Кучето станало дел од семејствата на хомо саписенсот многу порано отколку што се мислело. Многу, многу подоцна настанале домашните животни и сегашните мачки како галеничиња и чувари од глодарите. За тоа сега постојат генетски докази

ПАЛАБ ГОШ
Парче од вилична коска пронајдено длабоко под земја во пештера во Сомерсет, Англија, ја промени приказната за тоа кога и како кучето станало наш најдобар пријател.
ДНК анализата покажува дека виличната коска му припаѓала на едно од најраните познати припитомени кучиња и дека луѓето живееле во тесна врска со нив во Британија пред 15.000 години, илјадници години пред домашните животни да бидат припитомени и пред мачките да почнат да влегуваат во нашите домови.
Откритието го поместува времето кога првите кучиња еволуирале од нивните предци волци што се приоценуваше на околу 5.000 години.
Исто така, укажува дека пријателството меѓу првите кучиња и луѓето од камено доба постоело речиси од самиот почеток, вели д-р Вилијам Марш од Природонаучниот музеј во Лондон.
„Тоа покажува дека уште пред 15.000 години, кучињата и луѓето имале исклучително блиска и силна врска, а оваа навидум незначителна мала вилица помогнала да се открие целата приказна за тоа како започнало тоа партнерство.“
Првите кучиња биле потомци на сиви волци кои се задржале во близина на човечките логори на крајот од леденото доба, хранејќи се со остатоци и постепено станувајќи припитомени. Со текот на времето, луѓето почнале да ги користат овие животни за да помогнат во ловот, чувањето и следењето, претворајќи ги овие диви предатори во работни партнери.
По стотици генерации човечко размножување, се развиле кучиња кои имале пократки муцки и помали заби, а нивниот опсег на големина бил исклучително голем – од мали кучиња до големи чувари.
Марш го открил случајно материјалниот доказ – вилицата за време на истражувањето за својот докторат. Виличната коска е пронајдена во ископувањето на пештерата Гоф во клисурата Чедар во Сомерсет, Англија, сега позната по познатото сирење со исто име во 1920-тите.
Коската со децении била скриена во фиока во музеј, бидејќи, се сметала за неважен примерок.
Сепак, младиот истражувач наишол на помалку познат научен труд објавен десет години претходно, кој сугерирал дека коската му припаѓала на куче.
Марш извршил генетска анализа на виличната коска и бил изненаден и воодушевен кога дознал дека навистина потекнува од куче, обезбедувајќи го првиот недвосмислен доказ дека кучињата постоеле илјадници години порано отколку што се сметало претходно.
Сепак, Марш се сомневал во резултатите, па го информирал својот пријател и истражувачки соработник д-р Лачи Скарсбрук од Универзитетот во Оксфорд и Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен, кој открил дополнителни детали.
„Вилијам ми вели: ’Најдов куче од раното камено доба’, а јас му одговарам: „Не си, сите примероци пронајдени досега биле волци.
Сепак, тој беше апсолутно сигурен во тоа. Потоа ни ги покажа резултатите и помисливме – овој човек можеби навистина пронашол куче од толку далечното минато.““

Скарсбрук користеше прилично поживописен јазик отколку што можеме да објавиме, бидејќи знаеше колку значајно може да биде ова големо откритие на неговиот колега.
Откако со сигурност се утврди дека виличната коска од Гофовата пештера му припаѓа на куче, нејзиниот генетски запис можеше да се искористи за да се спореди со примероци од слична возраст од Западна Европа и Централна Анадолија во денешна Турција. Сите се покажале како кучиња.
„Со години се обидувавме да интерпретираме антички примероци чија ДНК е некаде помеѓу волци и кучиња“, вели Скарсбрук.
„Сè беше во еден вид сива зона, бидејќи едноставно не можевме да утврдиме каде е почетокот на превоите. И потоа се појави оваа мала вилична коска, која стана клуч за идентификување на други антички кучиња низ Европа кои цело време беа пред нашите очи“, изјави тој за Би-Би-Си.
А приказната, објавена во научното списание „Нејчр“, станува уште поинтересна благодарение на дополнителните генетски и хемиски анализи.
Д-р Селина Брејс од Природонаучниот музеј во Лондон рече дека анализата покажала не само дека кучињата биле генетски слични, што значи дека нивните предци патувале низ Европа заедно со нивните човечки господари, туку и дека јаделе иста храна како и нивните
сопственици.
„Врз основа на нивната исхрана, знаеме дека јаделе риба во Турција и дека јаделе месо и растенија во Гофовата пештера, исто како луѓето.
Значи, тоа укажува на исклучително близок однос помеѓу луѓето и кучињата. И не е ли тоа зачудувачки? Пред 15.000 години го гледаме тоа ниво на поврзаност што сè уште постои денес. Тоа е навистина долгорочна врска.“
Постојат и археолошки докази за мали животни слични на кучиња од пештерите од доцното ледено доба во Германија, Италија и Швајцарија, кои изгледаат како кучиња и во некои случаи биле закопани со луѓе, што укажува на близок однос околу истиот историски период.
Сепак, ова ново истражување е првото што користи детална ДНК анализа за недвосмислено да покаже дека животното од Гофовата пештера навистина било куче и дека припаѓало на многу рана популација на кучиња што веќе се проширила низ поголемиот дел од западна Европа и Азија.
Постои истражување за куче погребано со својот сопственик во пештера во Скатехолм во јужна Шведска, пред околу 7.000 години, откривајќи ја блиската врска меѓу луѓето и нивните животни во тоа време.
Друга студија, исто така објавена во списанието „Природа“, покажува дека домашните миленици што лежат на нашите софи денес доаѓаат од истата древна популација на кучиња, кои веќе се рашириле низ поголемиот дел од Северната хемисфера до крајот на леденото доба.
Д-р Андерс Бергстром од Универзитетот во Источна Англија и Институтот „Френсис Крик“ во Лондон, и неговите колеги го направија ова откритие анализирајќи ја ДНК-та на повеќе од 200 остатоци од кучиња и волци од пештери и археолошки локалитети низ Европа и Блискиот Исток – од Швајцарија и Шведска до Турција и Ерменија.

Кога ја анализирале ДНК-та, откриле дека некои од најраните европски кучиња – малку помлади од пронајдокот во пештерата Гоф – очигледно биле ист тип кучиња како оние пронајдени во Сибир, Источна Азија и други региони, и дека сите потекнуваат од заеднички предок, а не од посебен европски вид кој бил припитомен и подоцна исчезнал.
„Каде и да биле првично припитомени кучињата, тие веќе пристигнале во Европа пред најмалку 14.000 години и значително придонеле за популацијата на кучиња каква што ја знаеме денес“, вели Бергстром.
Претходните истражувања на научниците од Лабораторијата за истражување на античка ДНК при Институтот Крик покажаа дека првите кучиња можеби се појавиле некаде во Азија.
Колегата на Бергстром, д-р Понтус Скоглунд, сега ја анализира ДНК-та на античките волци од целиот свет за да го одреди тој историски момент.
Научниците веруваат дека не станува збор за еден припитомен волк, туку за долг и постепен процес во кој некои волци се прилагодиле на животот во близина на човечките кампови и на крајот еволуирале во кучиња.
„Тоа беше извонреден настан, нели? Некој решил да се поврзе со овој опасен предатор“, изјави д-р Скоглунд за Би-Би-Си.
„Ако успееме да утврдиме каде и кога се случило првото припитомување, ќе откриеме и која човечка заедница била вклучена во тоа, како и археолошките и еколошките околности што го овозможиле тоа.“
Наодите ја воодушевија Кјара Фарел, директорка за култура и наследство во Кралскиот кинолошки клуб. „Како љубител на кучиња, мислам дека секој сопственик го знае тоа чувство кога вашето куче изгледа како да ви зборува.“




