Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

КАО КАКАО – МЈУЗИКЛ ИНСПИРИРАН ОД МУЗИКАТА НА ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ

May 26, 2026 Filed Under: Ревија

Првиот македонски мјузикл инспириран од музиката на Влатко Стефановски премиерно ќе биде изведен на 2 и 3 јуни. Автор на текстот е Венко Андоновски, режисер е Дејан Пројковски, а во проектот учествуваат околу педесет изведувачи

ЧАС ПО ЧИТАЊЕ Актрите и режисерот Пеојковски на прво читање на текстот на Венко Андоновски

ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА

„Као какао“ е насловот на првиот македонски мјузикл инспириран од музиката на гитаристот и композитор Влатко Стефановски – автор чиј звук со децении е дел од музичката меморија на публиката.

Проектот беше официјално најавен на прес-конференција одржана во февруари, а на неодамнешната втора прес-конференција беа претставени деталите за двете премиерни изведби, закажани за 2 и 3 јуни. Мјузиклот е во продукција на „Баги комуникации“, а копродуцент е Македонскиот народен театар.

Текстот за мјузиклот го напиша Венко Андоновски, додека режијата му е доверена на Дејан Пројковски. Претставата ќе вклучи 19 познати композиции од Влатко Стефановски, кои ќе бидат изведени во нови аранжмани, специјално подготвени за оваа продукција од Бобан Мирковски.

Приказната за љубовта, среќата и старо Скопје ќе ја раскажат младите актери Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ, кои ги толкуваат главните ликови Дона и Џими. Тие беа избрани на кастинг спроведен од Биљана Драгиќевиќ-Пројковска.

Покрај нив, во мјузиклот настапуваат и Стефан Спасов, Григор Јовановски, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Јордан Симонов, Антонио Ташковски, Дениз Абдула, Јована Миладинова, Тања Кочовска, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Анастасија Трајковска, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Ѓорге Нешковиќ и Анастасија Митровска.

За кореографијата е задолжена Олга Панго, костимограф е Марија Пупучевска, сценографијата ја потпишува Валентин Светозарев, а вокален ментор е Ана Костадиновска.

Автор на визуелниот идентитет е дизајнерот Марко Мандичевски, кој создаде визуелна приказна базирана на пеперутка изработена од гитарски жици – симбол на трансформацијата на еден млад уметник во потрага по успех.

„Квалитетот на луѓето што учествуваат и квалитетот на музиката на Влатко Стефановски ни даваат право да мислиме дека, ако не е најдобриот, ова сигурно е еден од најдобрите проекти направени во последните децении. Тоа ни дава право и да се надеваме дека ќе успееме да излеземе надвор од границите на нашата држава“, рече Владимир Мандичевски – Манде, извршен продуцент на „Баги комуникации“.

Стефановски истакна дека уште при првите разговори со креативниот тим го препознал потенцијалот на проектот.

„Да бидам искрен, во оваа фаза од мојот живот и кариера прилично сум пребирлив кога станува збор за проектите во кои учествувам. Меѓутоа, кога го испив првото кафе со Пројковски и со Манде, веднаш реков: ‘Да, зошто да не?’ Подобро е да бидам сведок на тоа, отколку тоа да се прави откако ќе ме нема.

Многу ми е драго што Венко Андоновски го напиша текстот. Го читав во авион, враќајќи се од Лондон. Не сакам да читам текстови од телефон или од компјутер, повеќе сакам хартија, но имав три часа лет пред мене и си реков да видам за што станува збор. Со малку зумирање успеав да го прочитам.

Кога еден текст е добар, ако те допре емотивно – добар е; ако не те допре – не е добар. Овој текст ме насмеа три пати и ме расплака два пати, што за мене е гаранција дека навистина е добар“, рече Влатко Стефановски.

Тој додаде дека воопшто не се сомнева во режисерските квалитети на Дејан Пројковски и во младите уметници вклучени во проектот.

„Знам дека во моментов е еден од најдобрите режисери, не само во Македонија, туку и во регионот, и дека има енергија и капацитет сето тоа да го обликува и да го претвори во целина.

Не се сомневам ниту во младите луѓе кои ќе бидат глумци, пејачи и играчи во овој проект. Ако нешто навистина имаме, тоа се млади и талентирани луѓе – музичари, пејачи, актери и изведувачи. Во нив не се сомневам ниту еден миг“, истакна Стефановски.

За режисерот Дејан Пројковски, мјузиклот „Као какао“ претставува исклучително интересен и предизвикувачки проект, кој има потенцијал да стане силна и автентична македонска продукција.

„За мене, музиката на Влатко Стефановски е една од личните карти на македонската музика. Ќе се обидеме да создадеме мјузикл по светски стандарди, кој токму поради специфичноста на неговата музика ќе добие сопствена оригиналност и препознатливост.

Станува збор за комплексен проект во кој ќе учествуваат околу педесет изведувачи. Се надевам дека најпрво ќе биде важен и добро прифатен во Македонија, а потоа и во регионот. Планирана е и голема регионална турнеја.

„Исто како што личната приказна на Влатко – млад музичар од Тафталиџе кој преку својата музика раскажа светска приказна – ги надмина локалните рамки, се надевам дека и овој мјузикл ќе го следи неговиот пат и ќе успееме на регионот да му раскажеме една автентична приказна преку македонски мјузикл“, рече Пројковски.

Filed Under: Ревија

ГЛАСНО ГО КАЖАА ОНА ЗА ШТО СЕ ШЕПКАШЕ: ПОРАКИТЕ НА ВАШИНГТОН НА ЗАПАДНИОПТ БАЛКАН
ШПИОНСКА АФЕРА: ДOДЕКА СЕ ШПИОНИРА НАТО, ВЛАСТА НА МИЦКОСКИ КРЕИРА ПОЛИТИКИ ПО ТЕРК НА МОСКВА
ФИЖУЛИЌ: ИНА ГИ КОРИСТИ ГРЕШКИТЕ НА ТРАМП
ИНТЕРВЈУ СО ГАБРИЕЛА ПЕТРУШЕВСКА: ДОБРИОТ ТЕАТАР МОЖЕ ДА БИДЕ БЕЗВРЕМЕНСКИ
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (180) БОГАТЕЊЕ ОД „ОЖИВУВАЊЕТО“ НА ЗАГИНАТИТЕ ВОЈНИЦИ НА ФРОНТОТ!

Најново

  • ГЛАСНО ГО КАЖАА ОНА ЗА ШТО СЕ ШЕПКАШЕ: ПОРАКИТЕ НА ВАШИНГТОН НА ЗАПАДНИОПТ БАЛКАН
  • ШПИОНСКА АФЕРА: ДOДЕКА СЕ ШПИОНИРА НАТО, ВЛАСТА НА МИЦКОСКИ КРЕИРА ПОЛИТИКИ ПО ТЕРК НА МОСКВА
  • ФИЖУЛИЌ: ИНА ГИ КОРИСТИ ГРЕШКИТЕ НА ТРАМП

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet