Се додека му оди релативно добро на фронтот и додека успева да ги неутрализира санкциите кон него, Путин ќе продолжи со воените операции на украинско тло. Идејата на опозицијата за референдумот кај нас, ако не е создадена од путиновите стратези, тогаш го има нивниот аплауз. Нема да има мир и нормалност во земјава ако опстојува источниот ветер на дестабилизација
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Дали познатиот роман на Толстој „Војна и мир“ треба да се вика „Специјална воена операција и мир“? Ова неодамна го праша поранешниот српски министер за надворешни работи и писател Вук Драшковиќ во интервјуто дадено за телевизијата N1. Ова не е само духовита забелешка, туку показател на апсурдните тези во руската пропагандна машинерија која и директно, како во однос на настаните во Украина, така и на внатрешен план, се поврзани со моќните сили кои работат на дестабилизацијата на Македонија; тие се постојано активни и покрај повремените протерувања на руските дипломати во земјава: нивните експоненти имаат свои здруженија, партии со своја инфраструктура, имаат моќно влијание во делови на МПЦ, во интелектуалните кругови, кај моторџиите и т.н. Тоа е вистинска што подземна, што надземна заедница, која работи континуирано на одржување на проруските цели на Западниот Балкан. Тоа значи одржување на подрачјето на „линија на огнот“ во конфронтацијата со Западот. И секако спречување на евронтеграциите по секоја цена, што се прави и преку притисокот во таа насока врз Бугарија, на што сме сведоци, но и преку користење на внатремакедонскиот инструментариум како доказ за стабилноста на нивната потпора.
Саботното интервју на министерот за надворешни работи на Кремљ – Лавров, јасно го покажува интересот на Русија за прииликите кај нас. Тешкиот пораз што го доживеа „третиот Рим“ во однос на позицијата на МПЦ, односно во однос на борбата за примат со цариградската патријаршија – практично втор поголем политички пораз на Путин по приемот во НАТО на земјава! – не ги остава мирни политичките кругови во Москва.
Дали, би рекле, интересот за малата Македонија кај Путин навистина е толкав? Не е ли претерано да си даваме такво значење на меѓународната сцена? Но, минатото, и она подалечното и она поблиско секако дава бројни примери дека нам просто не ни се дава да водиме самостојна политика, пред се, кога е Путин во прашање, некаде од 2004/5 година наваму.
Имено, Путиновото засилување на сопственото его и амбициите да се врати империјалната позиција на Русија среде големите сили започнува по големиот скок на приходите од нафта после 2004 година. Во тие години настана на пример со милијарда долари спаиот проект на „Раша тудеј“! Започна и големата инвестициоманија во одбраната. Заполчнаа и малите „проби“ на неговата моќ со непризнавање на границите со соседите во екс-СССР.
Нападот на Грузија во август 2008 година е една од тие обиди што мина лесно – никој не сакаше да си го наруши својот мир на Западот заради некоја мала државичка на Кавказот. На еден состанок во Загреб околу енергетската иднина на Европа, Путин го беше прашал нашиот тогашен претседател Бранко Црвенковски зошто ние сакаме во НАТО. Одговорот, колку што се сеќавам беше – ние не влегува ме во НАТО на антируска основа! Не се доби впечаток дека тоа го задоволило рускиот претседател.
Во интервјуто што го даде експретседателката на СДСМ Радмила Шечеринска а кое го објавивме во „Глобус“, таа потсетува на фактот дека Путин – како дел од Партнерството за мир (институција која се заборава во односите Запад -Исток!) присуствувал на поголемите средби во НАТО! Бил и на оној Самит од 2008 година. Во говорот на крајот на Самитот, на кој Макдонија под притисок на грчкото вето не беше примена во западниот одбранбен сојуз, тој изразил задоволство од заклучоците – ги издвоил само оние врзани за Грузија, на пример и нејзините амбиции. Не ја споменал директно Македонија, но му било мило дека тогашниот атински политички крем му ја врши неговата работа. Не ја споменал ниту Албанија, ни Хрватска, иако тие беа примени во НАТО. Што кажува тоа? Путин јасно ја одредил границата на неговиот интерес на Балканот.
Неговиот влог во грчкото противење на плановите на Македонија се покажаа длабоки и добро инвестирани, особено во еден „пацер“ по име Иван Савидис, кој од портир во еден тутунски комбинат стана главен вложувач во Солун, отпрвин како спасител на солунскиот фудбалски клуб ПАОК после 2011 година од неговите огромни долгови (преку 11 милиони евра). Со титулата спасител екс-портирот доби милионска маса за правење на протестите против „предавање на името Македонија“, воедно и опасна армија на силеџии кои средуваа противници на политиката на десницата и центарот во оваа земја. Тие исправаа потенцијални „историски грешки“ на салоните во Атина!
„Путин ја најави агресијата врз Украина со зборовите – дека Украина е историска грешка, лажна држава која не треба да постои. Пред таа изјава на Путин, со години овде пропагандата на КГБ, српско-руската УДБ неуморно повторуваше дека Босна и Херцеговина е лажна држава, дека Косово е лажна држава, дека Црна Гора е историска грешка. Тие луѓе не се за европеизација на Балканот, тие се за путинизација на Балканот“, нагласи и Драшковиќ во погоре споменатото интервју.
Да се надоврземе – како што Бугарија смета дека нашиот идентитет е лажен, дека јазикот е бугарско наречје, така и Путинивата политика ги подржува сличните размислувања на Балканот. Негов е стилот – што полошо, тоа подобро. Тоа е и политката на ВМРО од стартот. Од годините кога „идниот конгрес ќе се прави во Солун“, кога се протестираше проптив влегувањето на земјава во Обединетите нации со кратенката БЈРМ, кога се бараше „Шиптари на бандери“ во паркот Жена-борец, кога го изгубивме нашиот пријател Кина во Советот за безбедност преклу тајванската милијарда на Циле, кога потоа се создадоа уолсви за војна во земјава и се лизгавме кон поделба на меѓунационална основа, слична на онаа од Втората светска војна, кога Бугарија ни беше „администратор“; потоа, не можеше да се одржат пописи на населението (сега е сосема јасно и зошто) и кога после барањето на ВМРО ДПМНЕ за последното пребројување на населението се премина на бојкот на иститот….Има место за рседење на нови потези за дестабилизација на земјава.
А најлесен начин на контрола на ситуацијата на Балканот е негова дестабилизација, одржување на состојба во која ниту една важна политичка одлука не може да помине низ регуларните институции. Нема попис, зошто нема попис… има попис ајде да го бојкотираме; треба да се бираат судии во Уставниот суд – ајде да го блокираме изборот на судии бидејќи без Уставебн суд се блокира целиот правен систем а ние треба „цел“ за во Брисел да одиме на исполнување на важни критериуми во таа сфера…
Политиката на Кремљ не е еднонасочна и затоа добро се маскира. И секако гледана од поголено растојание таа дури е и контрадикторна.
Подршката на наводниот македонизам кај нас во мигот е секако лажна, бидејќи од друга страна таа не го шири надвор од земјава, иако има свои моќни „октоподи“ во Софија, со која би го бранел македонизмот на другата страна на „фронтот“. Напротив, таму зимава се приредуваше градизна прослава на ликот и делото на грофот Игнатјев, оној кој е клучен експонент на руската политика на основање на Голема Бугарија.
Актуелниот и би рекле историски непроменет однос на Москва кон Балканот, во последните години со акцент и врз Македонија, ќе трае се додека Путин ја одржува својата моќ во глобалните односи. На тоа мора да сметаме и натаму – глледано од аспект на војната во Украина јасно е дека Кремљ сака да дојде до Дњепар, во најмала рака и да ја освои Одеса и да ја отсече Украина од Церното море. Неговиот мир, вели Драшковиќ е мирот на гробната тишина.
А кај нас дотогаш ќе има дестабилизациии во континуитет – идејата за референдумот ако не е дадена од путиновските стратези, тогаш го има тамошниот аплауз.