Словенечкиот амбасадор во Северна Македонија, Милан Предан, смета дека резервите на Бугарија за македонскиот јазик нема да имаат никакво влијание на неговиот статус во Европската Унија. Но додава и дека во текот на процесот на преговори може да се создадат многу ситуации за пречки од членките на ЕУ. Ова е секако најјасен опис на новата ситуација
РЕДАКЦИЈА ГЛОБУС
Речиси незабележано мина во македонската јавност забелешката на поранешниот претседател на Бугарија Прванов кој процени дека со симнување на ветото на Бугарија за почнување на преговорите со ЕУ дефинитивно паѓаат сите можности неговата земја да ја уценува Македонија за историјата! Прванов беше историчар по професија а на македонското прашање работеше и тоа под псевдонимот „Гоце“. Ова прелетување на изјавата кај нас секако се должи на фактот дека и македонските медиуми лесно се залепија за лесно исфрлените пароли на Левица и Мицковски и просто уживаа во можноста, потпирана и од нив да се меле шансата земјава да излезе од политичкиот ќорсокак. Просто си пливаа во водите на езерото Што полошо-тоа подобро.
Таа тирада против договорот ги прифаќаше сите промен и во отпорот кон него, па и оние дневните – по усвојувањето на заклучоците во Парламентот по ова прашање, штабот на ВМРО ДПМНЕ влезе во понатамошно потпирување на меѓунационалните нетрпеливости со констататција дека за заклучоците гласале Албанците а не и Македонците! „Условеноста на втората меѓувладина конференција со измени во македонскиот Устав, ја издвојува Тирана како единствен вистински добитник од паѓањето на ветото“ – констатира на пример македонското издание на Дојче веле! При тоа се заборава дека во еден миг, во претходната деценија, зејава беше локомотивата на процесот ама Западот побара да се почека додека Албанија не биде подготвена за заеднички чекор напред. Нашиот западен сосед, впрочем, можеше пак, за промена, да оди „соло“ последните две години а Софија комотно рече дека нема да се притиви на тој чекор (така, нели, полесно ќе ја „дави“ Македонија), па која е тогаш добивката на Тирана во случајов?! Никаква, бидејќи треба да се види зад аголот дека и Ковачевски и Рама ги ќека долг пат и во неговото минување се помалку ќе бидат значајни бугарските „пци кои лаат“ а се почесто во нивна кожа ќе бидат европските гласачи кои не сакаат нови соседи, пречки сместени во некои Франции, Холандии, Дански….Како во оној виц за тоа дека синиот го прашува таткото колку е далеку Америка а таткото одговара „пливај сине, пливај“…
Текстот се пишува во понеделник вечер кога во македонскиот и албанскиот тим ги спремиле куферите за летот за Брисел, каде на19-ти јули по 17 и пол години години кандидатски статус, ќе се одржи првата меѓувладина конференција како старт на преговори со ЕУ. Следува скрининг врз македонските институции, а одржувањето на втората меѓувладина конференција со која ќе се комплетира фазата на отворање на преговорите, е условено со измени во македонскиот Устав, односно се внес на бугарското малцинство во него, но заедно со уште неколку други етницитети – хрватското, црногорското и веројатно египќанското. За да се стави „развновесие“ со реалното значење на таа малубројна заедница која си се чувствува како Бугари!
Министерот Османи на последниот брифинг со новинарите во Скопје нагласи дека се добиени три важни прашања за РСМ – јазикот, историските прашања да не бидат одредница за отворање и затворање на поглавјата, и преговорите да почнат сега. Според Османи, Република Бугарија добила едно нешто – условување на втора меѓувладина конфреренција со уставни измени. „Тоа е компромисот“, рече Османи.
Бугарскиот премиер во заминување, Кирил Петков, во објава на Фејсбук напиша дека почнува нова страница во односите меѓу двете држави и народи. Тој им се заблагодари на сите европски партнери, кои ја докажале нивната доверба кон Бугарија, за демонстрираното разбирање за бугарската позиција и за примената на декларираните принципи во практика. „Граѓаните на Бугарија и Северна Македонија ќе се запознаат подобро, кога меѓу нив има патишта, се развива трговија, културни настани. Без граници помеѓу, но со почит еден кон друг – тоа е европскиот начин да се развиваме заедно. Немаме илузија дека со тоа сите проблеми меѓу двете земји се решени. Но ние веруваме дека веќе имаме јасна основа изградена врз европските вредности и принципи, врз кои ќе ги решаваме прашањата меѓу нас“, напиша Петков.
Сепак, кај политичарите од нашиот исток, не е исклучен сомнеж дали со билатералниот протокол се целосно заштитени бугарските интереси. Од БСП вчера ја повикаа министерката Генчовска да го објасни протоколот, бидејќи според социјалистите „тој доразвивал отстапување од досегашните бугарски позиции внесени во преговарачката рамка“. Понатаму се вели – „инсистираме во среда (20 јули) министерката Генчовска, на седница на Комисијата за надворешна политика, да ја презентира содржината на потпишаниот протокол, да информира за досегашната работа и да ги претстави ставовите на МНР за претстојните чекори, со кои ќе се брани бугарскиот национален интерес во новите неповолни услови“, порача заменик претседателот на парламентот од БСП, Кристијан Вигенин.
Словенечкиот амбасадор во Северна Македонија, Милан Предан, смета дека резервите на Бугарија за македонскиот јазик нема да имаат никакво влијание на неговиот статус во Европската Унија. Според него, македонскиот јазик е признаен од 26 земји членки на Унијата, што значи дека ќе биде и официјален јазик на ЕУ. „Секако, една земја членка секогаш има право со некои еднострани изјави да искаже некои свои резерви, но тоа сигурно нема да има никакво влијание на статусот на македонскиот јазик во ЕУ“, изјави амбасадорот Предан.
Запрашан дали земјата би можела да се соочи со проблеми во натамошниот интегративен процес, словенечкиот амбасадор вели дека сигурно 26-те земји членки кои го признаваат македонскиот јазик, не можат да го прифатат ветото поради тоа што една земја членка има резерви за јазикот. Тој, сепак, укажува дека во текот на процесот на преговори може да се создадат многу ситуации за пречки од членките на ЕУ.
„Секако, не само од страна на една земја членка, може да бидат и од страна на друга земја членка. Тоа сме го доживеале сите што сме преговарале“, вели Предан, кој посочува дека и Словенија имаше отворено прашање со еден од соседите пред почетокот на преговорите со ЕУ (Хрватска – н.з.).