Догодина ќе се навршат 100 години од раѓањето на човекот кој најдобро го опеа својот роден град – Битола. Тоа е Ајрин (Хајредин) Демировски

За време на она што се нарекуваше служење на воениот рок во некогашна СФРЈ, кога младиот човек се сретнува со многу народи и нивни табиети бев зачуден зошто кога ќе разберат од каде доаѓам, тие солдати Македонија многу често ја врзуваа за една песна. И тоа никоја друга од оние илјадници што се вртеле во етерот, туку по песната „Битола, мој роден крај“. Остануваа зачудени по сознанието дека таа е резултат, ако може да се употреби тој збор, на имагинацијата на еден музички, во класична смисла, неписмен човек зад кого остануваат многу бисери од фолк ризницата. Можеби и најмногу ако се говори за автор кој има име и презиме а кој во еден миг се одрекнал од авторството само за да тие песни имаат поголема пропулзивност.
Јасно, се работи за Ајри Хајредин Демировски, македонски музичар од турско потекло. Најпознат е како автор на песната „Битола, мој роден крај“.
Демировски е роден во 1927 година во Битола. Како млад го изучувал берберскиот занает кај Вангел Тодоровски – Мајорот. Мајсторот подоцна ќе биде прогласен за народен херој (загинал во 1942 година), член на КПЈ, често пати бил апсен а во окупирана Битола го убил обласниот полициски началник и во нерамноправна улична борба се замоубил).
Мајсторот имал илегална печатница а Ајри како чирак секако имал допир и со неа па после ослободувањето бил испратен во Загреб да гоизучува печатарскиот занает. Но тој се вработил како чувар во Радио Битола и низ посотјани контакти со локалните музичари „испекол друг занает“.
Тој секогаш со задоволство раскажувал како е создадена ‘‘Битола, мој роден крај‘‘.
„Во 1944 година додека го учев графичкиот занает во Загреб, едно утро ме фати носталгија за Битола. Времето беше тмурно, па се сетив на сончевиот југ. Како од душа ми потекоа стиховите и за неколку минути ги напишав на хартија. Песната ‘‘Битола мој роден крај‘‘ премиерно ја изведов пред битолската јавност во 1950 година на една градска свеченост пред Народниот театар. Народот ја прифати и запеа со мене“.
Како негови се споменуваат популарните: „Мариче ле лично девојче“, „Таму ле мајко близу Битола“, „Само ти се чудам Цвето“, „Сношти те Маре сонував“, „За кого ти цути Дано лицето“, „Денот ми наближа на гурбет да заминам” и многу други, за кои се смета дека се народни, бидејќи се општоприфатени и изведувани. Најпопуларната меѓу нив е неговата антологиска песна „Битола, мој роден крај“, песна во која ја опеал својата огромна љубов кон родната Битола, песна која претставува неповторлив музички симбол и по која Битола ја препознаваат и распознаваат. Демировски најверќе и заради неа стана почесен граѓанин на Битола во 2006 година.
За Турција заминал во 1955 година, во годините на масовно иселување . Индикативно е дека продукциската куќа ISR од Истанбул за Демировски подготвувала документарен филм во кој во финалната фаза се снимала во Битола кога екипата била затекната од тажната вест за смртта на човекто кој бил нивна инспирација. Починал во Измир, Турција на 21 октомври 2009, по 25 години минати во нешто што сепак било – туѓина.
„Каде и да заврши мојот живот, срцето секогаш ќе ми остане во Битола.

Бидејќи Битола е најубавиот град, и тоа не само на Балканот, туку насекаде! Но ме боли што вие, заслепени од суетите и секојдневните обврски и грижи, не можете да го видите и почувствувате како што го гледам и чувствувам јас. Јас тоа го правам и со затворени очи – знаел да каже Ајри.
– Беше вистински гениј. Штета што не беше музички писмен. Да знаеше ноти и да беше музички образован неговите дела ќе беа навистина генијални. Неговата антологиска песна сите ја сакаат, дури и оние што не го разбираат македонскиот јазик. Деновиве бев на Корзика. Иако тие не ги разбираа зборовите, сепак дури трипати нѐ враќаа на бис – запишано е дека кажал познатиот битолски диригент Љубо Трифуновски.
„Точно и болно е она што го пее Сефедин Бајрамов во песната за Ајри дека ’снагата му беше во Станбола, а душата во Битола“ – напиша познатиот битолски хроничар Александар Стерјовски. Според музикологот Константин Константинов, во 1960-тите години Демировски се откажал од авторството наголем број песни, а за тие да живеат ги пријавувал како народни. Сепак неговото име, како автор на четириесетина популарни песни, секогаш било спомнувано меѓу неговите сограѓани. Дваесетина имаат антологиско значење: „Збогум,мајко“, „За кого ти цути Дано лицето“, „Со Битола се гордеам“, „Саноќ ле, Недо“, „Покрај битолските касарни“, „Доне, Донке“, „Саноќ седам Трено“, „Болен лежи млад Стојан“, „Македонија“, „Мариче, ле, лично девојче“, „Доста, доста ле лично ле Стојне“, „Немој ме,мила мамо, луто да колниш“, „Таму ле, мајко, близу Битола“…

Инаку верлат дека „Битола мој роден крај“ е создадена кога учел во Графичката школа во загреб, кога за опрв пат бил отуѓен од домот.
Главен мотив потоа му биле испрачањата на луѓето на битолската железничка станица, кои беа чести во негово време. Хитови од таквите настани се „Туѓината пуста да остане“,„Проклета да е Австралија“, „Мајко, една си на светот“„Збогум, мајко“ и други.
(користени се сегменти од бројни истражувања)




