БОШКО НАЦЕВСКИ
Тие дечиња, драги мои недугавци, не се правете на удрени, ќе бидат првачиња, ама на некоја друга дестинација. Ќе учат, ама на друг јазик, друга историја, ќе бидат некоја друга интелектуална креација, и ќе се формираат во личности што ќе и припаѓаат на туѓинска цивилизација
Влатко Ѓорчев, владиниот стручњак за демографија, а експерт за политичка демагогија, откри нешто што божем ние, според него глупаните, токмаците, неупатените, не сме го знаеле. Замислете, тврди оваа политича шупелка, многу училишта сме испозатвориле. Речиси пет илјади деца првачиња, оваа учебна година ќе недостасуваат во училишните клупи. Стручњаков се чуди како да е паднат на теме од највисоката гранка на Дарвиновото стебло на еволуцијата. Не гледа дека пустеат села, градови, ни се преполови дури и бројноста на нацијата. Тие дечиња, драги мои недугавци, не се правете на удрени, ќе бидат првачиња, ама на некоја друга дестинација. Ќе учат, ама на друг јазик, друга историја, ќе бидат некоја друга интелектуална креација, и ќе се формираат во личности што ќе и припаѓаат на туѓинска цивилизација. На вас ќе се сеќаваат само во миговите кога ќе ги обзема носталгијата за родните огништа, за прадедовите стреи во Татковината.
Е тогаш, ви тврдам, ќе ве тераат со мрсни гневни пцости во мајчината.
Во вас е вината што народов бега како ѓавол од темјан и ја напуштаат родната грутка и ставаат катанци на портите. Во текот на последните пет десетлетија, во Канада, на континентот на кенгурите и оној на Америте, се создадоа три нови Македонии со безмалку милион жители. А четвртата е во фаза на формирање во земјите на Стариот континент. Таму барајте ги првачињата, и не правете театар со божемно цмиздрење од болка. Баш ве заболе вас безрбетниците за децата што ни ги проголтува светот, заминувајќи ппреку границите.Тој трагичен и трогателен чин, вам нема да ви го наруши комодитетот. Нема да ви одземат од оние 78 проценти што како здивени хиени ги надополнивте во и без тоа вашите напумпани џебови. За судбината на нашите деца време е ние да проговориме, а не дегенриците и криминалците кои бездушно им ги испразнија трпезите, им ги украдоа насмевките и ставија клуч на училниците. Им го украдовте недосонуваниот сон, во родната земја да не го слушнат за првиот училишен ден тој долгоочекуван милозвучен ѕвон.




