Бројот на жени војници расте. Според украинските податоци, повеќе од 75.000 жени моментално служат во вооружените сили – речиси двојно повеќе отколку во 2022 година

СУЗАНЕ ПЕТЕРСОН (ARD)
Сè повеќе жени се борат во украинската армија, а на фронтот е создадена и женска единица со беспилотни летала. ARD ги среќава Дарија, Олександра и други Украински жени во армијата:
Олександра студирала уметност во Швајцарија, Дарија работела во маркетинг, Хвиља била графички дизајнер, а Тања сонувала за кариера во телевизијата. Денес, четирите жени летаат со беспилотни летала што ја напаѓаат логистиката и воената команда на Русија, пишува ARD во извештај од фронтот.
Сè повеќе Украинки волонтираат во армијата – дури е создадена и женска единица со беспилотни летала, ставајќи ја логистиката на Русија под зголемен притисок.
ДА СЕ НАРУШАТ РУСКИТЕ СИНЏИРИ НА СНАБДУВАЊЕ
Жените се дел од првата единица составена исклучиво од жени со беспилотни летала во Националната гарда на Украина. Тие напаѓаат руски возила, снабдувачки патишта и командни пунктови на растојание до 300 километри. Целта на овие напади е да се спречи руското снабдување и да се зголеми притисокот врз руските трупи. Жените склопуваат беспилотни летала, ја проверуваат електрониката, го инсталираат катапултот, ја тестираат радио врската – ја вежбаат својата прецизност, обидувајќи се брзо да ги насочат беспилотните летала кон предвидената цел. Брзината е од големо значење – колку помалку време е потребно за склопување на опремата на отворено подрачје, толку е помал ризикот да бидат забележани и нападнати од руски пилоти на беспилотни летала, објаснува дописничката на ARD, Сузане Петерсон.

ВОЈНА НА ТЕХНОЛОГИИ Но, не е важна само брзината за време на операцијата. Војната стана беспоштедна битка на технологии. Радиофреквенциите и дометите постојано се менуваат. Технологиите за блокирање на сигналот стануваат сè помоќни. Софтверот мора да се адаптира, антените мора да се менуваат, а рутите на летот мора да се препланираат. „Она што функционира денес, може да биде бескорисно утре“, објаснува командантката Дарија.
За секоја мисија, разузнавачките службеници, инженерите и неколку тимови за контрола на беспилотни летала работат заедно. Целокупниот успех зависи од работата на десетици луѓе.
СЕ’ ПОВЕЌЕ ЖЕНИ ВО АРМИЈАТА Воената служба и животот на фронтот долго време се сметаа за машка работа во Украина. Дури во 2018 година на жените им беше дозволено да учествуваат во борбени мисии во вооружените сили. Олександра и остатокот од одредот се добро запознаени со старата предрасуда дека жените немаат место во армијата, бидејќи го слушнале тоа од прва рака. Но, времињата се променија. Во последно време, тие добиваат сè поголемо одобрување и признание. „За време на борбата, полот не е важен, туку дали можете да се потпрете на другата личност. Само треба да бидете сигурни дека нема да бидете напуштени под оган“, вели Олександра. Повеќе од четири години по почетокот на руската агресија, Украина сè повеќе се соочува со проблеми со персоналот. Многу малку мажи сега се пријавуваат за воена служба. А многу од нив се борат со години. Во исто време, сепак, бројот на жени војници расте. Според украинските податоци, повеќе од 75.000 жени моментално служат во вооружените сили – речиси двојно повеќе отколку во 2022 година.

ПОМОШ ЗА ПОБРЗО СВРШУВАЊЕ НА ВОЈНАТА Војната со беспилотни летала, особено, нуди задачи во кои физичката сила игра помала улога отколку техничкото знаење, прецизноста и концентрацијата. „На почетокот бев снајперист“, вели командантката Дарија. Но, тешкото оружје ѝ предизвика тешкотии. Затоа таа почна да работи со беспилотни летала и верува дека ова е областа каде што може да се бори најефикасно. Таа доброволно се приклучи на армијата и планира да остане во нејзините редови до самиот крај на војната: „Сакам да се борам додека не стане можно да се вратам во мојот роден град Нова Каховка, кој сега е под руска окупација, и додека не можам да го посетам гробот на мојата баба таму“, вели таа за АРД.
Жените во моментов избегнуваат да прават планови за периодот по завршувањето на војната. Обичниот живот и нивните поранешни пријателки се минато. А сегашниот е целосно за цртање рути на беспилотни летала и давање наредби за напад. Но, исто така и за надежта дека секое од нивните беспилотни летала може да ја доближи војната барем малку до нејзиниот крај, резимира ARD.




