Пред три години, ВМРО-ДПМНЕ најавуваше петкратно зголемување на буџетот за култура. Денес, наместо ветениот процут, институциите се борат да обезбедат основни услови за работа. Граѓаните заслужуваат одговор: каде се ветувањата, каде се парите и кој ќе преземе одговорност?

Состојбата во културата е алармантна и претставува директен доказ за неспособноста и неодговорноста на актуелната власт!
Во Битола, културните институции се соочуваат со недостиг од гориво за греење. Некои се принудени да се снаоѓаат со клими, додека Центарот за култура, театарот и други установи се соочуваат со сериозни проблеми во реализацијата на своите програми, па дури и со откажување претстави и изведби.
Особено скандалозно е што културните институции што се греат на нафта сè уште немаат склучено договори за набавка на гориво за греење!
Како е можно да започне грејната сезона без обезбедени договори за снабдување на установите? Дали Министерството за култура и туризам навреме ги утврдило потребите и ги спровело потребните постапки за јавни набавки? Кој ќе ја преземе одговорноста ако поради недостиг од гориво бидат загрозени работата на институциите и реализацијата на културните програми?
Греењето не е луксуз, туку основен услов за работа на секоја културна установа. Не може театрите, музеите и центрите за култура да се остават без соодветни услови за работа поради ненавремено планирање и организациски пропусти.
Дополнително, институциите се соочуваат со неплатени сметки за електрична енергија и комунални услуги, а некои немаат ни основни финансиски услови за непречено одвивање на својата дејност.
Особено загрижува фактот што во ребалансот на буџетот не се избришани ставките за режиските трошоци што Министерството за култура треба да им ги исплати на установите, а од друга страна, на самите установи им се порачува овие трошоци да ги покриваат од сопствени средства!
Како може институциите да ги плаќаат сметките за струја, вода и греење од сопствени средства, кога Министерството има обврска да ги финансира нивните режиски трошоци? Средствата се предвидени во буџетот, но установите се оставаат сами да се справуваат со обврските, а одговорноста се префрла врз директорите и вработените.
Ова е апсурд на културната политика на актуелната власт: буџетски средства се предвидени, но институциите немаат сигурност дека ќе можат да ги покријат ниту основните трошоци за функционирање.
Ова не е проблем што може да се сведе само на Битола. Состојбата отвора сериозни прашања за функционирањето на културните институции низ целата држава. Министерството мора да ја објави реалната состојба со договорите за набавка на гориво, долговите и неисплатените обврски кон националните установи.
Пред три години, ВМРО-ДПМНЕ најавуваше петкратно зголемување на буџетот за култура. Денес, наместо ветениот процут, институциите се борат да обезбедат основни услови за работа. Граѓаните заслужуваат одговор: каде се ветувањата, каде се парите и кој ќе преземе одговорност?
Комисијата за култура на СДСМ бара од Министерството за култура и туризам и од Владата:
– Итно да ги завршат постапките за набавка на нафта и друго потребно гориво и да обезбедат навремено снабдување на сите културни институции.
– Да ги објават причините за доцнењето на договорите за набавка на гориво и да утврдат одговорност за пропустите.
– Да ги исплатат режиските трошоци што им ги должат на установите и да престанат да ја префрлаат одговорноста врз нивните сопствени буџети.
– Да ја објават реалната состојба со долговите и неисплатените обврски кон националните установи.
– Да обезбедат редовно плаќање на сметките за електрична енергија, комунални услуги и другите основни трошоци, со цел да се спречат откажувања на претстави, концерти и други културни настани.
Културата не е трошок што треба да се занемари кога власта не знае да управува со буџетот. Таа е темел на идентитетот, образованието, духовниот развој и достоинството на едно општество.
Не може да се зборува за европски вредности, национален идентитет и културен развој, а театрите да бидат студени, договорите за греење да не бидат склучени и културните работници да се оставени во неизвесност.
Власта не смее да ги претвора културните институции во заложници на сопствената неспособност!
Културните работници не заслужуваат празни ветувања. Публиката не заслужува затворени врати. А македонската култура не заслужува ваков однос!
КУЛТУРАТА НЕ СМЕЕ ДА ЗАМРЗНЕ ПОРАДИ НЕОДГОВОРНОСТА НА ВЛАСТА!




