Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ОЦЕНКИТЕ СЕ ПОСЛЕДНОТО НЕШТО НА ШТО ТРЕБА ДА СЕ ФОКУСИРАМЕ ВО НАСТАВАТА

September 17, 2026 Filed Under: Македонија

Би сакала да видам многу промени во наставата, би сакала учениците да немаат отпор кон училиштето, тоа да не им биде фрустрација, туку поттик што ќе ги развие нивните интереси и потенцијали, вели професорката Калина Малеска, која ја приреди и уреди книгата „Поттикнување функционална писменост во наставата“

КАЛИНА МАЛЕСКА Се учат само веќе утврдените сознанија, но не и начините на кои научниците дошле до нив. Тоа придонесува целосно некритички да се усвојуваат знаења

Годинава беше објавена книгата „Поттикнување функционална писменост во наставата“, заеднички труд на универзитетски професори од „Филолошки факултет“ во Скопје, наставници од основно и средно образование и од Бирото за развој на образованието. Вкупно 23 просветни работници се вклучени во изданието што е резултат на истоимениот научноистражувачкиот проект „Функционална писменост- активности и развој“, поддржан од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а книгата ја приреди и уреди проф. Калина Малеска.
За мотивите да се објави еден ваков труд, разговараме со професорката Калина Малеска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
– Главниот мотив беа личните искуства од образованието низ кое сме поминале и ние од нашата генерација, но и нашите деца. Мислам дека во односот кон она што се учи, како се учи и кои пристапи се употребуваат во наставата, многу малку се има сменето од осумдесеттите досега. Кога поблиску се запознаваме со образовната дејност, се добива впечаток како главната цел на образованието да е учениците на крајот на годината да имаат оценки. Сметам дека оценките се последното нешто на кое треба да се фокусираме во наставата. Многу поважно е она што се случува во училницата во текот на учебната година. Колку што ми е мене познато, речиси и да нема отворени дискусии меѓу образовните работници и учениците за тоа зошто се учи одреден предмет, зошто е важен, кои се методите со кои се доаѓа до сознанијата во тој предмет. Се учат само веќе утврдените сознанија, но не и начините на кои научниците дошле до нив. Тоа придонесува целосно некритички да се усвојуваат знаења и некритички да се верува во она што се чита, што е очигледно толку многу раширено и меѓу децата и меѓу возрасната популација, и секојдневно ги чувствуваме негативните последици од тоа бидејќи на таков начин, со слепо верување во сѐ што ќе се прочита, човек станува лесна цел на манипулации – изјавува Малеска.

Во училниците се негува послушност наместо љубопитност

Според неа, во односите во училницата обично се негува послушност и молчење наместо љубопитност, креативност и преиспитување.
– Исто така, сметам дека треба да се направат сериозни промени и во однос на ангажирање повеќе училишни психолози и начините на кои тие би можеле да им помогнат на учениците. Тешко ми е да издвојам најитни точки бидејќи сите овие работи што ги споменав – и оценките и учењето и односот меѓу наставниците и учениците – се меѓусебно поврзани, па би рекла дека се еднакво итни. И тоа зборувам само за онаа област со која потесно се занимаваме во рамките на активностите за функционална писменост, а има и огромен број други полиња во образованието во кои се потребни промени: учебници, услови во училиштата, односот на државата кон наставниците и многу други – додава Малеска.
Во публикација се вклучени 23 просветни работници и нивните искуства биле одлучувачки за моделите што ги нуди изданието.
– Соработката меѓу просветните работници од различни нивоа на образование се покажа како многу успешна во смисла на добивање сознанија за конкретните ситуации со кои сите се среќаваме. Во разговорите се виде дека иако многу предизвици ни се заеднички, сепак имаше и многу работи што не ги знаеме едни за други, а се специфични за одредено ниво на образование, или дури и за одредени околности во училиштата. Некои од идеите за можни позитивни промени за кои дискутиравме можеа да се применат, но за некои утврдивме дека не можат да се применат и покрај целиот труд и добра волја бидејќи зависат и од многу други фактори надвор од нашиот домет, кои се поврзани, на пример, со условите во училницата, големината на одделенијата/класовите, односот на институциите кон наставниот материјал, и така натаму, што значи дека се потребни промени и пошироко во областа на образовни политики – објаснува Калина.

ПУБЛИКАЦИЈА Зад оваа книга стојат 23 просветни работници
Годинава беше објавена книгата „Поттикнување функционална писменост во наставата“, заеднички труд на универзитетски професори од „Филолошки факултет“ во Скопје, наставници од основно и средно образование и од Бирото за развој на образованието. Вкупно 23 просветни работници се вклучени во изданието што е резултат на истоимениот научноистражувачкиот проект „Функционална писменост- активности и развој“, поддржан од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а книгата ја приреди и уреди проф. Калина Малеска.
За мотивите да се објави еден ваков труд, разговараме со професорката Калина Малеска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
– Главниот мотив беа личните искуства од образованието низ кое сме поминале и ние од нашата генерација, но и нашите деца. Мислам дека во односот кон она што се учи, како се учи и кои пристапи се употребуваат во наставата, многу малку се има сменето од осумдесеттите досега. Кога поблиску се запознаваме со образовната дејност, се добива впечаток како главната цел на образованието да е учениците на крајот на годината да имаат оценки. Сметам дека оценките се последното нешто на кое треба да се фокусираме во наставата. Многу поважно е она што се случува во училницата во текот на учебната година. Колку што ми е мене познато, речиси и да нема отворени дискусии меѓу образовните работници и учениците за тоа зошто се учи одреден предмет, зошто е важен, кои се методите со кои се доаѓа до сознанијата во тој предмет. Се учат само веќе утврдените сознанија, но не и начините на кои научниците дошле до нив. Тоа придонесува целосно некритички да се усвојуваат знаења и некритички да се верува во она што се чита, што е очигледно толку многу раширено и меѓу децата и меѓу возрасната популација, и секојдневно ги чувствуваме негативните последици од тоа бидејќи на таков начин, со слепо верување во сѐ што ќе се прочита, човек станува лесна цел на манипулации – изјавува Малеска.

Публикацијата става акцент на развивање на критичкото размислување
Во јавноста често се зборува за слабите резултати на македонските ученици на меѓународните тестирања, како ПИСА. Ја прашавме Малеска дали проблемот е во начинот на кој се предава, во начинот на кој учениците учат или во нешто друго?
– Реално, многу е тешко да се определи некаква прецизна причина бидејќи во прашање се многу фактори што истовремено дејствуваат. ПИСА е стандардизиран тест и не значи дека е единствен или најрелевантен показател за знаење или начин на решавање проблеми, но е еден од индикаторите бидејќи прашањата се темелат на логично размислување, поврзување информации и барање аргументирани објаснувања. Сите што учествувавме во проектот имаме доволно искуство за да утврдиме дека почетната точка за подобрување секако се методите на настава. Затоа, во проектот се обидовме токму тоа да го измериме: да видиме дали при промена на методите на предавање би се сменило нешто во резултатите од тој вид прашања со размислување, споредување информации и донесување заклучоци, какви што се наоѓаат во тестовите на ПИСА. Но, како филолози, овие методи ги применивме само во рамките на еден предмет, и само во неколку одделенија/класови. Тоа секако не е доволно. Во резултатите пред и по примената немаше големи разлики, и тоа секако упатува на тоа дека треба да се направат многу потемелни истражувања за да се види на што се должат таквите резултати, па потоа да се работи на одредени позитивни промени. Но ваква можност, да се направи истражување во повеќе училишта, во наставните методи во сите предмети во текот на целата година, имаат само институциите како што е Министерството за образование и наука, на пример – изјавува Калина.
Публикацијата става акцент на развивање критичко размислување и поврзување на знаењата.
– Тврдам дека овие принципи можат да се применат на буквално секоја лекција и во сегашните наставни програми. Промена во наставните програми е исто така една голема тема за која се неопходни дискусии и преземање конкретни дејства, но дури и во наставните програми, онакви какви што се во моментов, може да се применат принципите на критичко размислување, аргументирање, спротивставување различни гледишта, споредување информации за истата тема од различни извори, поврзување на знаењата од различни области и со секојдневниот живот. Предложените модели во книгата „Поттикнување функционална писменост“ на почетокот ги набројуваат, а во текот на текстот и подетално ги претставуваат начините на кои конкретни наставни методи ги применуваат овие принципи преку материјалот. Во областа во која работам, на пример, а тоа е книжевност, наместо однапред да се наметнува одредена интерпретација која е најшироко распространета, може да се организира дискусија со прашања во која секој го пренесува своето гледиште за прочитаното, или да се дадат три или четири извадоци од текстови во кои различни критичари кажале нешто за делото, а дури на крај да им се објасни на учениците кое толкување е широко прифатено и зошто е тоа така – објаснува нашата соговорничка.
Според неа, успех на публикацијата би било ако се чита и се применуваат методи поттикнати или инспирирани од неа, ако претставува појдовна точка од која потоа секој го приспособува материјалот на свој начин.
– Би сакала да видам многу промени, би сакала учениците да немаат отпор кон училиштето, тоа да не им биде фрустрација, туку поттик што ќе ги развие нивните интереси и потенцијали. Книгата ја изработивме во електронска форма за да биде достапна секому, секаде и во секое време, може и да се преземе, не мора да се користи онлајн. Што се однесува до примената, тоа останува на доброволна основа – дополнува Малеска.

(fakulteti,mk)

Filed Under: Македонија

ПОНУДАТА ЗА КРИВОЛАК ПРЕД НАШАТА ЕУ ИНТЕГРАЦИЈА
35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ: ПОВЕЌЕ ВО РЕЦЕСИЈА ОТКОЛКУ СО ВИСОК РАСТ
КОЛИНДА ГРАБАР – КИТАРОВИЌ ЗА БАЛКАНСКИТЕ ПЕРСПЕКТИВИ ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ
НА ЛИДО ДОМИНИРАА ФИЛМОВИ ПОСВЕТНИ НА ЖЕНСКИТЕ СУДБИНИ
11 СЕПТЕМВРИ: ЛУЃЕТО ВО ЊУЈОРК ПРОДОЛЖУВААТ ДА УМИРААТ

Најново

  • ПОНУДАТА ЗА КРИВОЛАК ПРЕД НАШАТА ЕУ ИНТЕГРАЦИЈА
  • 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ: ПОВЕЌЕ ВО РЕЦЕСИЈА ОТКОЛКУ СО ВИСОК РАСТ
  • КОЛИНДА ГРАБАР – КИТАРОВИЌ ЗА БАЛКАНСКИТЕ ПЕРСПЕКТИВИ ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet