Д-р Никола Стојановски доживеа 103 а поминал низ многу бурни настани – од штрајкот на велешките гимназијалци против воведување на бугарскиот јазик во наставата, преку изградба на модерно здравство во земјава, чување на традициите на НОБ…

Во 103. година од животот почина д-р Никола Стојановски, потврдија од неговото семејство. Тој беше првиот претседавач на повеќепартиското Собрание на Македонија, кој заседаваше на неговото конституирање на 8 јануари 1991 година, како и последниот жив партизан учесник во НОБ. Како највозрасен пратеник, Никола Стојановски беше прв претседавач и ја водеше седницата сè до изборот на Стојан Андов.
За работата во тие моменти од формирањето на Парламентот, тој своевремено се присетуваше:
„Се сеќавам на тоа турбулентно време. Секоја партија сакаше да преовладува, нивните ставови да се слушнат. Првпат повеќепартиски парламент. Но, морав смирено да ја водам седницата, да ги сослушам, да се почитува редот. Сè до изборот на Стојан Андов за претседател, успевав да го задржам редот во салата“, раскажуваше за време на својот живот д-р Стојановски.
Случајно или не, првиот претседавач на првото заседание на АСНОМ во Прохор Пчински на 2 август 1944 година исто така беше велешанец. Како највозрасен таму, седницата ја водеше Панко Брашнар, сè до изборот на Методија Андонов-Ченто за претседател на Президиумот на АСНОМ.
Д-р Никола Стојановски беше последниот партизан учесник во НОБ. Тој беше и учесник во штрајкот на велешките гимназијалци од март 1942 година, против користењето на бугарскиот јазик во наставата.
Роден на 8 февруари во велешкото село Скачинци, дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград во 1952 година, а специјализирал педијатрија во Загреб во 1958 година. Целиот работен век го мина како доктор, а дел од него беше и директор на Велешката болница. За него како лекар и педијатар, велешани без исклучок имаат само убави и пофални зборови.
Во еден од своите последни јавни настапи, на прослава на Денот на победата, тој истакна дека „нашата антифашистичка борба беше и останува дел од државотворните процеси на земјата, кажа Никола Стојановски претседател на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичката војна на Македонија на денешното одбележување на 9 Мај, Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа. Стојановски во обраќањето на свеченоста пред Владата кажа дека во борбата против фашизмот учествувале илјадници Македонци и земјава секогаш била на вистинската страна на историјата.
„Актуелните негации не удираат на технократијата туку на нашата победоносна борба и на нашата култура, сочувана и градена со таа борба. Ваши екселенции, Сојузот на борци бара поддршка од вас за вистинскиот пат кон кој одела и оди Република Северна Македонија. Оваа земја нема да биде никогаш друго, таа е антифашистичка творба“, рече Стојановски.

Инаку пред четири години велешани се потсетија на штрајкот од пред сега 84 години, кога тогашните гимназијалци се спротивставиле на користењето на бугарскиот јазик во наставата. Во дворот на гимназијата „Кочо Рацин“ се одржа чествување, а сегашните ученици на овој настан ги потсети д-р Никола Стојанов, еден од организаторите на протестот.
„Имаше професори кои ни предаваа на бугарски јазик, а ние одговаравме на македонски. Тоа на некои од нив не им се бендиса и се бунеа, но ние не отстапувавме. Поради тоа, наставничкиот совет решил да нè исклучи од настава од сите образовни институции на Бугарското царство. Велешани нè поддржаа. Направивме протест пред општината вечерта, а освен нас гимназијалците, се собраа многу граѓани. Дојдоа полицијата и војската да нè растераат. Имаа бајонети на пушките“, кажа тогаш 99-годишниот Стојановски. По три дена, штрајкот бил прекинат, а учениците место да бидат избркани, добиле укор. Стојанов додаде дека и денес е присутна негацијата на македонскиот јазик. „Наше е да останеме на своето. Тоа е наш македонски јазик, но, за жал, некои соседи и по толку време не го разбираат тоа“, дополни Стојановски.
Покрај него, организатори на штрајкот од 14 март 1942 биле Благој Кирков, Орце Иванов, Благој Јанушев и Анче Андреев.
Веста за неговата смрт со своето изрзување на сочувство ја обелодени поранешниот претседатела на Републиката – Пендаровски.




