Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ДЕЈАН ПРОЈКОВСКИ: МЕЃУ МНТ, НОВИ САД И СЦЕНСКИТЕ МЕТАФОРИ НА СОНЦЕТО

June 2, 2026 Filed Under: Ревија

Режисерот за големите спектакли, новите европски ангажмани и мјузиклот „Као какао“ инспириран од музиката на Влатко Стефановски

ВО СВЕТОТ НА АМБAЛАЖАТА Човекот го нема во светот кде царува амбалажата – мотив со кој ги работел многуте претстави направени во Нови Сад

ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА

Во пресрет на новиот македонски мјузикл „Као какао“, инспириран од музиката на Влатко Стефановски, во скопскиот културен простор „Аудиокултура“ се одржа првата прес-конференција на која беа најавени подготовките за проектот. Мјузиклот, во режија на Дејан Пројковски, уште од самата најава привлече големо внимание во јавноста, особено поради авторскиот тим и музичкото наследство врз кое се темели.

По тој повод разговаравме со режисерот Дејан Пројковски, кој во тој период паралелно работеше на повеќе меѓународни проекти, меѓу кои и ангажман во Турција, а во Скопје допатува специјално за прес-конференцијата.

Со Пројковски разговаравме и за неговите актуелни театарски проекти, за меѓународните искуства, но и за претставите што ја одбележаа изминатата театарска сезона. Особено внимание привлече неговата постановка на „Мајка Храброст“, која беше изведена на Интернационалниот театарски фестивал МОТ, кој минатата година беше посветен на македонски уметници со значајна меѓународна кариера.

Во разговорот се осврнавме и на сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“, реализиран по повод 80 години од постоењето на Македонскиот народен театар – проект што ја обедини актерската екипа на МНТ во еден особен омаж на театарската историја и колективната меморија.

Најпрвин, може ли да ни кажете нешто повеќе за Вашата соработка со театарот во Нови Сад? Таму веќе реализиравте неколку претстави, а предминатата година на МОТ гостуваше „Ана Каренина“, додека минатата година и „Мајка Храброст“. Како започна таа соработка и што значи за Вас работата со Новосадско позориште?

– Новосадско позориште или Újvidéki Színház е еден од најдобрите театри во регионот. Тоа е театар во Нови Сад кој работи на унгарски јазик. Она што претставува голем предизвик за секој режисер што работи таму е, пред сè, актерскиот ансамбл – околу триесетина актери кои навистина функционираат како вистински театарски војници, подготвени да влезат во секој голем предизвик.

Од друга страна, многу е важно што сите големи режисерски имиња од регионот се дел од репертоарот на Новосадско позориште, па секогаш е голема чест и признание кога еден режисер ќе биде поканет да работи таму. Но, истовремено, тоа носи и голема одговорност – да се биде на високо естетско и уметничко ниво заедно со врвни режисери и колеги од регионот.

Соработката започна пред околу пет години, кога ја работевме „Ана Каренина“. Она што е интересно за таа претстава е што во последниве години ги освои речиси сите најважни награди во Србија и регионот. Претставата има повеќе од педесет награди, беше дел и од Светската театарска олимпијада во Будимпешта. Стана многу важна претстава и во мојата кариера, но и за актерите и за самиот театар. Тоа е претстава што и денес се игра пред полни сали и сè уште добива фестивалски покани.

Некако природно дојде продолжувањето на соработката. Потоа ја работев „Ричард Трети“, која исто така беше прогласена за најдобра претстава на фестивалот на унгарските театри во Унгарија и повторно беше дел од Светската театарска олимпијада. Потоа ја поставивме и „Мајка Храброст и нејзините деца“ од Бертолд Брехт.

Тоа се три претстави преку кои, при секоја нова средба со актерите, се обидуваме да создадеме нов и поинаков сценски јазик – да се изненадиме самите себе, но и публиката. Новосадско позориште е театар во кој навистина се чувствувам како дома. Тоа е еден од театрите што ги доживувам како свој театарски дом – место каде што ги реализирам своите соништа и каде што можам да си дозволам да експериментирам, бидејќи без експеримент многу тешко се стигнува до нови современи форми.

Веќе имаме планови и за идни соработки, па се надевам дека, на мое и на нивно задоволство, таа соработка ќе продолжи. Многу е важно човек со секоја нова претстава да биде подобар од самиот себе, а мислам дека заедно со нив тоа добро го правиме.

Тоа можеше да се почувствува и во „Мајка Храброст“, претстава што беше одлично прифатена и од публиката во Скопје. Темата емотивно допре до сите нас. Зошто токму сега решивте да зборувате за војната?

– „Мајка Храброст“ е еден од текстовите за кои многу често размислував во последниве години, затоа што, за жал, и повеќе од седумдесет години по неговото пишување, ништо суштински не се променило. Повторно живееме во време на војни – апсурдни војни – а најголемите жртви секогаш се најневините, оние што не се причина за конфликтите: децата и најранливите.

Мислам дека е многу важно театарот да има храброст да зборува за важни теми тогаш кога другите молчат. Оваа претстава, би рекол, е еден наш апел, еден наш манифест. Како што вели Достоевски: „Кога ќе падне макар и една детска солза, ништо не може да ја надомести таа штета.“

Од друга страна, сакавме да проговориме и за апсурдот на цивилизацијата – за тоа дека цивилизацијата која ги создала Бах, Микеланџело, Достоевски и сите тие генијални умови, истовремено постојано ги повторува и создава војните. Како човештвото никогаш да не научило ниту една лекција од сопственото минато.

Интересен предизвик беше и самиот Брехтов „V-ефект“, односно моментот на отуѓување и рушење на бариерата помеѓу актерот и публиката. Се обидовме да создадеме современ сценски израз што ќе ја предизвика истата емоција што Брехт ја предизвикувал кај својата публика, но со средства што комуницираат со денешниот гледач.

Главното прашање на претставата е: „Зошто човештвото најдобро произведува тони и литри детски солзи?“ Истовремено, ни беше важно да создадеме претстава што активно комуницира со публиката. Таа не нуди готови одговори, туку отвора прашања и теми, оставајќи секој гледач на крајот сам да ги пронајде своите одговори и емоции.

Ние не настапуваме од позиција дека сме попаметни од публиката. Само се обидуваме гласно да ги кажеме работите за кои многумина денес молчат.

ПО ВТОР ПАТ НАГРАДЕН Пројковски два пати беше награден на Интернционалниот театарски фестивал во Истанбул

Познато ни е дека режисерот и претходно работел на големи сценски спектакли. Тука би ја споменале и претставата „Вечната куќа“, која ја работеше за отворањето на новиот објект на МНТ, како и различни монодрами и проекти од различен формат. Сега се задржуваме на неговиот последен проект во МНТ – голем сценски спектакл во кој се ангажирани речиси сите актери од ансамблот, што претставува исклучително голема продукција. Каков беше предизвикот да се работи на ваков проект во Македонскиот народен театар?

– Голема чест беше за мене поканата од директорот Никола Кимовски да бидам режисер на претставата по повод 80 години Македонски народен театар.

Тоа беше можност уште еднаш, како режисер во МНТ, да се навратиме низ историјата на театарот и заедно со актерите да се присетиме на сите големи луѓе кои биле дел од него – почнувајќи од Блаже Конески, чие прво вработување било токму во МНТ како драматург, па преку Петре Прличко, Илија Милчин и многу други значајни имиња од македонскиот театар.

За мене тоа беше голем предизвик – како да се спои минатото на МНТ, да се прикаже сегашноста и да се отвори перспектива кон МНТ утре, односно да се покаже целосната сила и капацитет на Македонскиот народен театар.

Се одлучив да направиме драмска структура која ќе се занимава со големите имиња на македонската драматургија. Се вели дека нема национален театар без национална драма – па токму затоа се обидов да направам спој помеѓу националниот театар и националната драматургија, користејќи современи режисерски алатки.

Во претставата се преплетуваат елементи од Брехт, современа и античка драма, како и прашањето на катарзата во македонската драматургија. Внатре се вклучени и македонската поезија, ликовната уметност, еповите, басните и приказните – односно сите архетипски слики што се дел од меморијата на македонскиот народ.

Сметам дека создадовме аудиовизуелно патување низ македонската уметност, во кое се гледаат рефлексиите на минатото на МНТ, но и неговата сегашност.

Најважно е што во претставата учествуваат над 100 учесници – актери и соработници – со што се покажува вистинскиот уметнички капацитет на МНТ.

Сите изведби беа распродадени, а публиката реагираше одлично. Тоа ја потврдува смислата на целото ова патешествие – секоја претстава има смисла само ако се роди и живее во срцето на публиката.“

Може ли да ни кажете нешто повеќе за насловот на претставата?

– Насловот на претставата е првата реплика на актерката Вера Вучкова, изговорена во 1945 година, на 3 април, во претставата „Платон Кречет“ во режија на Димитар Ќостаров.

Таа реплика гласи: „Сонцето, колку е блиску сонцето“, и за мене тоа стана силна метафора. Сонцето секогаш го гледам како уметнички идеал – нешто кон што се стремиме, нешто до кое се обидуваме да се приближиме, за постојано да бидеме подобри од самите себе.

Од друга страна, Пикасо вели дека има сликари кои со жолтата боја создаваат само жолти дамки, а има вистински уметници кои од тие дамки создаваат сонце.

Токму таа метафора за мене беше голема провокација и почетна точка за целиот процес. Се надевам дека со колегите од Македонскиот народен театар успеавме токму тоа – жолтите дамки да ги претвориме во сонце.

НЕМА СТРУЈА НА ЕЛЕКТРИЧНИОТ СТОЛ Претстава која беше претставена во велешкиот театар

Во последниве неколку години повеќе работите надвор од земјата. Минатата година се вративте и работевте на „Црнила“ по текст на Коле Чашуле во Прилепскиот театар, а потоа следеа нови ангажмани и проекти и во и надвор од Македонија. Како се снаоѓате во таа динамика и што моментално работите во Турција? Најавивте и нови проекти во Хрватска – може ли да ни откриете повеќе?

– Во Турција работев на претставата „Пролет во јануари“ од Душан Ковачевиќ, текст по кој е снимен и филмот „Андерграунд“ на Кустурица. Тоа ми е трета претстава во Турција, а на крајот на летото ме очекува уште еден нов проект таму.

Од поголемите предизвици би го издвоил мјузиклот „Као какао“, како и праизведбата „Мачкина глава“ по текст на Венко Андоновски, која ја работев во Драмски театар во Скопје по повод 80-годишнината од театарот. Тоа е текст што Драмски театар го нарача специјално за јубилејот.

Соработката со Венко Андоновски за мене секогаш е голем предизвик и задоволство – досега заедно имаме работено 4–5 претстави. Тој е, според мене, едно од најзначајните имиња во македонската литература и драматургија.

За крајот на годината ме очекува и работа во Хрватско народно казалиште во Сплит, каде ќе работам „Бура“ од Шекспир – неговото последно дело, кое многумина го сметаат за негов тестамент.

Во самиот текст Шекспир се занимава со театарот, со сонот и со животот, и се обидува да одговори што всушност е животот, а што е театарот. Една од репликите на Просперо вели: „Ние сме од онаа материја од која се изградени соништата…“, и таа мисла ќе ми биде лајтмотив за претставата.

Инаку, во ХНК Сплит работам по вторпат. Претходно ја работев „Орестија“, која беше прогласена за најдобра претстава на Сплитско лето и за најдобра претстава во Хрватска на наградите за хрватско глумиште.

Затоа овој нов проект е голема одговорност, но и голем предизвик. Станува збор за ансамбл со кој веќе се познаваме и имаме изградено доверба, што му овозможува на режисерот да истражува, да експериментира и да оди чекор подлабоко во процесот.

Мјузиклот „Као какао“, кој е базиран на музиката на Влатко Стефановски и по текст на Венко Андоновски, веќе е најавен како голем проект. Што за Вас претставува овој мјузикл и што го прави посебен?

–  Мјузиклот „Као какао“, кој е базиран на музиката на Влатко Стефановски и по текст на Венко Андоновски, за мене е исклучително интересен проект, затоа што станува збор за силен и автентичен македонски проект.

Главниот носител на целиот проект, секако, е музиката на Влатко Стефановски. За мене неговата музика е една од личните карти на македонската музика и се обидуваме да создадеме мјузикл по светски стандарди, кој истовремено, поради специфичноста на музичкиот јазик, ќе добие сопствена оригиналност и препознатливост.

Станува збор за комплексен мјузикл во кој ќе учествуваат околу педесетина изведувачи. Се надевам дека прво ќе биде значаен за домашната публика, а потоа и за регионот, со можност за поширока регионална турнеја.

Верувам дека, како што Влатко Стефановски – младиот музичар од Тафталиџе – успеа со својата музика да раскаже светска приказна, така и овој мјузикл ќе го следи тој пат и ќе успее да пренесе една силна македонска приказна на регионално ниво.

Filed Under: Ревија

ШТО НЕ ОЧЕКУВА: БОГАТИ НА ХАРТИЈА, СИРОМАШНИ ДОМА
МАКЕДОНСКА ЛЕВИЦА: СЕ ФОРМИРА ФРОНТ ЗА СЛОБОДА И ПРАВДА
ЕВРОПСКИ НЕТО И БРУТО ПЛАТИ
ДЕЈАН ПРОЈКОВСКИ: МЕЃУ МНТ, НОВИ САД И СЦЕНСКИТЕ МЕТАФОРИ НА СОНЦЕТО
МАКЕДОНИЈА И НОВИTE ГЕОПОЛИТИЧКИ ХОРИЗОНТИ

Најново

  • ШТО НЕ ОЧЕКУВА: БОГАТИ НА ХАРТИЈА, СИРОМАШНИ ДОМА
  • МАКЕДОНСКА ЛЕВИЦА: СЕ ФОРМИРА ФРОНТ ЗА СЛОБОДА И ПРАВДА
  • ЕВРОПСКИ НЕТО И БРУТО ПЛАТИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet