу поголем простор за македонските музичари? Зошто нашите изведувачи не можеа да бидат главните ѕвезди на вечерта?… се само дел од прашањата што се наметнаа во јавноста. Имаме музичари со кои можеме да се гордееме. Имаме оркестри, оперски уметници, пејачи, бендови и млади луѓе кои заслужуваат голема сцена. Можеби немаше да има Гета. Но можеби ќе имавме прослава што повеќе личи на нас.
И тука доаѓа и она непријатно прашање: што можеше да се направи со парите што се потрошија за овој скап спектакл?
Додека државата плаќа за светски ѕвезди, онколошките пациенти бараат навремена и континуирана терапија. Пациентите со ретки болести бараат лековите да ги има кога им се потребни. Дијабетичарите бараат сензори и инсулински пумпи. Болниците бараат опрема. Итната помош бара возила и опрема. Пожарникарите бараат заштитна опрема. Земјоделците бараат механизација, наводнување и помош за да го зачуваат производството. Ѓубрето немаме со што да го собереме и улиците со што да ги измиеме. Не дека еден концерт може да ги реши сите овие проблеми. Но, секој денар потрошен за едно нешто е денар што може да се потроши за нешто друго. Тоа е суштината.
Владите се менуваат, политичарите се менуваат, но прашањето за приоритетите останува исто. Дали ни треба и чоколадо? Секако дека ни треба. Луѓето не треба само да преживуваат. Треба и да живеат, да се забавуваат, да слушаат музика, да одат на концерти, да слават. Но, проблемот е кога за „чоколадото“ има пари, а за некои многу посериозни работи секогаш треба да чекаме следен буџет, следен тендер, следна година.
И затоа ова не треба да биде приказна „за или против Гета или Карерас“. Тие се само симбол. Симбол за прашањето колку сме подготвени да платиме за спектакл, во време кога државата има долгови, дефицит и огромни обврски. Самото Министерство за финансии наведува дека во 2026 година државата треба да отплати околу 1,56 милијарди евра по основ на доспеани обврски и камати, покрај финансирањето на буџетскиот дефицит.
Затоа, нека има прослава. Нека има музика. Нека има радост. Но нека има и сметка. Зашто независноста не значи само да можеме да си донесеме кого сакаме на сцена. Независноста значи и граѓаните да можат да ја прашаат сопствената власт: „Колку плативме?“ И да добијат јасен одговор. Тоа не е расипување на прославата. Тоа е демократија.
(sloboden.mk)




