Како на ова прашање одговараат Бранимир Јовановиќ и синдикатите

ЗОРАНА ГАЏОВСКА СПАСОВСКА
Не гледам никаква корист за работниците од воведувањето минималец по саат, а гледам многу опасности, вели Бранимир Јовановиќ, економист од Виенскиот институт за економски студии, за предлогот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) – работниците да се плаќаат по одработен час наместо да се намалува бројот на неработни празнични денови. Од Сојузот сметаат дека приоритет треба да бидат продуктивноста и подобрата организација на работата.
Јовановиќ во овој предлог гледа опасности што би биле на штета на работниците.
„Главното прашање е на кое ниво ќе биде поставена сатницата и ризикот е дека таа ќе се постави на пониско ниво отколку што е сегашната минимална плата, што ќе им наштети на работниците. Друга опасност за работниците е што ако минималната плата се пресметува по час, тие можат да останат без надоместок за празниците – работодавачите ќе тврдат дека тие не работеле и нема да им исплатат плата. Трет ризик е дека работодавачите ќе книжат помал број на часови на работа од фактичкиот, за да не платат даноци, и остатокот ќе им го даваат на работниците на рака, што ќе ја зголеми сивата економија“, изјави Јовановиќ за Колегиум.мк
Според него, во моментов во Македонија има многу поголеми проблеми во социјалната сфера, како што се непочитување на работничките права, непријавување работници, лош дизајн на социјалните надоместоци што ги турка работниците кон работењето на црно и слично.
„Мислам дека владата треба да се занимава со тие проблеми, а не со еден ваков фиктивен проблем“, вели Јовановиќ.
Основната иницијатива е минималната месечна плата да се претвори во минимална цена на работен час. Ова се предлага бидејќи различните месеци имаат различен број работни денови (на пример, февруари има помалку, а јули повеќе работни денови), па работодавачите бараат исплатата на минималецот да биде пропорционална на реално одработените часови во тој месец. Образложувајќи го предлогот, претседателот на ССКМ, Горан Ѓорѓиевски рече дека исплатата по одработен час би можела да овозможи поголема заработка за продуктивните работници и поголема флексибилност во работното време.
Во таков случај, со оглед дека моменталната минимална плата е 26.046 денари, еден работен час на работникот би чинел по 155 денари во нето износ, или 229 денари бруто.
Трендафилов од ССМ цени дека приоритет треба да биде зголемување на минималната и на останатите плати
Предлогот работниците да се плаќаат по работен час отвори спротивставени ставови кај синдикатите. Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) се согласува со работодавачите кои го предлагаат новиот модел и велат дека гледаат можност за промена на методологијата и раст на сите плати. Од друга страна, пак Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), пак, предупредува дека дискусијата го одвлекува вниманието од ниските примања и може да отвори простор за легализирање на злоупотребите.
Владата е отворена за разгледување на предлогот на Сојузот на стопански комори, но вели дека треба да се погледат подетално анализите за последиците врз работниците и економијата.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во изјава за Колегиум.мк оценува дека приоритет треба да биде зголемувањето на минималната и на останатите плати.
„Дискусијата за плаќање по работен час, наместо за зголемување на минималната плата и на останатите плати, е обид да се сее ветер и магла и да се дефокусира јавноста од реалниот проблем, а тоа се ниските работнички плати во Македонија“, вели Трендафилов.
Според него, новите модели за пресметка не се одговор на проблемите со кои се соочуваат работниците.
„Работниците не можат да живеат од пресметки, предлози и економски модели. Ним им требаат повисоки плати, а не нови дискусии со кои ќе се одолговлекува решавањето на најгорливиот проблем“, порачува претседателот на ССМ.
(Kolegium.mk – легенда Глобус)




