Европа се соочува со туристичка криза поради недостиг на гориво. Мицкоски вели дека ќе си летуваме на наши плажи ама заборава на девизите со кои треба да се омрси нашиот девизен биланс. Како и на девизите кои во џебовите ги носат гастарбајтерите на своите семејства кои влегуваат во платниот промет. Ама толку знаат пропагаторите во неговиот штаб, тие бараат „алтернатива“. Инаку, да му укажеме на Штабот дека кризата засега е ценовна а допрва доаѓа кризата во снабдувањето…

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Европа влегува во една од најнапегнатите туристички сезони во последните години, додека во исто време проблемите се испреплетуваат на неколку фронта – од зголемувањето на цените на горивото за авиони и билетите, недостигот на гориво, до ризикот од откажување на летови. Ситуацијата е дополнително комплицирана од новиот европски систем за влез и излез од Шенген зоната (ЕЗЗ), што предизвикува одложувања и застој на граничните премини. Глобалната криза, поттикната од војната на Блискиот Исток и прекините во снабдувањето со нафта, почнува сериозно да ги менува плановите на патниците ширум светот. Цените на авионските билети ќе останат високи, а профитот на авиокомпаниите ќе биде под притисок.
Прекините во испораките на гориво од земјите од Персискиот Залив преку Ормутскиот теснец ги зголемуваат трошоците и го зголемуваат ризикот од недостиг непосредно пред почетокот на туристичката сезона. Цената на керозинот се зголеми повеќе од двојно, а горивото сочинува до 40 проценти од цената на авионскиот билет.
Самата Европска Унија не произведува доволно гориво за авиони за да ја задоволи домашната побарувачка, а нејзините рафинериски капацитети можат да покријат само 70 проценти од потребите на авиокомпаниите. Секое подолго прекинување на сообраќајот на танкери низ теснецот би можело да ги остави авиокомпаниите на цедило.
„Европа изгуби капацитет за преработка на нафта во последните неколку години и е сè повеќе зависна од увозот, што ја прави ранлива на глобални кризи“, рече врвниот експер за енергетика Тиери Брос, париски професор кој се смета за креатор на европските политики во овој домен.
СИТУАЦИЈАТА Е ВЕЌЕ СЕРИОЗНА Европскиот комесар за енергетика Дан Јоргенсен неодамна предупреди дека ситуацијата е веќе многу сериозна и дека многу граѓани можеби ќе мора да ги променат своите планови за одмор.
„За жал, многу е веројатно дека одморите на многу луѓе ќе бидат засегнати, или од откажувања на летови или од многу, многу скапи билети. Дури и да направиме сè што можеме, ако горивото за авиони го нема, тогаш едноставно го нема“, изјави тој за Скај N.
Според него, во моментов станува збор првенствено за ценовна криза, но постои реална опасност таа да се претвори во криза со снабдувањето. Меѓународната агенција за енергија веќе предупреди дека сериозни проблеми со снабдувањето би можеле да се појават во следните пет до шест недели. Дури и во случај на брза деескалација на конфликтот, последиците ќе се чувствуваат долго време.
„Дури и да имаше мир утре и да беше отворен Ормутскиот теснец, мислам дека ќе го избегневме најлошото, но дури и во најдобро сценарио, ценовната криза ќе продолжи уште некое време“, вели Даг Јоргенсен, човекот кој за ЕУ ги прави плановите за енергетска и климатска политика до 2020 година.

ГОЛЕМИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ ВЕЌЕ СЕ ОБИДУВААТ ДА НАЈДАТ СПАС
Македонските камионски превозници се до гуша во проблеми поврзани за фграниците и новите бариери што Унијата ги поставува за нив. На ова се придружуваат новите тегови на несреќата што доаѓаат за македонските тур-оператори, аеродроми и сите оние кои живеат од туризмот. А се на се од сообраќајот живеаат можеби и сто илјади семејства кај нас.
Проценките покажуваат дека само во мај, глобалниот капацитет е намален за околу два проценти, односно илјадници летови помалку од планираното. Според компанијата за авијациска аналитика „Цириум“, два милиони седишта во авионите биле отстранети од глобалните распореди на летови во мај, бидејќи авиокомпаниите го намалуваат капацитетот, а само во мај беа планирани околу 13.000 летови помалку низ целиот свет.
Најголемо влијание се очекува кај нискобуџетните авиокомпании, кои работат со мали маржи, па затоа веќе се принудени да ги зголемат цените и да ги откажат помалку профитабилните летови. Поради ова, нискобуџетната авиокомпанија Трансавија неделава ги објави првите откажувања на летови во мај и јуни, наведувајќи го наглиот пораст на цената на керозинот, широко користено гориво за авијација, објави весникот „Капитал“. Така, Трансавија стана последната во низата авиокомпании, по Рајанер и Волоте, што објави откажување на дел од европските летови во мај и јуни.
Од друга страна, германската Луфтханза веќе најавува зголемување на цените на билетите, намалување на бројот на летови и оптимизација на рутите. Оваа авиокомпанија, исто така, објави откажување на дури 20.000 кратки летови во текот на летото, со образложение дека многу рути станале „непрофитабилни“ поради ненадејното зголемување на цените на горивата.
Сепак, и покрај драматичните наслови, ова не значи дека одморот во Европа е откажан. Она што се менува е цената и сигурноста, па патниците можат да очекуваат поскапи билети, поретки поаѓања и поголема веројатност за промени во последен момент. Токму поради ова, властите на европските земји веќе почнаа да апелираат до патниците што поскоро да си ги обезбедат билетите за да не останат без одмор.
Шпанскиот министер за индустрија и туризам, Жорди Хереу, ги повика туристите што е можно поскоро да купат авионски билети за да го избегнат ризикот од повисоки цени поради зголемувањето на цените на нафтата. Хереу за шпанскиот весник „Експанзија“ изјави дека откако рекордни 97 милиони туристи ја посетија Шпанија минатата година, земјата би можела да одржи слично темпо на раст оваа година, но дека повисоките трошоци за гориво се закануваат да ги зголемат цените на авионските билети и да влијаат на пристигнувањето на туристите, објавува „Ројтерс“.
„Она што го препорачуваме е луѓето да купуваат билети сега бидејќи е вистина дека (авиокомпаниите) во моментов користат керозин што е купен пред некое време, и затоа постои елемент на флуктуации на цените. Веќе е јасно дека цените се зголемиле и ова би можело да влијае на побарувачката“, вели министерот Хереу.

EES СИСТЕМОТ И ПАТУВАЊАТА Сепак, горивото не е единствениот проблем за патниците од Македонија летово. Многу европски аеродроми веќе доживеаа повеќечасовни застои, особено за време на зголемениот летен сообраќај и воведувањето на новиот EES систем. Долгото чекање на пасошката контрола доведува до пропуштени летови и прекинати врски, додека дополнителни проблеми се појавени и поради техничките тешкотии на биометриските системи и недостатокот на персонал за справување со зголемениот број патници.
Аеродромските власти и туристичките оператори предупредуваат дека целиот систем уште во првите месеци предизвикал оперативен застој што не бил целосно предвидлив. Поради таквиот застој, некои земји од Шенген зоната воведуваат пофлексибилни правила за да го намалат притисокот на границите и аеродромите, што го поставува прашањето за можни прилагодувања или одложувања во спроведувањето на системот што штотуку стапи на сила.
Премиерот Мицкоски изјави дека не треба да се муртиме заради недостигот на керозин и проблемите со системот ЕЕЅ. Ќе си одиме на нашите плажи, во бањите, на планините и тие емста ќе имаат добивка. Ама барем дел од нив ќе имаат помалку гостии од оние што севон земјава. Како тоа ќе влијае на нашиот девизен биланс? Сосема е јансо. Особено што и гастарбајтерите веројатно во поголем број ќе се олучат да одат по германските бањи летово, на швајцарските планини или на италијанските плажи… Место да донесат девизи (во кеш) кои најблиските потоа ги трошат во нашиот промет или мали инвестиции тие ќе се почувствуваат и преку намален бруто-национален доход. Само за потсетување НБРМ одамна има пресметано дека тие пари се над една милијарда евра, некогаш и доста над таа граница и вредат повеќе од било каков извоз како македонска гранка. Често се напоменува и дека тие пари не се евидентирани, но таа појава ќе се зголемува во обем со најновите „лешинарски“ политики на УЈП која допрва ќе ги бележи негативните ефекти во губењето на пари во прометот.
Проблемите во меѓународниот сообраќај се работи кои сериозно ја засегнуваат нашата еркономија. Ниту сме ние некаков ребинзонски остров а ниту може да се одбегне дека нашите граѓани ќе го отфрлат одењето на одмор во странство. Една од нашите мејстрим телевизии спомена дека 200.000 наши сограѓани имаат свои купени апартмани во Грција. Напрвин дасе согласиме дека има дупки во купопродажните практики во грчката пазарна понуда за оние кои не се членки на Унијата. Впрочем ние имаме над 200.000 граѓани со бугарски пасош! Друго, тоа е лог кој мора да се исплати а тоа не само со она малтретирање на Богородица за време на викендите и празниците. Тие посети едноставно не можат одамна, уште од благата нормализација на односите со Грвија и нејзините граници да се сопрат и на тоа луѓетом од штабот на премиерот треба да го знаат а не да ни продаваат „ифтири“.
Кога ќе се стави црта над целата актуелна ситуација со патувањата и туризмот ние не сме во никаква добивка. Да не се лажеме и да кроиме решенија со кои тие загуби ќе се намалат. Јасно, ова не е влада и за нормални ситуации а камо ли за кризни.




