Правдата за случајот ТНТ доцнеше 11 години и е пример на нефикасноста на правосудниот систем кај нас, каде „финтите“ на претходниот режим доста жилаво и тврдоглавно, на моменти и потсмешливо кон гонителите, го тераше процесот кон застареност
„Денес е убав ден за Македонија. Денес, 11 години подоцна, победи правдата“ – ова е прва реакција на семејството Цаноски која ја објави Сефер, синот на бизнисменот Фијат Цаноски, по пресудата за уривањето на комплексот „Космос“ според која Никола Груевски, поранешниот премиер доби девет години затворска казна, Миле Јанакиески три години, а поранешниот градоначалник Тони Трајковски четири години затвор.
– Во светот приватниот капитал е светост. Политичката моќ не смее да биде злоупотребувана. Ова не е само победа на правдата за Фијат, ова е победа на правдата за граѓаните на Македонија. Фијат Цаноски и неговата фамилија, како и неговите компании и институции никогаш не земале ниту еден тендер или денар од државата. Никогаш и на никој начин не ја оштетиле својата држава, пишува Цаноски.
Тој вели дека не може да се вратат годините, загубите и стресовите кои ги имале како фамилија со ниту едни пари.
Загубивме многу но не го загубивме образот и достоинството, се додава во реакцијата на Сефер Цаноски.
Ова е четврта пресуда што ја изрекува првостепениот суд за предмет каде што обвинет е експремиерот Груевски, а шеста за поранешниот министер Јанакиески
Што добија обвинетите? Девет години затвор за експремиерот Никола Груевски, три години за поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, четири години за бившиот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски. Ова се дел од изречените казни во случајот ТНТ кој се однесува на рушењето на објектот „Космос“ во 2011/2012 година.
Во случајот се гонеа и тогашната градежна инспекторка Елизабета Најдовска која, исто така, доби четири години затвор, додека три службени лица од Општината добија ослободителна пресуда.
Исто така, судот одлучи осудените солидарно да ја надоместат штетата на бизнисменот Фијат Цаноски во износ од 683 514 694 денари (околу 11 милиони евра).
Пресудата ја донесе судечкиот совет на чело со судијата Огнен Ставрев од Основниот кривичен суд Скопје. Таа е првостепена и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд Скопје. По исрекот на роковите за жалба и одлуката на Апелација во однос на евентуалните жалби, пресудата ќе стане правосилна.
Сите се гонеа за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, а во пресрет на изрекувањето на пресудата обвинителот Бурим Рустеми го повлече обвинението за едно од двете дела на ексминистерот Јанакиески. Делото за кое обвинителот во завршните зборови соопшти дека се откажува од гонење се однесуваше на злоупотреба на службената положба и овластувања во врска за тендерот за рушење на објектот бидејќи, како што рече, од доказите не произлегува дека Јанакиески го сторил делото.
Рустеми во завршните зборови побара и затворски казни за сите обвинети, а меѓу олеснителните околности кои потенцираше дека судот треба да ги земе предвид при одредување на казните беше и тоа што поранешниот министер ги призна „бомбите“.
„Фактот дека Миле Јанакиески ја потврди автентичноста на телефонската комуникација и притоа се извини, која околност не само што придонесува за докажување на кривично-правниот настан, туку и претставува олеснителна околност“, рече Рустеми во завршните зборови на 27 април 2022 година.
Барајќи осудителна пресуда за обвинетите, тој остана на ставот на обвинителството дека објектот „Космос“, кој го градеше бизнисменот Фијат Цаноски, бил срушен незаконски поради политички реваншизам.
Меѓу олеснителните околности што судот треба да ги земе предвид при одлучување за казните, обвинителот го нагласи тоа што Јанакиески ги признал телефонските разговори помеѓу него и Груевски
Обвинителот Бурим Рустеми во своите заврши зборови денеска повлече дел од обвинението за ексминистерот Миле Јанакиески во случајот ТНТ, кој се однесува на незаконското рушење на објектот „Космос“ во Гази Баба во 2011 година.
Јанакиески беше обвинет за две кривични дела поврзани со злоупотреба на службената положба и овластувања. За едното од делата, кое се однесува на злоупотреба за тендерот за рушење, обвинителот Рустеми рече дека од досегашните докази не произлегува дека Јанакиески го сторил делото и затоа се откажува од гонење за тој дел.
Исто така, во прецизирањето на обвинителниот акт, обвинителот ја намали и сумата на нанесената штета во случајот на 683 514 964 денари.
За преостанатиот дел Рустеми остана на обвинението со кое за злоупотреба на службената положба и овластувања се товарат експремиерот Никола Груевски како првообвинет, поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, тогаш вработена како градежен инспектор во Општината, Елизабета Најдовска, како и три службени од Општина Гази Баба.
За сите Рустеми во завршните зборови побара ефективни затворски казни.
Меѓу олеснителните околности што судот треба да ги земе предвид при одлучување за казните, обвинителот го нагласи тоа што Јанакиески ги признал телефонските разговори помеѓу него и Груевски.
„Фактот дека Миле Јанакиески ја потврди автентичноста на телефонската комуникација и притоа се извини, која околност не само што придонесува за докажување на кривично-правниот настан, туку и претставува олеснителна околност“, рече Рустеми додавајќи дека со тоа ексминистерот покажал дека го сфатил стореното и изразил каење.
Давајќи ги завршните зборови, обвинителот кажа дека во текот на судскиот процес обвинителството докажало дека Груевски успеал да ја реализира својата желба и да му се одмазди на својот политички противник Фијат Цаноски.
„Се докажа ијзвата на Фијат Цаноски дека ова бил комплетен политички реваншизам затоа што отишол во коалиција со СДСМ“,
рече Рустеми.
Тој цитираше и делови од „бомбите“ и СМС-пораките, кои ги посочи меѓу доказите што го докажуваат обвинението. Така, меѓу комуникација што ја прочита беше и порака од Груевски кон Јанакиески, во која тој вели дека е потребно првиот ден од рушењето да се направат доволно зафати така што „нема да има назад“, а ако треба, да се руши и со динамит.
Рустеми за Јанакиески рече и дека, обидувајќи се по секоја цена да ги реализира наредбите на Груевски, произлегува дека сакал експремиерот да стекне впечаток дека нему тој му е човек од доверба и подготвен е да стори сè за него.
Обвинителот во завршните зборови потсети и на дел од сведочењата во судскиот процес, а меѓу доказите што ги наведе во прилог на обвинението се и двете стручни мислења од Архитектонскиот факултет во кои се наведува дека рушењето е незаконско, а за кои обвинителот посочи дека потоа деканот на факултетот ги повлекол поради политички притисоци.
Одбраната, пак, до крајот на судскиот процес тврдеше дека рушењето бил законски, бидејќи, се градело спротивно на одобрението за градба и биле прекршени законите со оглед дека инвеститорот излегол од предвидениот габарит.
„Дали нешто ќе се подобри ако добијам и шеста осудителна пресуда? Ништо, освен што Фијат Цаноски ќе заработи фантастична сума пари како отштета од Буџетот, а ќе се даде и поттик и на други инвеститори своето незаконско работење да го прекриваат преку политика“, рече Јанакиески во завршните зборови што ги даде истиот ден како и обвинителот Рустеми.
Веднаш по пресудата од некаде „долета“ коментар на бегалецот од правдата Груевски, кој себе се нарече лик од романот на Кафка – „Процес“. Дали во тој роман имаше некој кому му цеди од пантоланите, како сега на експремиерот? Впрочем, изгубена во лавиринтот на правдата беше токму – правдата за случајот ТНТ, која доцнеше 11 години и е пример на нефикасноста на правосудниот систем кај нас, каде „финтите“ на претходниот режим доста жилаво и тврдоглавно, на моменти и потсмешливо кон гонителите, го тераше процесот кон застареност