Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

УСТАВНИТЕ СУДИИ И АДВОКАТИТЕ СО РАЗЛИЧЕН ОДНОС ВО СЛУЧАЈОТ НАТАША СТОЈАНОВСКА ПРОТИВ ДРЖАВАТА

August 16, 2026 Filed Under: Македонија

Уставниот суд за прв пат од своето постоење  примени нов механизам за извршување на одлуките, кој овозможува  заштита на сопствените одлуки. Ова е предвидено со Актот на Судот кој стапи во сила од септември 2024 година. Се чини дека во фелата има и такви кои ја бранат недопирливоста на судската облека?

НАТАША СТОЈАНОВСКА Вознемирувачко сведоштво за позицијата на оваа новинарка на 27 април 2017 година

Уставниот суд неодамна го извести Јавното обвинителство и Судскиот совет дека судија од Основниот граѓански суд Скопје кој постапувал во предметот на новинарката Наташа Стојановска не ја извршил Одлуката на Уставниот суд БЗСП.бр.8/2025.

Уставниот суд за прв пат од своето постоење  примени нов механизам за извршување на одлуките, кој овозможува  заштита на сопствените одлуки. Ова е предвидено со Актот на Судот кој стапи во сила од септември 2024 година.

Имено,  Уставниот суд на 24 септември 2025 година утврди повреда на слободите и правата  коишто се однесуваат слободата на јавно изразување на мислата на Наташа Стојановска сторени со две пресуди (едната од Основниот граѓански суд Скопје од 15.06.2022  и втората од Апелациониот суд Скопје од 19.12.2024 година) и го уважи барањето на подносителката.

На 22 мај 2026 година, полномошникот на подносителката, адвокатот Филип Медарски го извести Уставниот суд дека  пресудата за предметот БЗСП.бр.8/2025 не е извршена(не е земена предвид), бидејќи предлогот на подносителката Стојановска за повторување на постапката во Основниот граѓански суд е отфрлен.

По ова известување, судиите на работен состанок одржан на 15 јули 2026 година, со мнозинство гласови, одлучија да се донесе посебно решение со кое ќе се утврди дека Одлуката на Уставниот не е извршена.

Потоа, на седницата која се одржа на 22 јули 2026 година, Судот го донесе Решението во кое констатира дека Одлуката БЗСП.бр.8/2025, не е извршена. Ова е констатирано по детален увид на  Решението П4-240/22 од 4 мај 2026 година донесено од судијата кој постапувал во предметот, во Основниот граѓански суд Скопје.

Уставниот суд утврди дека првостепениот (Основниот граѓански) суд се повикал на одредбите од Законот за парничната постапка, навел дека Одлука на Уставниот суд не може да биде основ за повторување на постапката како нов факт или доказ, но пропуштил да ги земе предвид уставно утврдените правни карактеристики и правно дејство на одлуките на Уставниот суд, односно нивната конечност, извршност и општа задолжителност,  со што во суштина не ја извршил Одлуката на Уставниот суд.

Уставниот суд смета дека ваквите случаи треба да се согледуваат низ призмата на целовитоста на Уставот, особено на непосредната уставно-судска заштита кои ги уживаат правата предвидени во член 110 алинеја 3  од Уставот.

Дополнително, во Основниот граѓански суд веќе имало воспоставено пракса да се земаат предвид одлуките на Уставниот суд кои се однесуваат на заштитата на слободите и правата. Имено, по донесувањето на Одлуката на Уставниот суд У.бр.146/2021 од 12 јули 2023 година,  Основниот граѓански суд Скопје, одлучувал  по предлог за повторување на постапката во правосилно завршениот предмет МАЛВП-705/20 од 14.04.2021 година, ја прифатил наведената одлука на Уставниот суд како нов факт и нов доказ и како основ за повторување на постапката согласно со член 392 став 1 точка 9 од Законот за парничната постапка.  Ваквиот пристап подоцна бил прифатен и од Апелациониот суд Скопје со Решението ГЖ-118/24 од 07.11.2024 година.

Оттука, Уставниот суд оцени Основниот граѓански суд за Наташа Стојановска, не овозможил остварување на уставните слободи и права на подносителката иако истите биле утврдени со Одлуката БЗСП.бр.8/2025 на Уставниот суд.

Конечноста и извршноста на одлуките на Уставниот суд се заштитени и со кривично-правни санкции во случај кога не се извршуваат.

Ова кривично дело, вклучувајќи го и прашањето дали постои одбивање за извршување и кривична одговорност на определено лице, спаѓа под ингеренции на надлежното јавно обвинителство и надлежниот суд.

Предметот по кој одлучуваше Уставниот суд и утврди повреда на слободите и правата на Наташа Стојановска се однесува на настаните во Собранието на Република Северна Македонија од 27 април 2017 година. Подносителката, како акредитиран новинар на Телевизија „24 Вести“, била присутна во зградата на Собранието со задача да известува за изборот на нов претседател на Собранието, како прашање од изразен јавен интерес. По насилниот упад во собраниската зграда, таа била изложена на закани и заплашување и била спречена да ја врши новинарската задача, притоа не била обезбедена соодветна заштита од надлежните државни органи.

ЗНМ од своја страна цени дека Уставниот суд утврдил дека Основниот граѓански суд Скопје не ја извршил одлуката со која на новинарката Наташа Стојановска и беше утврдена повреда на слободата на јавно изразување во врска со настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Стојановска претходно, преку правниот застапник на ЗНМ, побара судска заштита поради тоа што државата не обезбедила соодветна заштита додека известувала од Собранието, но Основниот граѓански суд и Апелациониот суд не утврдиле повреда на нејзината слобода на изразување, по што случајот стигна пред Уставниот суд. Ова е важна практика за ефективна заштита на слободата на изразување и јавно информирање, гарантирани со член 16 од Уставот.

„Одговорноста сега е кај Основното јавно обвинителство и Судскиот совет.  Очекуваме двете институции без одлагање да постапат по известувањето на Уставниот суд, да утврдат одговорност и, доколку се исполнети законските услови, да следуваат соодветни санкции за судијата кој не ја извршил конечната и задолжителна одлука на Уставниот суд.

Независноста на судството подразбира и одговорност и почитување на одлуките на Уставниот суд. Кога станува збор за одлука со која е утврдена повреда на уставно загарантирано право на новинар, нејзиното неизвршување не смее да остане без соодветна институционална реакција.

Внимателно ќе го следиме постапувањето на ОЈО и Судскиот совет, како и исходот од постапките што ќе следуваат, и за тоа ќе ја информираме јавноста.

Случајот на Наташа Стојановска е еден од случаите поврзани со настаните во Собранието од 27 април 2017 година, кога новинари и медиумски работници беа изложени на насилство, закани и попречување во извршувањето на нивната професионална задача, а на граѓаните им беше попречено правото на јавно информирање.

Следната година ќе се навршат десет години од настаните на 27 април 2017 година, а дел од новинарите чии права беа повредени тој ден се уште немаат конечна и ефективна правна разрешница на своите случаи. Неприфатливо е речиси една деценија подоцна новинарите и натаму да чекаат целосна институционална заштита и правда.

ЗНМ нема да се откаже од овие случаи. Продолжуваме да обезбедуваме бесплатна правна помош и адвокатско застапување за новинарите чии права биле повредени, со цел правдата најпрво да се бара пред домашните институции и судови.

Доколку домашниот правен систем не обезбеди соодветна и ефективна заштита, ќе продолжиме да ги користиме расположливите правни механизми и пред Европскиот суд за човекови права.

Повредите на правата на новинарите за време на настаните од 27 април 2017 година не смеат да останат без правна разрешница. Поминувањето на времето не смее да доведе до неказнивост, ниту да ја намали обврската на институциите да обезбедат ефективна заштита на новинарите и слободата на изразување“, порача ЗНМ преку соопштение.

Членката на Судскиот совет од Адвокатската комора  – Јошевска-Анастасовска пак оценува дека  одлуката на Уставниот суд допира и прашања на можен институционален притисок. За неа, потегот на Уставен е потенцијално загрижувачки преседан.

„Испраќањето одлука на Уставниот суд до Судскиот совет ‘за понатамошно постапување’, во која толкување на процесен закон од страна на редовен судија, во сè уште незавршена постапка, се квалификува како ‘неизвршување на одлука на Уставен суд’, со имплицирање на кривична одговорност, според мое лично мислење, отвора сериозни прашања за границите меѓу уставната контрола и судската независност. Би рекла дека допира и прашања на можен институционален притисок. Не се работи за конкретен предмет и за конкретен судија туку на воспоставување на потенцијално загрижувачки преседан. Дотолку повеќе што непрецизната формулација ‘за понатамошно постапување’ и тоа во нејзиниот задолжителен диспозитив создава дилема дали е избран правно адекватен модел на институционална комуникација меѓу овие два уставни органи“, објави на Фејсбук Јошевска-Анастасовска и посочи дека изнесува личен став.

 

Filed Under: Македонија

МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА ЈА ИЗГУБИ МРТ АРХИВАТА!
ЗАПАДНОНИЛСКАТА ТРЕСКА СЕ СЕЛИ НА СЕВЕР ЗАРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ
АНАЛИЗА: „ДОЛЖНИЧКИ КРУГ“ ВО КОЈ СЕ ВРАЌААТ СТАРИ, НО СЕ СОЗДАВААТ НОИВИ ДОЛГОВИ
ДОГОВОРОТ ЗА ТЕСНЕЦОТ ОРМУЗ Е СЕ ПОБЛИЗУ
СТО ГОДИНИ ОД ЛИКОТ ВИНИ ПУ

Најново

  • МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА ЈА ИЗГУБИ МРТ АРХИВАТА!
  • ЗАПАДНОНИЛСКАТА ТРЕСКА СЕ СЕЛИ НА СЕВЕР ЗАРАДИ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ
  • АНАЛИЗА: „ДОЛЖНИЧКИ КРУГ“ ВО КОЈ СЕ ВРАЌААТ СТАРИ, НО СЕ СОЗДАВААТ НОИВИ ДОЛГОВИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet