Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

БРАВО МАЈСТОРЕ!

May 12, 2026 Filed Under: Колумни

ОЛИВЕР АНДОНОВ

Зошто ти мајсторе, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, наследник на историските претседатели и идеи и морал на историското ВМРО, кога стана претседател на ВМРО-ДПМНЕ не поднесе пријава до македонското обвинителство дека Груевски украл милиони евра пари од партиската каса за лично удоволствие?

Што би рекол еден познат новинар во Македонија: „Кај нас во Македонија има само еден мајстор -Мицкоски“. И види мајката, во право бил. Христијан да ти бил мајстор, само таков. Не што поправа прозорци, врати и ролетни по спотови, тој дури и нас ќе нѐ преправи ако треба, па колку сака фира нека оди. Во кој правец ќе нѐ преправи? Засега, во историско и цивилизациско назадување. А ќе видиме каде ќе завршиме возејќи наназад.

Излезе мајсторот во манир на идолот му Вучиќ и ни соопшти дека нема потреба да одиме на летување (одмор), викенд и слично никаде надвор од Македонија, туку да си останеме тука во нашите убавини, по реките, езерата, базените и планините на Македонија. Кој ни е виновен кога немаме море, а немаме ниту викендици на море, а уште немаме ниту владино авионче да нѐ однесе набрзина без гужви и чекање по границите, а немаме ниту дипломатски пасоши да поминуваме ВИП на аеродромите. Туку како сите нормални и горди Македонци ќе мораме да чекаме во ред за да го поминеме европскиот безбедносен систем на границите. А таа пустата Европа, има и мориња и брзи патишта и пруги, ама нас не нѐ сака, иако сме рамо до рамо со Црна Гора.

Нив, Црна Гора, ги сака затоа што имаат реки, планини, езера ама и море. Нас како и Србија не нѐ сакаат, иако сме трета економија и ептен развиени и успешни – ние немаме море. Но затоа мајсторот ќе ни каже дека за инает ние не треба да одиме во Европа, токму како што Вучиќ им кажува на Србите, дека еве и тој не оди на одмор. Преку ден работи, а навечер учи кинески. Не знам мајсторот наш кој јазик го учи навечер, но знам дека се утепа од работење преку ден и тоа толку многу (од сликање до сликање и од изјава до изјава во кои ништо ново освен стајлингот не можеме да видиме и слушнеме), така што веројатно навечер така фенси дотеран падне в кревет и блажено заспие. Затоа едвај ќе ќари некој ден за одмор.

Е сега, каде на одмор?

Па не е наше да поставуваме непристојни прашања, по толку работа, тоа мајсторот кој ќе ја поправи или оправи Македоња не се прашува. Единствено што ме загрижува, тоа е интензитетот со кој го имитираш, мајсторе, твојот идол од Белград, до степен што и ти како и тој изигруваш жртва заради твојот изречен збор во јавност, кој всушност е подбивање со граѓаните и со нивната сиромаштија. Потоа божем некои те навредуваат и се потсмеваат со тебе – добар обид за правење обратна перцепција пред јавноста. Бравос мајсторе! А што бараше на отворањето на детски спортски игри? Онака само да прашам.

Во меѓувреме, додека дојде време да се оди на одмор и се заборават препораките на мајсторот, да видиме што се случува надвор од нашата распадната и сѐ уште непоправена куќа.

На север од север, веќе имаме нов премиер. Си дојде Маѓар на своето место и сега да видиме дали ќе ги отвори досиејата на Орбан. Да видиме дали некое страшило ќе излезе кое ќе се однесува на нас, па нашиот мајстор ќе почне да учи кинески доцна навечер. Или можеби некој ќе донесе решение дека Груевски треба да се врати во Македонија за мајсторот да се соочи со најголемиот ремонт во неговата кариера, па така од зашрафување на прозорци и кваки и средување на ролетни и злоупотреба на деца во политика, да го исправат пред сериозен ремонт на зарибана машина која ќе треба да проработи по европски стандарди. Оттука и оваа „препукување“ преку Филков е само една убава забава за широките народни маси и мерење на рејтингот преку социјални мрежи, како и испраќање на безобразни пораки преку божем новинари ем инфлуенсери по социјални мрежи.

Кога веќе го споменавме Груевски (не ми беше воопшто намерата да пишувам за него) имам едно конкретно прашање за сите мој сопартијци:

„Драги мои, дали знаете дека најголемата пресуда за Груевски од 9 години затвор е поради случајот наречен „Плацеви на Водно“?

Е сега, кратко појаснување, а потоа прашање за Мицкоски. Плацеви на Водно е случај кој го обвинува Груевски за противзаконско трошење пари од партиската каса за купување имот (плацеви) на Водно за личен интерес. Овој случај го отвори СЈО на Заев и Катица со цел обвинување на Груевски за злоупотреба на партиски пари, односно тенденцијата беше да се докаже дека ја крадел партијата на која бил претседател. Е сега, бидејќи ние нели сме ВМРО-ДПМНЕ и наследници на историското ВМРО, што би значело на плејада комити, вклучително и на Тодор Александров кој парите од организацијата ги правдал до стотинка (во левови ги воделе финансиите на организацијата), тоа значи дек доколку ова обвинение е точно, Груевски направил тежок престап против партијата (организацијата – ВМРО) што во историското ВМРО чии наследници сме се накажувало со смрт. Живеејќи во 21-от век нели не е цивилизациски да биде некој накажан со смрт, тој треба да е накажан со затвор.

Но каде е проблемот? Еве го прашањето до мајсторот Мицкоски кое треба да ни го одговори токму проблемот:

„Зошто ти мајсторе, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, наследник на историските претседатели и идеи и морал на историското ВМРО, кога стана претседател на ВМРО-ДПМНЕ не поднесе пријава до македонското обвинителство дека Груевски украл милиони евра пари од партиската каса за лично удоволствие“?

Ова требаше да биде твој логичен потег за да се знае пред членството дека твојот претходник бил крадец, а ти како негов сукцесор тоа си го утврдил (нели зборуваше дека партијата си ја затекнал во состојба како Сталинград по битката). Тоа би значело дека прогонот на Груевски е исправен и уште на иницијатива на оштетениот – нашата партија ВМРО-ДПМНЕ. Бидејќи не поднесе и сѐ уште никој од ВМРО-ДПМНЕ нема поднесено пријава до јавното обвинителство дека во партиската каса недостасуваат пари, тоа значи дека ти, мајсторе, кога си го наследил Груевски не си нашол никакви проблеми по тоа прашање.

Можеби партијата преку нејзините органи му одобрила на Груевски да употреби партиски средства за купување партиски имот? Тогаш и тоа значи дека нема кражба на пари од партиската каса. Во било кој случај, мајсторе, ти како претседател на нашата ВМРО-ДПМНЕ, си требало да го известиш обвинителството, а потоа и судот (а доколку сакаш тоа можеш да го направиш и сега, а не да го пушташ Филков) дека нашата партија ВМРО-ДПМНЕ нема никакви побарувања од Груевски, односно не сме оштетени поради што и не бараме спроведување на кривична постапка против него. На овој начин, барем морално и пред очите на целата македонска јавност ќе падне оваа најголема пресуда против Груевски.

Гледате драги мои сопартијци, колку е едноставна тука работата и колку таа зависи исклучиво и само од добрата волја и пред сѐ политички интерес на Мицкоски. Додека сите ние во партија ќе се делиме по однос на едноставното решение кое е во рацете на Мицкоски (а само и тоа му е во рацете, како што реков, за враќањето на Груевски не одлучува никој од нив двајцата), со еден допис од партијата до Врховниот суд на Македонија, овој предмет можеше и може да падне.

И ете го Никола во Македонија.

Но тогаш Мицкоски ќе има проблеми и затоа подобро да се плетат приказни и прават состојби за забава додека Груевски се држи подалеку од Македонија и на кратко јаже, според очигледниот пакт Мицкоски-Заев. А најдобар за да се заигра оваа драмолетка е Филков, кој друг, ако не другарите на Црвенковски менторот му. Има уште причини зошто не сака мајсторот со чираците – клиентелата и менторот да им се појави тука Груевски. Тоа е неговиот сѐ уште добар рејтинг и сеќавање кај обичниот и обесправен партиски член и напатен македонски граѓанин, а тој рејтинг може да предизвика чудо, па мајсторот сосе чираците, клиентелата и менторот да завршат неславно. Само не знам дали Груевски е подготвен за таква само жртва.

Но доколку ЕУ решила од нас да прави држава по секоја цена, тогаш покрај Груевски ќе има многу „изненадувања“, тестови кои мајсторот и неговите чираци ќе треба да ги полагаат, од правосудство, владеење на правото и одговорност на политикантите, па сѐ до финансиска стабилизација на државата, инфраструктура, односно исполнување на обврските за членство во ЕУ според Францускиот предлог – Европски договор за преговарачка рамка за Македонија.

Доколку оваа задача од ЕУ, мајсторот и политикантите се обидат да ја изманипулираат по примерот на инспираторот им од север (а тоа е за очекување според сите показатели), тогаш нема ништо од одморот и викендите во ЕУ, ќе си седиме дома. Кој не сака дома има опција – бугарски пасош или да не бидеме груби – европејско гражданство.

Тамам е, а мајсторот нема да може тука да изврши поправки кои ни ги објаснуваше изминативе две години по принципот „како Перица го замислува светот“, односно со шрафцигерот в рака, заврти малку налево, малку надесно, но во основа „нарани кучињата и ништо не пипај“, и толку. Ќе се обиде да направи уште една драмолетка околу „недоразбирањето“ со коалиционите партнери, но тоа е со цел да ги замае граѓаните, а посебно нашите сопартијци за да може да оди на предвремени избори. Но за оваа драмолетка ќе ви пишувам во некоја следна колумна, бидејќи е поврзано со она што веќе ви го пишував пред неколку месеци, за тоа како ќе се однесува во партија и какви игри ќе игра токму со неговата клиентела, бидејќи му се може.

Сега, доколку сака нешто да помести (а нема да сака) ќе мора да се погледне в очи со Радев и да донесе едноставна одлука. Одлука која е судбоносна и за мајсторот и за нас и наша Македонија. На прв поглед одлуката е едноставна: „Да се извршат уставни измени“. Но тоа би значело политички крај на мајсторот и неговата тајфа чираци. Кога е во прашање државата, татковината, Македонија, во која сите се колнат нели и работат за неа, тогаш прашањето за лична политичка иднина не е важно, важни се иднината на Македонија, а таа е поврзана со нашето членство во ЕУ.

Дилемата е всушност многу едноставна, мајсторе: „Дали ќе останеш приврзан за своите лукративни интереси и ќе останеш на власт по секоја цена, односно ќе ја кочиш Македонија на патот кон ЕУ раскажувајќи ѝ на македонската нација раскази како го браниш идентитетот кој постојано го губиме или ќе се придружиме на нормалните современи европски нации како членка на ЕУ“.

Колку што можам да забележам кога сме кај идентитетот, тука имаме најголем напредок. Кога ќе ни ги стават на вага Делчев и Броз, ние сепак сме си за Броз. Што е сигурно, сигурно е, што доколку стариот се повампири, а Југославија, а српски свет. Во овој контекст, барем нам во Внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ, многу ни е јасно дека оваа заљубеност во Југославија, а преку индикаторот Броз е всушност показател на успехот на српскиот свет низ културолошко-историски аспект да ја завладее Македонија и да ја блокира на патот кон ЕУ, односно кон тоа да бидеме современа европска нација и држава.

Како што изгледа работата, ти мајсторе ќе останеш приврзан кон твоите лукративни интереси и нема да се занимавате со нашата иднина во ЕУ, туку ќе се занимаваат граѓаните со тоа што намерно сте го кажале, за да можете потоа да глумите дека ве навредуваат и ви се потсмеваат на кажаните будалаштини. Интересен настап, мајсторски настап за залудување на нацијата, посебно на нашите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ. Не е тешко да се залуди нацијата, посебно кога имате опозиција каква што е СДСМ (кое јас го нарекувам умрено), кое не знае дали е опозиција или спаринг партнер на Мицкоски. За волја на вистината, во СДС има повеќе групи кои се како рогови во вреќа, а тоа значи дека не знаат кој крај да го фатат, не пак да имаат координиран и стратешки планиран политички настап. Токму овој факт и ги зголемува шансите за Мицкоски да оди на предвремени избори на кои во недостиг на опозиција и при најмала излезност и под 300.000 гласови за нашата партија ќе му гарантира победа и власт.

Но пред тоа, како што ви кажав пред неколку месеци, откако почека да види што ќе му донесе април во Будимпешта, ќе оди на обезвластување на сите во нашата ВМРО-ДПМНЕ за да може да има сигурна потпора во пратеничката група, односно во клиентелата која во еден дел треба да биде лојална пратеничка група. За да може да се заврши таа работа, започна да си го мери внатрепартискиот рејтинг со Груевски, најпрво низ социјалните мрежи, а сега и со отворен судир. Едноставно, мајсторот сака да види дали е поголем мајстор од Груевски, односно колку вреди доколку Груевски биде вратен во Македонија, односно дали и нашата ВМРО-ДПМНЕ ќе се расцепи како СДСМ. Нема да ме изненадат некои вакви состојби, но сепак како што веќе реков, тоа ќе зависи од други и од нивните одлуки, а посебно од нивното прифаќање да влезат во овие игри.

Но, така е тоа кога партијата е подвластена заради интересите на еден човек или мала група клиенти а не е демократизирана и нема долгорочна државна, национална и партиска стратегија која ќе овозможи излез, односно повеќе можни сценарија.

Не очекувајте Бугарија да се занимава со нас. Едноставно ќе биде. Тоа прашање ќе си го употребуваме самите за по дома, додека Радев едноставно ќе нѐ упати на преговарачката рамка со ЕУ која нема да биде променета па ако сака мајсторот со се чираците на глава да стојат, па дури и доколку дојде во Скопје, нема да има промени во ставот на Радев. Колку побргу тоа го разбереме, толку побргу ќе тргнеме во решавање на нашата цел – ЕУ. Инаку, во целата оваа состојба тој наш пат кон ЕУ ќе го забрзаат други центри на моќ поради нивните интереси на кои им пречиме со оваа однесување. Но тоа ќе биде посебно интересен процес, а и не ми се верува дека мнозина ќе можат да го видат и да го препознаат, па ќе бидат и изненадени. И секако, оние глупави обиди по социјалните мрежи да се шират дезинформации како Радев ќе го одземел бугарското државјанство на Македонците во пракса нема ништо да помогнат во нашиот почеток на преговори со ЕУ. Ниедна држава не одзема државјанство на свои државјани доколку самиот државјанин не го побара тоа како „отпуст од државјанство“, а како што стојат работите, тенденцијата за Македонците да земаат бугарски државјанства ќе се зголемува и тоа токму заради немањето европска перспектива.

Ете така, мајсторот може ќе поправа прозорци и кваки, но за да ја поправи сопствената политичка состојба, а посебно состојбата на Македонија во сите аспекти ќе мора друго нешто да прави, а во тоа поправање неизбежни се многу фактори, пред сѐ наши внатрепартиски, вклучително и Внатрепартиската фракција за демократизација и ревитализација на партијата која е конзистентна во своите про-НАТО и про-ЕУ ставови. Покрај тоа ќе влијаат и многу други внатрешни и пред сѐ надворешни фактори од НАТО, ЕУ и сите наши стратешки партнери, но и соседи.

Во никој случај да не го заборавиме предлогот на ДУИ за отворање на Уставот и колку и да ни се чини безопасен, како Внатрепартиска фракција предупредуваме дека се работи за сериозен чекор кој предупредува на можна идна дезинтеграција на Македонија како последица на инаетот и политичкиот аутизам на мајсторот. Очигледно, мајсторот не сака да ја осовремени Македонија и остануваме во манифактурно производство, наместо да се индустријализираме и осовремениме како цела Европа.

Е па бравос бре мајсторе, мајсторе…

Сега на тебе е редот да одлучиш дали ќе заиграш или…

(civilmedia.mk)

 

Filed Under: Колумни

ВЛАДАТА НИ НАЈДЕ АЛТЕРНАТИВА – ЌЕ СИ СЕДИМЕ ДОМА, КЕРОЗИНОТ НЕ НЕ’ ЗАСЕГА
МАКИТЕ ПО ФИЛКОВ
КАКО БЕШЕ САБОТИРАНА ИСТРАГАТА ЗА КОРУПЦИЈАТА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ПРУГАТА ЗА „БРЗИ ВОЗОВИ“
„МАЧКИНА ГЛАВА“ НА ДРАМСКИ НА СТАРТОТ НА ФЕСТИВАЛОТ „ЧЕРНОДРИНСКИ“
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (178): ВO ИДНИНА НЕМА ДА ИМА ПРЕКРАСНА РУСИЈА

Најново

  • ВЛАДАТА НИ НАЈДЕ АЛТЕРНАТИВА – ЌЕ СИ СЕДИМЕ ДОМА, КЕРОЗИНОТ НЕ НЕ’ ЗАСЕГА
  • МАКИТЕ ПО ФИЛКОВ
  • КАКО БЕШЕ САБОТИРАНА ИСТРАГАТА ЗА КОРУПЦИЈАТА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ПРУГАТА ЗА „БРЗИ ВОЗОВИ“

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet