Јасно е дека сторителите на вакви криминални чинови секогаш наоѓаат свое покритие во партиската држава. Тоа е случај и со настани поврзани со врсничко насилство и со појави на групно изживување врз поединец

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Каков е исходот после насилството на млада девојка во Ѓорче Петров? Како заврши случајот со насилството во Влае? Што беше со насилството во Чаир… – ги редеше во неделата професор Татјана Стојановска Иванова во гостувањето во централните вести на ТВ Сител. Се говореше зошто постојано се отвора оваа тема кај нас а гостинката едноставно рече – затоа што не се процесуираат сите претходни случаи и почна да ги набројува само оние од последната половиан година во Скопје. Навистина, мора да се сложиме дека во сите тие случаи се доцни во истрагата, потоа во поднесувањето на кривични пријави а за судењето… има време а треба тој настан да се заборави или да се „покрие“ со некое друго слично загрозување на животот и здравјето. И ќе се дебатира за последната слика за она дека во општеството нешто длабоко не е во ред ама како форма на носење во заборав на претходните, слични по својата природа настани. Повеќе откриваа новинарските истраги, кои иницираа сомнеж дека насилството на група девојки врз нивна соученичка во Ѓорче Петров е покривано од партиска службеничка во образованието! Демант немаше.
Последниот настан, поврзан со брутално убиство на 17-годишната Бијана Кириќ од Богданци, дури и со палење на нејзиното тело ги извлече на улица граѓаните од нејзиниот град но и од Републиката. Протестот се одржа во Скопје и имаше масовна излезност. И дојде по бесрамната одбрана на државните службеници дека за овој настан кај нив нема вина, иако се што му претходело како да е копија на содржината на романот на Маркес „Хроника на најавеното убиство“, кога сите знаат дека конкретна личност ќе го изгуби животот а само чекаат да го видат последниот чин.
Па, се слушна тоа дури на митингот во неделата (на 8 ноември), дека
Билјана Кириќ со недели не одела на училиште и никој не го пријавил тоа. Чуму тогаш наслонување на полицијата со само еден телефонски разговор со таткото на жртвата ! Ова сознание од протестите по нејзиното убиство се само ново осветлување дека ние имаме инстиутционална „кома“ во однос на заштита на граѓаните од насилството.
„Не може малолетни лица да ја вршат работата на возрасни луѓе. Сите возрасни треба да бидат заштитници на малолетниците, особено ако се авторитет. И сега сите треба да одговараат затоа што сите се соучесници во убиството на девојчето“, кажа девојка од Богданци во своето обраќање пред зградата на „Нова Македонија“, каде се наоѓаат просториите на Министерството за образование и наука (МОН). Потресна изјава е на нејзината сограѓанка, која кажа оти се срами што е жителка на Богданци, бидејќи, според неа, вина за убиството врз себе имаат и сите возрасни во местото, кои знаеле низ што поминува девојчето, но не презеле ништо да ѝ помогнат.
Во изјавата што ја пренесе „Слободен печат“, жителката на Богданци рече дека за ситуацијата знаеле и наставниците на Кириќ, но не пријавиле. Говорејќи низ солзи, таа рече дека девојчето со недели не одело на училиште, но никој не го истражил случајот.
„Мене ми е срам да кажам дека сум дел од оваа држава, а уште повеќе ми е срам да кажам дека сум жителка на Богданци затоа што Билјана не е прва жртва на насилство во тоа место. Но, моментално има голем број возрасни луѓе кои што се ‘заслужни’ за нејзиното убиство, не само момчето кое што ја уби. Како прво, заслужни се сите возрасни кои се дел од нејзиното опкружување – нејзините наставници и професори во училиштетот кои знаеле за оваа ситуација и не пријавиле. Девојчето со недели не одело на училиште и никој не го истражил тоа“,
рече таа.
Девојката ја обвини и полицијата за случајот. Според неа, иако насилникот бил повеќе пати пријавуван и полицијата знаела за него, тој откако бил уапсен, кратко потоа повторно бил пуштен на слобода. Таа тврди дека во една ситуација, нејзиниот брат и неговите другари го бранеле девојчето од насилното момче додека да дојде полицијата. Вели дека по приведувањето, тоа за кратко време било пуштено на слобода.
„Богданци е многу мало место и сите се познаваат. Не е можно да познаваш дека некој е насилник и ти ништо да не направиш во врска со тоа. Не може малолетни лица да ја вршат работата на возрасни луѓе. Сите возрасни треба да бидат заштитници на малолетниците, особено ако се авторитет. И сега сите треба да одговараат затоа што сите се соучесници во убиството на девојчето“, изјави девојката од Богданци во своето обраќање пред зградата на „Нова Македонија“, каде се наоѓаат просториите на Министерството за образование и наука (МОН).
Протестниот марш, кој почна напладне во паркот „Жена борец“ во Скопје и траеше околу два часа, беше организиран од неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“.Оттаму, присутните граѓани поминаа покрај Собранието и Министерството за правда, а маршот го завршија пред Министерството за образование и наука.
Дел од пораките тие ги испратија и преку транспарентите што ги носеа, а на кои можеше да се прочита – „Не ја родив и чувам за некој да ја претепа и запали жива“, „Гневот нема да ни го земете“, „Семејни вредности – ќотек и навреди“, укажувајќи насилството врз жените и неказнивоста во земјава.
Активистите потсетија на имињата и на други жени и девојки кои ги загубија животите како жртви на насилство – Рамајана, Росица, Танкица, Ивана, Катја…, прашувајќи уште колку жртви се потребни за институциите да се разбудат.
Од протестот беа упатени неколку пораки, а активистиката Елена Петрова, барањата ги сумираше во четири конкретни барања.
Кажа дека за сите пропусти на институциите бараат имиња, одговорност и санкции. Втората порака беше итно поднесување и усвојување на законски измени за заштита од насилство.
„Трето, вратете ги родот и родовата еднаквост во законите, програмите и образованието од кое ги избришавте. Не може да водиме борба против родово базирано насилство, ако политички ја поткопуваме самата основа на негово препознавање. Четврто, разрешете ги од јавни функции ониен кои повикуваат на контрола врз жените, го оправдуваат насилството и го нормализираат нивното потчинување“, рече Петрова а пренесе „Слободен печат“
(Љ.К.)




