Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ПОТЕНЦИЈАЛЕН ДОМИНО ЕФЕКТ НА ЕДНА МОНЕТАРНА ПОЛИТИКА

November 5, 2026 Filed Under: Македонија

Многумина сметаат дека СДСМ падна од власта заради појавата на фантомските штедилници од типот на ТАТ ама сега се гледа дека актуелната власт е пред многу поголемо искушенија со случајот на Алта банка. Да не заборавиме на тоа што се требаше еден саглам гувернер како Гошев најпрвин да ја расчисти ѓурултијата што ја остави владеење на Љубчо Георгиевски во оваа сфера. И потоа работите одново да се движат цик-цак во зависност која партија е на власт

ДОМИНО ЕФЕКТ Лулањето на една банка лесно се претвора во општа паника што може да ги зафати и другите во „соседството“

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Прескакулицата што НБМ ја водеше во однос на проблемот со Алта банка е просто обележје на хронологијата на присуството на истата на наше тло. Уште од давањето на дозвола за работа (договорено преземање на акциите од сопственикот Орце Камчев) кое беше во моделот на подигнат гард од надлежното тело, преку нејзиното пишманење по само една недела и молкот на гувернерот на НБМ кој е практично регулатор на сите движења во монетарната сфера. Ако помнењето не ме лаже една од големите домашни банки изрази нешто како „мрморење“ пред две години околу таквото зелено светло ама ниту доволно силно, ниту енергично. Стана веднаш јасно дека и покрај наклонетоста на претседателката на државата како предлагач на кандидат за првата функција во НБМ а кон дотогашната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска, беше преслаба во однос на оној кој неа ја туркаше кон палатата на Водно. Навистина споменатата гувернерка сериозно и одговорно ја водеше оваа институција, често загрозувана од нејзините вмроовски претходници (!), но таа беше турната од можноста да продолжи со својата работа за да се ослободи простор за водење политики и во оваа сфера чии скици за мрачна иднина во сите сфери на општеството веќе се обелоденуваат.

Како и во многу други работи и во однос на потенцијалната пропаст на Алта банка Битола кај нас се следат чекорите што се прават во Белград во однос на банката – матица. Ама секогаш за октава или две со понизок интезитет. Јасно, тука ја немаме решителноста во потезите која се доби со изборната победа на Студентската листа ама да не заборавиме дека тие реално ги немаат полугите на власта во свои раце а можат да сметаат на ненадејниот ентузијазам на многу вршители на јавни функции.

Потребата од свикување на прес на гувернерот Славевски во неделата е дел од тие задоцнети а очекувани потези. Тие дојдоа откако за ден-два комплетно се промени ставот на гувернерот после одземањето на дозволата за работа на Алта банка во Србија и отворањето стечај. Од уверување дека во Македонија сѐ е во ред, дека Алта банка во Битола е посебен правен субјект кој нема никаква врска со нејзината „мајка“ во Србија за во недела да се стигне до воведување на привремена управа на централната банка со банката од Битола. Јасно, претходно се водени разговори за исфрлување „од седло“ на членовите на раководните органи ама во исто време јавноста е држана во илузија со поинаква претстава за солветноста на банката.

Народната банка и во неделата инсистираше медиумите да се потпираат на официјални и проверени информации и да не донесуваат заклучоци врз основа на непотврдени тврдења и шпекулации. Имаше ли основ за такво тврдење се виде во понеделникот. Немаше во неделата, после пресот ама уште повече следниот ден. Народната банка практично воведе привремена управа во Алта банка од Битола, а донесе уште една мерка која особено ќе ги погоди граѓаните – ниеден од нив не ќе може да подигне повеќе од 10.000 денари неделно.

„Во насока на заштита на билансот на Алта банка АД Битола и на интересите на нејзините штедачи, Извршниот одбор на Народната банка, на седницата одржана на 1 ноември 2026 година, донесе решение со коешто се воведува администрација во Алта банка АД Битола. Решението е веќе во сила“, соопшти Славески.

Тој нагласи дека мерката е привремена и дека не е воведена поради нарушена финансиска состојба на банката во Битола, туку поради случувањата поврзани со нејзиниот акционер во Белград.

Славески рече дека при определувањето на лимитот се воделе од проценката за секојдневните потреби на клиентите, посочувајќи дека просечната плата и пензија во комбинација изнесуваат околу 40.000 денари месечно. Максималното траење на привремените мерки може да трае три месеци.

Гувернерот рече дека Алта банка од Битола е високо капитализирана, ликвидна, има солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува сите супервизорски стандарди.

Со воведувањето на администрацијата, управувањето со имотот на банката привремено преминува во надлежност на лица именувани од Народната банка, во рамките на овластувањата определени од нејзиниот Извршен одбор.

За клиентите, најзначајната промена се ограничувањата на плаќањата што ќе важат во наредните денови.

„Во интерес на граѓаните, а со цел извршување на секојдневните плаќања, определен е неделен лимит за одлив од сметките на физичките лица во износ од 10.000 денари, којшто може да се користи со картичките издадени од банката“, изјави Славески.

Но нема ограничувања за интерните плаќања меѓу сметките на клиентите во рамките на Алта банка, и за физички и за правни лица.

Исплаќањето на кредитите земени од Алта банка останува непроменето. Славески рече дека воведувањето привремена администрација не значи прекин на обврската за отплата на кредитите. Демек плаќајте ги обврските а заборавете или успорите со побарувањата!

Граѓаните не мислеа така. Па до вчера, како што соопшти Славески, подигнале два милиони евра од сметките

„Банката доби ентузијазам без лимит, а граѓаните по 10.000 денари неделно! Почитуван гувернер Славески, вчера требаше да ги предупредите граѓаните за ризиците, наместо да ги оставите со уверувањето дека сè е под контрола. Со воведувањето на принудна администрација во АЛТА банка, гледаме што всушност е ставено под контрола – парите на граѓаните! И тоа по 10.000 денари неделно преку картичка! Зборувате за заштита на имотот на банката и интересите на штедачите, но не споменувате кој ќе ги заштити граѓаните од последиците на вашите вчерашни уверувања и денешните ограничувања?“ – се јави пратеникот Битиќи од СДСМ на Фејсбук. И продолжи – „Минатата година бевте особено гласен кога требаше да се брани репутацијата на странскиот инвеститор. Во овој момент, имате одговорност со истиот ентузијазм да покажете дека интересите на граѓаните ви се поважни од тие на странскиот капитал, бидејќи достоинството на човекот што ги заработил парите мора да има предност пред угледот на тој што управува со нив“.

Граѓаните кои побрза да ја искористат таа „поволност“ од 10.000 денаи неделно наидоа на нефункционални банкомати и затворени врати во сите експозитури. Шот можат да заклучат  – дека Славевски одново ги излажал! Впрочем самиот Славевски лажеше во однос на стабилноста на банката (дознаваме дека Алта банка во последно време работела со загуба) па зошто сега да биде – убедлив! И како што може да се очекува се јавува и домино ефект  – во Скопје народ се тиска околу банкоматите на другите бабнки. Пред се да провери дали салдото им е „спокојно“ ама за секој случај да си извадат некој денар. Велат „не се знае што да се очекува од овие“. Не може да се очекува дека граѓаните се стручњаци по банкарство, тие реагираат рефлексивно а ова јасно значи дека лесно може да се загрози стабилноста на поширок финансиски план.

И да повториме дека домино ефектот не мора да се сопре само во една (важна) сфера на општеството.

 

Filed Under: Македонија

ПОТЕНЦИЈАЛЕН ДОМИНО ЕФЕКТ НА ЕДНА МОНЕТАРНА ПОЛИТИКА
МИЦКОВСКИ ГО СПОМЕНУВА НАТО ЗА СПОЈУВАЊЕ НА АНБ И АР
ПАДОТ НА АЛЕКСАНДАР ВУЧИЌ И ШТО НОСИ СЛОБОДАТА?
МАНЧЕВСКИ ВО ТОКИО ОТИДЕ СО ШАХТА А СЕ ВРАТИ СО ГЛАВНА НАГРАДА
ДEБАКЛ НА ТРАМП И РЕПУБЛИКАНЦИТЕ: ДЕМОКРАТИТЕ ЈА ПРЕЗЕДОА КОНТРОЛАТА ВРЗ КОНГРЕСОТ

Најново

  • ПОТЕНЦИЈАЛЕН ДОМИНО ЕФЕКТ НА ЕДНА МОНЕТАРНА ПОЛИТИКА
  • МИЦКОВСКИ ГО СПОМЕНУВА НАТО ЗА СПОЈУВАЊЕ НА АНБ И АР
  • ПАДОТ НА АЛЕКСАНДАР ВУЧИЌ И ШТО НОСИ СЛОБОДАТА?

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet