Дамјан Давков со екипата од истиот град имаа одлипчерн настап на Европската математичка олимпијада

Дамјан Давков од Штип освои златен медал на првата Европска математичка олимпијада (ЕМО), која се одржа во Вилнус, Литванија. Со овој успех, тој се најде на врвот од листата на најдобри натпреварувачи, делејќи го првото место со Маргулан Шарел од Казахстан, со што стана севкупен победник на првата ЕМО.
Македонските натпреварувачи остварија значаен успех и во поединечна конкуренција. Ивано Божиновски освои сребрен медал, додека Леонид Тодороски се закити со бронза.
Во екипниот пласман, Македонија го освои високото шесто место според бројот на освоени одличја, пласирајќи се веднаш зад Казахстан, Украина, Бугарија, Франција и Грузија. Дел од македонската репрезентација беа и Марко Митевски, Андреј Тасиќ и Филип Џамбаски.
Тимот го предводеа – Илија Јовчески во улога на водач и Лука Хаџи Јорданов како заменик-водач.
На натпреварот учествуваа 124 натпреварувачи од 19 европски земји. Европската математичка олимпијада има цел да се развива како бесплатен натпревар наменет исклучиво за европските држави, со фокус на поврзувањето на младите математичари и нивна подготовка за Интернационалната математичка олимпијада.
Македонското претставување на натпреварите по математика ги организира Сојузот на математичарите на Македонија.
Годинашното издание на Светската олимпијада ќе се одржи во периодот од 10 до 21 јули, во Шангај, Кина.
Инаку, Штип му оддаде признание на математичкиот генијалец Дамјан Давков по освоеното европско злато. Тој го освои златниот медал на првата Европска математичка олимпијада одржана во Вилнус, Литванија.
Градоначалникот на Општина Штип организираше свечен прием за Давков, при што му упати искрени честитки за историскиот успех и за достојното претставување на градот и државата на меѓународната сцена.
На средбата беше истакнато дека овој резултат е плод на голем труд, знаење, дисциплина и посветеност, но и силен доказ дека младите од Штип имаат капацитет да се натпреваруваат и победуваат на највисоко европско ниво.
Освоениот златен медал претставува значајна промоција не само за Штип, туку и за целата држава, а дополнителна тежина на успехот дава фактот што Давков ја понесе и титулата севкупен победник на првата Европска математичка олимпијада.
Од Општина Штип порачаа дека ќе продолжат со системска поддршка на талентираните ученици преку создавање подобри услови за нивен развој, натпреварување и напредок.
„Вложувањето во младите кои постигнуваат врвни резултати е инвестиција во иднината на општеството“, беше нагласено на приемот.




