ИВАН ПЕШЕВСКИ
Владата мислејќи дека ССМ измислува цени и ставки, за жал, за еден мизерен живот согласно кошничкава која патем нема ни свадба, ни погреб, ни роденден, ни мајстор ако нешто ни се расипе дома, решава да си направи своја па дури и просечна и замислете поефтина за скоро 200 евра месечно
Еднаш кога спомнаа дека Владата ќе пресметува колку навистина му треба на едно семејство месечно мислев дека се шегуваат, па напишав збор-два, но денес они навистина „точно” пресметале колку ни треба за просечен живот наспроти оној мизерен и минимален кој ни го пресметува Синдикатот.
Синдикалната потрошувачка кошничка произлегува во време кога Државниот завод за статистика престанува да ја изготвува можеби од причина што и во тоа време на државата и се виде скапа. Но, засега тоа е неважно. Сојуз на синдикатите на Македонија ја пресметува (од 2011та година пред донесувањето на Закон за исплата на минимална плата во 2012та година) со една единствена цел. Не за да се покаже колку му треба на еден работник и неговото семејство, туку како аргумент пред државата со колку не се живее.
Следен потег треба да биде или покачување на платите или контрола врз пазарот и зауздување на трговците со нереалното зголемување на цените. Како на основните продукти за живот, така и за сите останати цени вклучувајќи го горивото, енергенсите, комуналиите, становите и домувањето па дури и висината на каматните стапки, затоа што еден народ затоа има и држава.
Но, што навистина се случува. Владата мислејќи дека ССМ измислува цени и ставки, за жал, за еден мизерен живот согласно кошничкава која патем нема ни свадба, ни погреб, ни роденден, ни мајстор ако нешто ни се расипе дома, решава да си направи своја па дури и просечна и замислете поефтина за скоро 200 евра месечно. Прашањето ми е дали навистина владата смета дека работникот не знае колку му требаат месечно, па она тука како месија ќе го просветли?! Работникот, студентот, пензионерот, стечаецот, невработениот, ученикот дури и во основно образование точно знаат колку е и ужинка во училиште, колку дома „имаат” за сметки, а камо ли за некој „луксуз” како хамбургер во сендвичара.
Дали ќе се пресметува платата месечно, неделно или по дневница е сосема неважно ако стигнува истата без да работиме на црно или втора, па и трета работа. Но, проблемот не е како да дадат газдиве и владава, туку како уште малку да земат ако може без никој да се побуни.
70.000 денари наспроти 58.000 драги мои не е ништо друго освен супер формула како да заштедите 200 евра месечно и да заборавите на синдикалниот и сиромашен одмор во Дојран во бунгалов седум дена и да заминете на Малдивите. Кажете фала и немојте случајно да сте се побуниле дека е скап животот во Македонија, зашто ако Ви се налутат од партија ботови сте, се извинувам готови сте!
P.S. Реалноста не се менува со владин калкулатор.
(Авторот е претседател на Синдикатот на градежни работници при ССМ)




