Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

Е МОЈ АЛЕКСАНДАР НИКОЛОВСКИ…

May 12, 2026 Filed Under: Колумни

БОРЧЕ ТРАЈКОВСКИ

Е мој Александре Николовски звани Лигња, бараш увоз на работници, а не се прашуваш каде се твоите, нашите. Највредни, најспособни, најкреативни во сите сфери… Срам да ти е, бе, токмак апашки…

Никој не се срамеше од својата професија. Во осмолетките се селектираа способностите и афинитетите на учениците до полуматурата. Не трчаа родителите да ургираат за “сите петки“ на своето дете за да го запишат во некоја од престижните гимназии, Корчагин, Орце, Ј.Б. Тито, или, ЕМУЦ. Секој ученик ученичка ги добиваше оние оценки за кои решаваа учителите и наставниците. Класните редовно ги посетуваа родителите во домовите за да поразговараат со нив за иднината на нивното дете, за неопходноста од различните професии, за потребата од квалитетни бравари, заварувачи, рудари, автомеханичари, молери, фризерки, бербери, продавачки и продавачи, наполно исто како и за потребата од инжењери, доктори, уметници, актери или глумци, музичари, писатели, новинари итн…

Учителите и наставниците работеа на “градбата на темелите“ на секое дете посебно, и заедно со родителите ја кроеја нивната иднина. Иднина на реалноста. Иднина на сознанијата дека нивните деца се за таму и таму, за тоа и тоа. Најдобронамерно и најпосветено, најискрено. Родителите се поклонуваа пред учителите и наставниците…

Државата имаше ценети занаетчии, монструми во занаетите: бравари, заварувачи, лимари, казанџии, автоелектричари и механичари, надалеку познати автолимари, совршени угостители и кулинари. Имаше и општи лекари, и заботехничари како доктори стоматолози, имаше и специјалисти, хирурзи и професори. Имаше уметници, сликари и вајари, графичари и фотографи, имаше и актери и медицински сестри и болничари, имаше и возачи и машиновозачи. За земјоделци и сточари да не зборувам. Македонија изобилуваше со работници од овие два профили.

Државата имаше се’, и за секого имаше вработување и реална потреба од таквите. Секој заработуваше различно, ама доволно за да се преживее месецот…

Сега? Сега децата од забавиште гледаат и чувствуваат дека се заштитени со позициите на нивните родители. Со нивните имања на пари. Не им е битно како ги стекнале парите, битно им е да знаат дека имаат пари. Многу пари. Децата гледаат како учителите и наставниците се кезат пред нивните родители, се наведнуваат, им пишуваат петки на рачињата и во свидетелствата без да ги испрашаат, а во гимназиите ги пречекуваат уште подрчни, посамопонижени професори и директори, исто така за пари…

На факултетите е лесно. Не мора да се појавуваш на испит. Треба само да платиш и да чекаш диплома. Каква диплома? Хе. Кажи каква сакаш, таква ќе добиеш. Сите, и деца и родители и учители и професори, се во фрка и трка како најлесно да дојдат до пари. Се разбира, преку место во политиката. Никому не му требаат работници. Ако имаш предиспозиции да се набилдаш со мускули, да имаш краток фитиљ за да се степаш со некого, да повлечеш по пиштолот за да се покажеш пред магистрите телохранители на политичките арамии, има шанси да се уштекаш. Ако си обичен ама квалитетен работник, со диплома за стекнат занает од познати мајстори, цк. Таквите си го бараат чарето некаде далеку. Што подалеку, подобро…

Често пати се прашувам: Зошто никој од младиве не ме разбира кога зборувам за моето детство и младост, и тие примери ги посочувам како репер, како потенцијална точка од која треба да тргнува секое општество за да создаде здрава средина, за уште поздрава држава?

Џабе ми е што го знам одговорот кога тој добива доживотна пензија, кабинет, телохранители, возило и возач, кога, добива се’, а ја избрукал државата секаде. А занаетчии никаде…

Е мој Александре Николовски звани Лигња, бараш увоз на работници, а не се прашуваш каде се твоите, нашите. Највредни, најспособни, најкреативни во сите сфери… Срам да ти е, бе, токмак апашки…

Тенкју…

(libertas.mk)

Filed Under: Колумни

ПРЕПУКУВАЊА И СЛАБА ИЗЛЕЗНОСТ ЗА ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА
AMBITUS PRAECOX
ИЛИНДЕН 2026: ТАШМАРУНИШТЕ И ДЕМОКРАТСКИОТ КАПАЦИТЕТ НА МИЦКОВСКИ
ЕКОНОМИЈА: ПОЛОШО ОД СРБИЈА СТОЈАТ САМО НИВНИТЕ ТРИ СОСЕДИ
СПЕКТАКЛ НА НЕБОТО: ЕВРОПА ОВА НЕ ГО ВИДЕЛА 27 ГОДИНИ

Најново

  • ПРЕПУКУВАЊА И СЛАБА ИЗЛЕЗНОСТ ЗА ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА
  • AMBITUS PRAECOX
  • ИЛИНДЕН 2026: ТАШМАРУНИШТЕ И ДЕМОКРАТСКИОТ КАПАЦИТЕТ НА МИЦКОВСКИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet