ЗОРАН ИВАНОВ
Ајде журналистчишта малку машки.
Ајде прашање и ајде конечно, по четири години, на соговорниците кои ве веслаат на суво, извлечете им одговори директни, јасни, објаснувачки
Цели четири години по рамката француска уште не се најде јунак новинар да си го праша соговорникот функционер блефер и да му побара да покаже, да посочи, да нацрта, да објасни пред тв аудиториумот, пред граѓанството, каде тоа и од кого тоа ни биле загрозени националните интереси.
Па и јазикот.
И писмото.
Та и идентитетот.
Ајде журналистчишта малку машки.
Ајде прашање и ајде конечно, по четири години, на соговорниците кои ве веслаат на суво, извлечете им одговори директни, јасни, објаснувачки.
Одговори и појаснувања конкретни, а не блебетања за загрозени национален интерес и идентитет.
Прашајте да ги чуеме да ви одговорат јасно и гласно што тоа тие подразбираат под национални интереси.
И прецизно да кажат како и од кого ни се загрозени нашите национални македонски интереси.
Не им премолчувајте туку прашајте ги.
На темата ниту да ви бекнат не ќе знаат.
Ќе се препелкаат за идентитетот и за јазикот македонски.
Исто и за историјата, културата, литературата, музиката, филмот, театарот …
И за библиотеките и за музеите и за археологиите и за училиштата и за универзитетите, и за творештвата и за …
Ајде да ги видиме да ви нацртаат прецизно и да не ве маткаат со наваму, натаму бла, бла пелтечења.
Ајде по настојчиво со нив.
Нека посочуваат, нека конкретизираат и нека објаснуваат.
Ајде да им се посмееме.
Ајде зашто веќе доволно долго, предолго во вашите студија ве возат со политикантските измислици за некакви загрозени национални македонски интереси и за некакви загрозени македонски идентитети.
Им го дозволувате тоа и по цели осум и кусур децении своја национална држава.
И по осум и кусур децении свој службен и меѓународно верификуван македонски јазик.
И по осум и кусур децении идентитетски уникатна, автономна и меѓународно афирмирана македонска култура.
И по осум и кусур децении авторизиран и институционализиран идентитет македонски.
Ајде, доволно долго им премолчувате и доволно долго молкум им климате.
Ајде по настојчиво, ајде, како за пред школска табла, барајте им одгвори разбирливи, директни и јасни.
Но некој прво ќе треба да ги праша.
Ако има кој да ги праша.




