Со правилник од минатиот век, од деведесеттите години, за телевизија, се обидуваат да регулираат платформа, како што е да речеме Тик Ток. Едноставно е неприменливо. Тоа е мојата прва реакција. Целата регулатива е пресликана од телевизијата

Алгоритамот на социјалните мрежи го предизвика Правилникот за инфлуенсери на АВМУ, па нам на новинарскиот feed ни „се појави“ Миле Паника. На Правилникот реагираа инфлуенсерите, па Владата се повлече, и во смирена атмосфера разговаравме со НЕ-инфлуенсерот Бранко Огњановски. Тој не беше многу говорлив со „сториња“ додека траеше еуфоријата, но има јасни ставови за моралната и општествена одговорност на инфлуенсерите, формите за регулација, кои неопходно треба да ги вклучат пред сѐ платформите, да се има разбирање за дигиталната индустрија, бидејќи „она што го прави Правилникот е вештачки стеснување на реалноста, ја игнорира напредната индустријата, и се обидува да ја врати дигиталната економија во стар медиумски калап. А тоа е стратешка кратковидост“.
Повод за разговорот е Правилникот за работа на инфлуенсерите, по кој реагираа инфлуенсерите, а Владата ретерираше. Но, на почетокот да прашам: дали се евидентиравте во регистарот на инфлуенсери, бидејќи на Вашиот профил имате повеќе од 10.000 следбеници? Рокот беше до крајот на минатата година.
– За тој правилник се информирав од вас, за потребите на ова интервју. И за мене вистинското прашање е дали тој правилник кореспондира со условите и дигиталната ера во која што живееме, првенствено затоа што креаторите на социјалните мрежи ги поистоветуваат со медиуми, односно со телевизии, а тоа тие не се. Првенствено, органот што го донел тој правилник, АВМУ, не треба да им даде „концесија“ или да добијат лиценца од нив за работа, па како тогаш може да ги регулира или има потреба да ги регулира? Да не се разбереме погрешно, никој нема проблем со регулација, туку начинот на кој е предложено да се направи регулацијата е неприменлив и нема да користи за потребата за која што го направиле, а тоа е заштита на јавниот интерес.
Повеќе од 30 години сте во медиумскиот свет, како реагирате на оваа идеја за регулирање на медиумскиот пазар на инфлуенсерите и креаторите на аудио и аудиовизуелни содржини (по слободна проценка кај нас има повеќе од 1.000)?
– Со правилник од минатиот век, од деведесеттите години, за телевизија, се обидуваат да регулираат платформа, како што е да речеме Тик Ток. Едноставно е неприменливо. Тоа е мојата прва реакција. Целата регулатива е пресликана од телевизијата, која што е медиум, а овде инфлуенсерите, односно дигиталните креатори, се поистоветуваат со медиум, што во суштина не се, затоа што платформите што ги користиме се медиум Тик Ток, Инстаграм, Мета, Јутјуб… И главниот правец на државата треба да биде како што е направено во ЕУ со RDA (Regulation for Digital Act) односно, регулација на дигитални услуги и неопходно е државните институции да направат релација со нив за да може да ги применуваат законите локално, тука. Па така, доколку има одредени содржини кои се косат со нашата регулатива, лесно ќе може да се тргнат од таму.
Инаку, инфлуенсерите се само мал дел од таа голема дигитална индустрија која секаде во светот зема огромен замав, а ние, секако, сме последни во регионот, не само во светот. А ако некој смета дека креаторот на содржината е уредник, тогаш малку се лаже, затоа што во последно време уредник на содржината е алгоритамот на платформата и тој одредува кој ќе ја види, каде ќе ја види, во кој дел од светот ќе ја види и во кој временски период ќе ја види.
Денес видеата одат кај НЕ – следбениците. Досегот не зависи од бројот на следбеници, мал профил може да има огромен досег (reach) голем профил може да има минимален досег. Регулацијата според бројот на следбеници е технолошки застарена и логички погрешна, создава селективна регулација и нееднаквост со другите креатори. Најголем дел од содржината што ја консумираме доаѓа од странство. За илустрација, ако некој од Скопје го емитира Бака Прасе ќе биде регулиран, а оригиналниот Бака Прасе ќе продолжи да се гледа тука, без македонска регулација и на тој начин оригиналот останува недопрен.
Реакциите на инфлуенсерите се осврнаа и на плаќањето на 0,5 % од годишниот профит кој што го остваруваат. Вам што сé ви е спорно?
– Најмал проблем се тие 0, 5% ако имаме соодветен механизам на регулација. Инфлуенсерите се издвојуваат од цела една група на креатори и корисници на социјални медиуми, иако сакам да напоменам дека ние сега се сетивме да ги регулираме, иако тие веќе се застарен модел на комуникација. Денес не постојат само инфлуенсери. Се изгради цела нова дигитална економија и индустрија во подем, во која што компании градат бренд преку социјални мрежи, мали бизниси и занаетчии продаваат директно преку контент (содржина), уметници и креативци градат публика без посредник, новинари градат лични канали и њузлетери, а политичари комуницираат директно со граѓаните. Експерти, тренери, едукатори градат персонални брендови. Сите тие се креатори на содржини, но не се инфлуенсери во класична смисла. И секој се бори за внимание во тој дигитален простор. Овој правилник вештачки ја стеснува реалноста, ја игнорира новата индустрија, се обидува да ја врати дигиталната економија во стар медиумски калап. Тоа е стратешка кратковидост.
Меѓу клучните елементи според Правилникот и Водичот, содржината треба јасно да е обележана кога таа е спонзорирана или е реклама, таа содржината треба да се знае за која возрасна група е наменета, да е достапна за лицата со попреченост… Како Ви звучат ваквите обврски?
– Според динамиката на функционирање, не е возможно да се прави обележување на содржината, но да не ме разберете погрешно, јас сум за обележување на рекламите, ама не за бирократизација. Транспарентност на платени содржини – тоа го поддржувам, но копирање на ТВ обврски – никако. Бирократски регистри – не. Административен притисок на креатори, никако. Тоа ќе биде само контрапродуктивно за сите.
Секоја држава се бори за локална продукција, содржина на мајчин јазик, дигитален културен простор. Овој Правилник создава административен притисок и обесхрабрува нови креатори. Ги тера да се префрлат на друг јазик и го намалува македонскиот дигитален простор. Наместо да се стимулира македонски дигитален контент, тој се казнува. Во дигитална економија креатор може да се регистрира во друга држава и да создава контент на македонски јазик и формално да не подлежи на оваа регулација. Најпрофесионалните ќе се изнесат надвор, а државата ќе изгуби и контент и увид во контентот. Така што, овие барања се неприменливи во пракса. Возрасната категоризација на содржината, формалната пристапност, административните форми, повторно ќе споменам, дека се копирани од телевизија и технички се тешки и се спротивни на динамиката на алгоритамот.
Со оваа регулатива, македонските креатори на содржина стануваат помалку конкурентни од странските. Ќе се казнуваат видливите, а не влијателните. Влијанието денес се мери со виралност, енгејџмент, споделување и колку алгоритамот ќе ја поддржи содржината. Правилникот таргетира бројка, а не реално влијание. Уште еден битен проблем што го гледам, во сите европски земји, секој се бори да има што повеќе контент на својот јазик, да си го сочува јазикот и да си го сочуваат влијанието што го имаат. Дури и ги стимулираат да создаваат содржина, а со оваа мерка ќе се направи спротивен ефект. Дури и она малку што го креираме на македонски јазик, ќе изостане, ќе ги обесхрабриме другите.
Ако инфлуенсерите се „јавен глас“, каква е нивната одговорност за секој кажан збор, знаејќи дека тие го обликуваат јавното мислење? Не ретко тие продуцираат содржини кои допираат ранливи категории на лица (ЛГБТ, лица со попреченост…), а промовираат ставови за сензитивни политички прашања.
Секој креатор носи морална и општествена одговорност. Јас мислам дека треба да се поработи на решение „Кодекс за инфлуенсери и дигитални креатори“ кој ќе го почитуваат сите, отколку правилник. Дезинформациите ни се погрешна мета. Дезинформациите и странските влијанија не се локален феномен, тие доаѓаат преку глобални платформи. Затоа мислам дека регулацијата со платформите на повисоко ниво ќе биде најполезна, за да не се ловат поединечно „комарци“ во воздухот. И потребно е системско работење на критичко размислување. Искрено, очекував нашите институции да се модернизираат и да се прилагодат на времето во кое што живееме, а не да прават дополнителни опструкции и административни притисоци, бидејќи сето ова нема да даде никаков ефект. Ајде една аналогија, како да сме ставиле семафор на нашата улица овде, пробуваме да го регулираме, а ништо друго не е регулирано. Имаш огромен автопат, луѓе одат со авиони, со сé, ама ние ставивме семафор на раскрсницата и ќе се обидеме да регулираме нешто.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Ана Зафирова Арсеновска
(respublica.edu.mk)




