Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

МАНЧЕВСКИ ВО ТОКИО ОТИДЕ СО ШАХТА А СЕ ВРАТИ СО ГЛАВНА НАГРАДА

November 5, 2026 Filed Under: Ревија

Ова е првпат македонски филм да победи на фестивал од А-категорија после „Пред дождот“ на Манчевски во Венеција во 1994 година

ПРЕМИЕРА СО ПРИЗНАНИЕ Манчевски со наградата, продуцентот Ќортошев и актерката Сара Климоска

„Сестра, брат и шахта“, најновиот филм на Милчо Манчевски победи на Филмскиот фестивал во Токио, фестивал од А-категорија. Филмот ја освои главната награда на фестивалот, „Токио Гран при“ (Tokyo Grand Prix).

Ова е првпат македонски филм да победи на фестивал од А-категорија после „Пред дождот“ на Манчевски во Венеција во 1994.

Претседателот на жирито, легендарниот австралиски режисер Ролф де Хер, при доделувањето на наградата го прочита официјалното образложение на жирито:

„За беспрекорното спојување на хуморот, трагедијата и драмата, за човечноста и сочувството што ги покажува кон своите ликови, за сложениот, но кохерентен филм, кој истовремено успева да биде трогателен и разигран, големата награда на Токио – Наградата на гувернерот на Токио за најдобар филм – му се доделува на „СЕСТРА, БРАТ И ШАХТА“.

Манчевски ја сподели радоста од освоената награда и им се заблагодари на сите, кои верувале во создавањето на филмот:

„Многу ми е мило што светот ја сака нашата шахта. Благодарност до феноменалната екипа, глумците, финансиерите, спонзорите – за довербата во еден чуден филм. Ете пример дека истрајноста и правдата победуваат. Напред, шахта!“, изјави Манчевски по доделувањето на Гран при наградата.

На свеченото затворање на фестивалот наградата ја подигнаа главните актери во филмот Сара Климоска, Филип Трајковиќ и продуцентот Јане Ќортошев.

По доделувањето на наградата, на сцената се обрати и продуцентот на филмот, кој во име на авторската и продуцентската екипа им се заблагодари на сите, кои верувале во проектот и го поддржале неговото создавање:

„Во Токио дојдовме со шахта, а во Македонија се враќаме со оваа прекрасна награда. Мислам дека ова е навистина добра зделка! Од неизвесноста дали воопшто ќе успееме да го снимиме филмот, до оваа вечер, кога стоиме тука, во Токио – навистина поминавме долг пат“, изјави Ќортошев.

Годинава, на Токискиот меѓународен филмски фестивал (TIFF) пристигнаа 1.892 филмови од 112 земји и региони. По ригорозен процес на селекција, во натпреварувачката програма беа избрани 15 филма.

Ова е деветти долгометражен игран филм на Манчевски. Во 2026 година тој го реализираше и долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“ за трагедијата во Кочани.

 

Filed Under: Ревија

ПОТЕНЦИЈАЛЕН ДОМИНО ЕФЕКТ НА ЕДНА МОНЕТАРНА ПОЛИТИКА
МИЦКОВСКИ ГО СПОМЕНУВА НАТО ЗА СПОЈУВАЊЕ НА АНБ И АР
ПАДОТ НА АЛЕКСАНДАР ВУЧИЌ И ШТО НОСИ СЛОБОДАТА?
МАНЧЕВСКИ ВО ТОКИО ОТИДЕ СО ШАХТА А СЕ ВРАТИ СО ГЛАВНА НАГРАДА
ДEБАКЛ НА ТРАМП И РЕПУБЛИКАНЦИТЕ: ДЕМОКРАТИТЕ ЈА ПРЕЗЕДОА КОНТРОЛАТА ВРЗ КОНГРЕСОТ

Најново

  • ПОТЕНЦИЈАЛЕН ДОМИНО ЕФЕКТ НА ЕДНА МОНЕТАРНА ПОЛИТИКА
  • МИЦКОВСКИ ГО СПОМЕНУВА НАТО ЗА СПОЈУВАЊЕ НА АНБ И АР
  • ПАДОТ НА АЛЕКСАНДАР ВУЧИЌ И ШТО НОСИ СЛОБОДАТА?

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet