Поднесено обвинение за 4 лица за стечајот на „Еуростандард банка“ АД – Скопје. Поминаа пет години од гасењето на Банката а резултати од стечајот немаше, како што немаше и конкретно обвинение. Се заборави и перењето на венецуелските пари

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе обвинителен акт против три лица, кои се товарат дека сториле по едно кривично дело – предизвикување стечај на банка од член 181 став 1 од Кривичниот законик, како и обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – несовесно работење во службата од член 353-в став 3 во врска со ставовите 2 и 1 од Кривичниот законик, соопштија попладнево од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
– Според обвинителниот акт, првообвинетиот како претседател на Управниот одбор и член на Кредитниот одбор, второобвинетиот како претседател на Кредитниот одбор и третообвинетиот како претседател на Одборот за управување со ризици и член на Управниот одбор, во периодот од 2013 до втората половина на 2019 година, постапувале спротивно на одредбите од Законот за банките и интерните акти на банката. Со одобрување кредити на кредитно неспособни и поврзани правни лица, без соодветни анализи и обезбедување, со прикривање на реалната финансиска состојба и ризиците, како и со неточно известување до Народната банка, придонеле за значително влошување на финансиската состојба на „Еуростандард банка“ АД – Скопје. Со ваквото постапување придонеле банката да биде доведена во стечај, а доверителите да бидат оштетени во износ од 1.662.417.664 денари – пишува во соопштението.
Според обвинителниот предлог, четвртообвинетиот, во својство на претседател на Надзорниот одбор на „Еуростандард банка“ АД – Скопје, во периодот од 2013 до 2019 година, со несовесно вршење на своите овластувања и пропуштање на должен надзор, постапувал спротивно на обврските утврдени со Законот за банките.
– Со тоа овозможил одобрување на нефункционални кредити, преземање прекумерни кредитни ризици, неточно прикажување на финансиската состојба на банката и непочитување на законските и интерните процедури при кредитирањето, со што придонел за создавање видлива несолвентност, намалување на сопствените средства на банката и нејзино доведување во стечај по сила на закон – се додава во соопштението.
Според Обвинителството, првообвинет е Николчо Петковски, второобвинет е Коста Костовски, син на Трифун Костовски, третообвинет е Зоран Николовски, додека четвртообвинет е Трифун Костовски.
Според обвинителниот акт, Николчо Петковски, како претседател на Управниот одбор и член на Кредитниот одбор, Коста Костовски, како претседател на Кредитниот одбор, и Зоран Николовски, како претседател на Одборот за управување со ризици и член на Управниот одбор, во периодот од 2013 до втората половина на 2019 година постапувале спротивно на одредбите од Законот за банките и интерните акти на банката.
Редица фирми во Скопје со директори и управители од Венецуела биле основани пролетта 2019 година, на две локации во главниот град, откри во 2022 година екипата на КОД од телевизија Телма. Фирмите од тој таканаречен Мал Каракас во Скопје учествувале во операцијата за префрлање на 110 милиони евра од Јужна Америка преку сметки во Еуростандард банка.
Во мај во 2019-та, трансфер од 12 милиони евра, пари од Венецуела е регистриран на сметка на фирма во Еуростандард банка. Според првичните информации кои ни ги даде поранешен вработен во банката, трансакцијата била регистрирана, но легнувањето на парите требало да биде заверено и довршено.
Испраќачот имал сметка во руска банка, а во Македонија милионите евра требало да легнат на сметка на компанијата ББСТ Труст Латам. Во тоа време веќе била отворена истрагата за милионите од Венецуела.
Компанијата ББСТ Трус Латам била една од фирмите кои биле опфатени со истрагата. Сопственици на оваа мала компанија отворена во една канцеларија во центарот на Скопје, во она што КОД Го нарече мал Каракас, биле Кристиан Артуро Бариос Марчант и Даниел Аркадио Годои Гонзалез.
Бариос по државјанство е Шпанец, по потекло од Венецуела, а има и американски пасош. Годои Гонзалез по адреса е од вистинскиот Каракас, главниот град на Венецуела.
Инаку веќе се јавуваат извртени описи за венецуелските пари со цел да се задоволат „апетите“ на провмроовска пропагандфа, како во однос на износот на латино доларите, така и во однос на крајната цел. Дали е тоа мотивот што му недостасуваше на Обвинителството?




