Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ЦРНО ЗЛАТО НА НАШИТЕ БАЛКАНСКИ ПОРАЗИ

June 30, 2026 Filed Under: Ревија

Претставата на Оливер Фрљиќ, по најновиот драмски текст на Дејан Дуковски, е силна семејна драма што низ приказната за едно распаднато семејство проговорува за транзицијата, идентитетот и правото на човекот да биде тоа што е

ЗАПЛЕТ Се се врти околу новиоот трансродов идентитет на синот што се враќа од странство

ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА

На затворањето на јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп гостуваше претставата „Црно злато“ на Београдско драмско позориште, во режија на Оливер Фрљиќ, по најновиот драмски текст на Дејан Дуковски.

Но, претставата започнува уште пред да се изгаснат светлата во салата. Во ходникот на Центарот за култура „Марко Цепенков“ една од актерките ја пречекува публиката и ја воведува во светот на претставата, бришејќи ја границата меѓу секојдневието и сценската стварност. Веќе во тие први мигови станува јасно дека гледачот нема да биде само набљудувач, туку сведок на еден интимен и болен свет.

Потоа, од сцената одекнува „Деј гиди луди млади години“ (македонска народна песна) во интерпретација на актерите. Песната не е само носталгичен музички цитат, туку емотивен пролог на свет што одамна исчезнал – на младоста, на една земја и на илузиите што останале зад нас. Дури потоа започнува драматуршката партитура на Фрљиќ.

Во година кога Дуковски беше автор во фокус на фестивалот, македонската публика имаше можност да ја види праизведбата на неговиот најнов драмски текст, а воедно и првото гостување на претставата надвор од Србија. По белградската премиера на 10 март, изведбата во Прилеп беше нејзина десетта реприза и потврда дека ова е една од најзначајните регионални продукции во актуелната театарска сезона.

Во четиригодишниот мандат на уметничката директорка Ана Стојаноска, ова е втора претстава по текст на Дејан Дуковски што гостува на фестивалот, продолжувајќи ја практиката современата македонска драматургија да биде претставена и преку значајни регионални продукции. Особено е значајно што самиот Дуковски активно учествувал во процесот на создавање на претставата, работејќи со актерскиот ансамбл и со режисерот, што на оваа праизведба ѝ дава дополнителна авторска тежина.

Името на Оливер Фрљиќ одамна е препознатливо и за македонската публика. Неговите гостувања на Млад отворен театар оставија силен белег во современата театарска меморија – од „Браќа Карамазови“, преку „Проклет да е предавникот на својата земја“ и „Нашето насилство и вашето насилство“, до други претстави што отвораа чувствителни политички и општествени прашања. Неговите режии речиси никогаш не поминуваат без полемики, бидејќи, бескомпромисно ги преиспитуваат колективните митови, историските трауми и механизмите на моќта.

Појавата на „Црно злато“ кај дел од критиката беше протолкувана како „понежна“ фаза во режисерската поетика на Фрљиќ. Таквата оценка, сепак, е само делумно точна. Фрљиќ не се откажува од политичкиот театар; напротив, тој само го менува неговото тежиште. Наместо политичкиот конфликт да се одвива во јавниот простор, тој го сместува во семејството – местото каде што најдлабоко се вкоренуваат предрасудите, стравовите и нетолеранцијата.

Во таа смисла, „Црно злато“ природно се надоврзува на неговите исклучителни семејни драми како „Ја мразам вистината“, „Татко на службен пат“ или „Хамлет“, потврдувајќи дека Фрљиќ подеднакво уверливо го владее и интимниот театарски простор.

Дуковски повторно пишува за луѓе што живеат на маргините на големите историски процеси. Неговите јунаци не се херои, туку преживеани. Тие одамна ја изгубиле вербата дека нешто може да се промени, но продолжуваат да живеат, заробени меѓу сиромаштијата, стравот и надежта.

Во центарот на драмата е Ангела, некогаш Ангел, која по долг престој во странство (Шпанија) се враќа во родниот дом. Но, нејзиното враќање не е само семејно соочување, туку судир меѓу два света – меѓу традицијата и личната слобода, меѓу патријархалните вредности и правото човек да биде она што навистина е. Трансродовиот идентитет овде не е сензација ниту единствена тема на претставата. Тој станува драматуршки катализатор што ги открива сите пукнатини на едно семејство, а преку него и на едно општество.

МИКРОСВЕТ Тоа е семејна драма, тоа нуклеусот на општествените судири

Токму затоа „Црно злато“ силно кореспондира со мотото на фестивалот – „Храбриот нов театар“. Храброста не произлегува само од изборот на тема, која и натаму предизвикува отпор во конзервативните балкански средини. Таа се препознава и во начинот на кој претставата одбива да понуди едноставни морални одговори. Фрљиќ не ја претвора Ангела во симболична жртва, ниту Димитрија во еднодимензионален негативец. Напротив, претставата ја задржува сложеноста на човечките односи, оставајќи му на гледачот самиот да ја преиспита сопствената позиција.

Фрљиќ уште од самиот почеток ја воспоставува својата препознатлива режисерска дисциплина. Кратките затемнувања, наглите сценски пресечоци, густата магла, звучната партитура и внимателно дозираниот ритам создаваат чувство дека гледаме распарчени фрагменти од едно колективно сеќавање. Иако овојпат не користи експлицитни политички провокации како во некои од своите претходни претстави, неговата режија останува подеднакво немирна и вознемирувачка.

Сценографијата на Игор Паушка е минималистичка, но исклучително функционална. Празниот сценски простор постојано се трансформира: трошната куќа влегува и излегува од сцената како жив организам, куќичката за кучиња станува симбол на пониженото живеење, а малото дрвено чамче, во кое Ангела и нејзината сестра накратко се враќаат во детството, внесува редок момент на нежност во свет што одамна ја изгубил.

Костимографијата на Татјана Радишиќ ја потенцира сиромаштијата и социјалната пропаст на семејството, додека музиката и ритамот на претставата постојано го менуваат односот меѓу реализмот, гротеската и поетската метафора.

Особено впечатлива е актерската игра. Ансамблот на Белградско драмско позориште успева да ја одржи рамнотежата меѓу суровата реалност, гротеската и нежната човечност, без ниту еден лик да биде сведен на теза или симбол. Ања Ќурчиќ создава исклучително сложен и достоинствен лик на Ангела, без патетика и без потреба од надворешен ефект. Нејзината игра е храбра токму затоа што останува длабоко човечка. Милутин Милошевиќ како Димитрија и Наташа Марковиќ како Мара градат родители кои не се само претставници на патријархатот, туку луѓе разорени од сопствените стравови, немоќ и загуби. Целиот ансамбл (Ања Ќурчиќ, Милутин Милошевиќ, Наташа Марковиќ, Јана Милосављевиќ, Милан Зариќ, Амар Ќоровиќ, Бојана Стојковиќ Љубомир Булајиќ и Ана Јанковиќ) функционира како компактна сценска целина во која секој лик носи дел од заедничката трагедија.

Ако „Буре барут“ беше драматургија на експлозијата, тогаш „Црно злато“ е драматургија на животот по катастрофата. Во овој свет војната одамна завршила, но последиците останале во луѓето. Дуковски повторно пишува за Балканот – овојпат за Балканот што преживеал сѐ, а сѐ уште не научил да живее со различностите и сопствените порази.

Токму во тоа лежи најголемата вредност на оваа претстава. Таа не нуди готови одговори, не пресудува и не морализира. Наместо тоа, отвора простор за дијалог и преиспитување – за семејството, за општеството и, пред сè, за човекот. А токму тоа е една од суштинските задачи на современиот театар.

Filed Under: Ревија

МЕСТО ПРОГРАМА ЗА ОПСТАНОК НА ЗЕМЈАТА ВЛАСТА НУДИ ЗАКАНИ ЗА ОПОЗИЦИЈАТА
ШТО ДОБИВА МАКЕДОНИЈА ОД НОВИОТ ФРАНЦУСКО-ГЕРМАНСКИ НОН ПЕЈПЕР?
ЛУКАРЕВСКА: ОПТИМИЗАЦИЈАТА  СОЗДАВА ТЕХНОЛОШКИ ВИШОК ВО ОБРЗОВАНИЕТО
АНАЛИТИЧАРОТ КОЈ ЈА РАЗОТКРИ ЛАГАТА НА ВУЧИЌ ЗА „СТУДЕНТСКИОТ“ ЗВУЧЕН ТОП, ПОБЕГНА ОД СРБИЈА
ЦРНО ЗЛАТО НА НАШИТЕ БАЛКАНСКИ ПОРАЗИ

Најново

  • МЕСТО ПРОГРАМА ЗА ОПСТАНОК НА ЗЕМЈАТА ВЛАСТА НУДИ ЗАКАНИ ЗА ОПОЗИЦИЈАТА
  • ШТО ДОБИВА МАКЕДОНИЈА ОД НОВИОТ ФРАНЦУСКО-ГЕРМАНСКИ НОН ПЕЈПЕР?
  • ЛУКАРЕВСКА: ОПТИМИЗАЦИЈАТА СОЗДАВА ТЕХНОЛОШКИ ВИШОК ВО ОБРЗОВАНИЕТО

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet