Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

СЛАВЕСКИ ТРЕБАШЕ НАВРЕМЕ ДА СЕ СЕТИ КОЈ Е МАЦУРА

November 5, 2026 Filed Under: Колумни

ВЕСНА ДАМЧЕВСКА

Во јавноста остана да лебдат две клучни прашања: дали проблемот се случил пред самиот проблем и дали е лекот во ограничувањето на повлекување на пари од само 10.000 денари и „привременото затворање на шалтерите“?

Како се одвивала проверката на сопственикот на Алта банка, кога ја преземал поранешната Стопанска банка Битола? Особено што во српската јавност имаше многу информации за сопственикот Давор Мацура, и тоа во најразлични контексти

Банкарството почива на доверба. Граѓаните ги оставаат своите пари во банките затоа што веруваат дека некој постојано ја контролира нивната сигурност, дека ризиците се следат и дека институциите ќе реагираат пред проблемот да стигне до нивните сметки.

Кога стравот и сомнежот се вгнездуваат, во банкарството лесно се случува хаос. Кога стигнаа првите вести од Србија дека една банка префрла масовно пари во Македонија, веднаш по падот на Александар Вучиќ, црвот на сомнежот почна да нагризува.

Народот почна да ги вади парите. За неколку дена биле повлечени два милиони евра! По ова реагираше гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Стави кочници и го ограничи вадењето на пари на само 10.000 денари неделно за граѓаните и нула денари за фирмите надвор од прометот на Алта банка.

А по оваа вест, стигна уште пошокантна: Алта банка Битола извести дека од 2 ноември 2026 година (понеделник), експозитурите привремено нема да работат со клиенти, до дополнително известување“.

Ова е повеќе од скандал. Банка, која сѐ уште работи, па макар и под привремена администрација на Народната банка, да ги затвори своите шалтери. Каде пишува дека секој граѓанин мора да има платежна картичка за да може да подигне пари на банкомат, или да си купи храна, или лекови со неа? Колку пензионери сега се оставени на милост и на немилост?

Претходничката на оваа банка важеше и за банка на земјоделците од Пелагонија. Колку субвенции сега „дремат“ на банкарското салдо?! Има ли пилот во авионов!?

Паниката кај народот почна да ги празни сметките на банката. Не е ни чудно што народот губи доверба. Не така одамна ни се случи Еуростандард банка. Сега се случува Алта банка, во која граѓаните имаат депонирано 118 милиони евра. Дефинитивно, не станува збор за мала сума, ниту за банкарски проблем што може да се затвори со едно соопштение или прес-конференција.

Во јавноста остана да лебдат две клучни прашања: дали проблемот се случил пред самиот проблем и дали е лекот во ограничувањето на повлекување на пари од само 10.000 денари и „привременото затворање на шалтерите“?

Во српските медиуми може да се најде вест дека во 2025 година, нивната Алта банка била во фаза на екстремен раст и дека нејзината актива се зголемила за 60 проценти, односно дури за 1,6 милијарди евра за една година. Тоа е период кога ја презеде и Стопанска банка Битола.

Навидум, ништо чудно. Здрава и голема банка ја презеде малата битолска банка која бараше купувач. Но, како воопшто се одвивала проверката на новиот сопственик кога ја преземал поранешната битолска банка? Особено што во српската јавност имаше многу информации за сопственикот Давор Мацура, и тоа во најразлични контексти.

Дали биле земени предвид сите ризици поврзани со групацијата? Банкарскиот надзор не е само контрола на дневните салда и на капиталот. Тој подразбира и постојано следење на сопственоста, поврзаните лица, трансакциите и способноста на сопственикот да обезбеди стабилност. Тоа е лекција која се учи и на факултетет.

Точно е дека банката во Битола е посебно правно лице. Точно е и дека проблемите на нејзиниот мнозински сопственик во Србија не значат автоматски дека и македонската банка е несолвентна. Но правната одвоеност не смееше да стане алиби на Народнаат банка со која првично се послужи.

На 30 октомври Народната банка уверуваше дека банката е ликвидна и дека работи непречено. На 1 ноември воведе привремена администрација. Ако состојбата станала толку сериозна, кога Народната банка го препозна тоа?

Во меѓувреме, граѓаните кружат од еден до друг затворен шалтер. Вртат по банкоматите со своите картички. Размислуваат за тоа дали може да се надмудрат администратуивните бариери на Народната банка.

На социјалните мрежи почнаа да се споделуваат информации дека граѓани кои се обиделе да ја сменат банката кај која им се исплатува плата добиле негативен одговор од работодавачот?! Нема да биде за изненадување и информација ако и пензионери на кои има се исплатува пензијата во битолската банка, се обидат масовно да доставуваат нови сметки од друга банка, каде што ќе сакаат да им се исплати пензијата. Во банкарството, паниката е најлош непријател. Но, колку може сега да се смири топката?

Гувернерот Славески смирува дека имало заинтересирани да ја купат Алта банка Битола. Дали е тоа одговор за сѐ она што ни се случи? Довербата во банкарскиот систем не се брани со уверувања дека сè е под контрола и со нов купувач. Се брани со навремена контрола, транспарентност и одговорност.

(sloboden.mk)

 

Filed Under: Колумни

АНАЛИЗА: СTAТИСТИКИТЕ МЕРАТ ПОМАЛ ЦЕНОВЕН ПРИТИСОК, ТРОШОЦИТЕ ЗА ЖИВЕАЧКА „ГОРАТ“!
ШТО ДОБИВА А ШТО ГУБИ РАБОТНИКОТ АКО МУ СЕ ПЛАЌА ПО ОДРАБОТЕН ЧАС
ЗОШТО МИЛАНОВ СИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА?
КУЛТУРАТА ЈА ОСТАВИЈА НА СТУД, А УМЕТНИЦИТЕ ПРЕД ЗАТВОРЕНИ ВРАТИ!
ПOБЕДАТА НА ЈОТОВА: КОЈ ЈА ОСВОИ ПРЕТСЕДАТЕЛСКАТА ФУНКЦИЈА – РАДЕВ ИЛИ БУГАРИЈА?

Најново

  • АНАЛИЗА: СTAТИСТИКИТЕ МЕРАТ ПОМАЛ ЦЕНОВЕН ПРИТИСОК, ТРОШОЦИТЕ ЗА ЖИВЕАЧКА „ГОРАТ“!
  • ШТО ДОБИВА А ШТО ГУБИ РАБОТНИКОТ АКО МУ СЕ ПЛАЌА ПО ОДРАБОТЕН ЧАС
  • ЗОШТО МИЛАНОВ СИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА?

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet