ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
На животот ни влијаат туѓи лоши одлуки кои полека нѐ распаѓаат, заедно сосе системот. Нѐ заведуваат со зборовна пропаганда којашто претпоставува дејство произведено од автентичен стандард, но е темнина која дрдори дека дејствува како светлина, која се жали што светлината ја расипува обединетоста на темнината
Насловот од едно истражување објавено во еден јулски број на Nature беше ваков (преведено): „Моделите на вештачка интелигенција колабираат кога се тренираат на рекурзивно генерирани податоци”, во научните магазини излезе во овој облик „Моделите на вештачка интелигенција (ВИ), хранети со ВИ генерирани податоци бргу произведуваат нонсенс“. Мислам дека лесно се разбира што се случило: Истражувачите ги снабдувале со информации последователните верзии на еден голем јазичен модел (LLM) и биле сведоци на рапиден колапс на моделот. Читам, дури и излегле со термини како „канибализам на информација“ и „автофагично пореметување на моделот“ (сам себе се проголтува) или „моделот полудува“. Се јавија етички дискусии за одговорноста за изворност на податоците, односно нивна несинтетичност, маркирање на содржините со новиот изум на „воден печат“ за ВИ-генерирани содржини со цел да не се третираат како изворни податоци, како и за оскапувањето на развојот на ВИ поради превенција од вакви колабирања на моделите. Се разбира дека има и технолошки дискусии за тренингот на LLM врз реални податоци, разни математики за зачувување на суштинската информација и т.н. Некои во дискусиите правеа аналогија со фотокопирање од фотокопија, некои со преживање или хранење со повратено, некои го повторија познатото garbage in – garbage out, некои, пак, се повикуваа на ентропијата како нормалност во аналогијата со вториот закон на термодинамиката… Сепак, ми се чини најсоодветната аналогија беше дадена од професорот по информатички науки Хани Фарид од Беркли. Вели, итерирањето на синтетичките податоци во ВИ се однесува како „инцест“ меѓу податоците, слично како и при копирањето на дефектните гени во породот меѓу блиски роднини. Инцестот, итеративно повторен, влијае така што од дефектност води до прекин на капацитетот за потомство.
Ова е, за нас, како индивидуи во улога на неврони од колективна интелигенција е пострашно од она што претходните дискутанти го сведуваат на „расипан телефон“. Имено, треба да се забележи дека појавата кај ВИ и аналогијата на Фарид, содржат повеќе отколку двете компоненти – предци и потомство (итерација на претходно во следно). Тоа е систем во кој е вградена и компонента која работи на губиток на информација, поточно стремење кон информациско ништовило, а со тоа и функционално, а на крај – физичко ништовило. Ова може да се изведе и од информациската теорија за свеста од проф. Џулио Тонони во 2004 (пак во Nature), дека на системи без над-индивидуално својство на колективна свест која би ги држела во баланс количеството информации интегрирани во мрежата и на индивидуалните неврони, ѝ следува функционален распад. ВИ нема емергентно над-својство на LLM на свест бидејќи, нема системски капацитет да ги интегрира информациите – тоа се’ уште се постигнува со тренирање.
Не ми одолеаа асоцијациите од насловот во Nature, туку веднаш навреа во врска со една работа во општеството, а особено во образованието, затоа што распадот на каузалната структура таму е, или експонецијален (кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт), или стагнира (кога е опозиција). Тој бран од образовниот систем каузално се шири на целиот колективен систем, па како е „таму долу“ во образованието, така е и „горе“ во сите останати институции (односно во она што го носи називот „институција“, а тргнало прашањето колку навистина се). Значи, воглавно, како систем, оди кон колапсот од насловот во Nature. Таа „една работа“ навистина е умесно така да се нарече, бидејќи господата, специјално овде во Македонија, кои се здобиле со некаква управна функција, веднаш се однесуваат со неа викторијански како одењето во ВЦ – ем „сите го прават тоа“ (така си мислат), ем е тоа некако, срамно. Барем сеуште е „стандардот“ да е срамно. Што е таа „една работа“? – препишување, мамење, фалсификатно сертифицирање, од сите страни – и од тој којшто мами, и од тој којшто оценува/сертифицира. Но, не го прават тоа сите, сигурна сум дека критичната бројка на оние кои чесно се однесуваат, барем од оценувачката страна, е доста поголема инаку околу „таа работа“, немаше да се заобиколува, туку имаше да се пушти на разглас од највисоко, дека мамењето е добро, а дека интегритетот не постои. Ако помислувате сега „пуштено е тоа, одамна, на многу повеќе од разглас“, барем не беше од највисоко и „официозите“ барем се виткаа како јагули, ако не друго, барем да изгледа дека не е мамено, без обиди да се испере колективниот ум во врска со стандардот. Работата е што блиска-до-критична маса од мамачи во комбинација со раководители на сериозни институции (како безбедносната АНБ, на пример) на кои, очигледно, чесноста веќе одамна одминала да им е последно дупче на шупелката, се заканува дека ќе го замени стандардот во официјалната комуникација за тоа што е интегритетна проверка на знаење, но и проверки за работи на полицијата, судот и другите институции.
Не е ракетна наука да се разбере дека системот колабира од последователни мамења, се надевам секој може за секунда да согледа каква ентропија еден неказнет измамник шири понатака. Исто така не е главоломка да се заклучи дека немарот кон фактите има ист ефект како и мамењето со нив. Ако секој неврон, односно поединец го боли глава само од работа да проверува и да отчетува, тогаш не може да се надева на колективни својства на збирштината во која учествува – таа не може да се нарече колектив без интегративното и интегрираното својство кое ги надминува својствата на единките. Но единствен начин да го постигнат тоа над-својство е пуштањето низ колективот изворна, чесна информација, резултатите од проверките на нечесности, отстранување на црвливите јаболка и реедукација во системот во врска со расипаностите. Дури и за ВИ, очигледно пак требаат старомодни проверки, разликувања на изворни и синтетички податоци со човечки напор. Всушност, ако некој со својата функција замислува дека е „благородник“, единствено со отчетот, со самодијагностиката може да биде тоа, а не расфрлањето со саатови, станови по разни градови/земји и веќе проституираната моќ за самоподигање на сопствената плата.
Можно е и дека желбата за цврста рака доаѓа од согледувањето на лабавоста на институциите со препишувачите измамниците, корумпираните… Но, таа желба мами за уште поголема пропагација на измамата. Измамата, глупоста, незнаењето – тоа сака да диктира. Погледнете цитат од јануари 1933 година од весникот на Вајмарската република Die Weltbühne нецели два месеци пред нацистите да го забранат : „За Германија и германскиот народ трагично е тоа што изминатата година Хитлер ги мобилизираше глупавоста и незнаењето. Ако некој човек се качи на крст и се прикове со клинци, не значи дека е спасител, па макар и името да му е Хитлер“.
Така, за корумпираните да се самоподдржат кога веќе се главни во системот, не им паѓа на памет да го сосечат мамењето во корен. Чувај боже да се почне како воспитание во ниските одделенија, како обесхрабрување на „идеите“ за препис во повисоките одделенија, а во средните школи како симулација на возрасната варијанта – прекршочна казнивост за препис и било какво мамење на испит на студент, или кривична, како со легислативата на Кина од 2015, надградена во 2018. Да, некој ќе рече дека тоа е диктаторски систем, но истовремено е жив и просперитетен пример на апликација на социјализмот како идеологија, нешто, кое ниедна земја која се самонарекува демократска, не успева доволно добро да го спроведе во однос – ниту на социјалното јадро за благосостојба (welfare) без комплетно замешување на капиталистичкиот систем на давај помалку – земај повеќе од масата единки, ниту токму интегративниот момент на чесност, отчетност и отстранување грешки во системот. Во вистинските демократски општества црвливото јаболко успева во разни стадиуми да се потисне или отстрани поради функционалноста на “checks and balances”, но во недемократските и хибридни режими во кои капитализмот е прифатен како дефинирачки систем на колективот – тие ќе ја доживеат судбината на нонсенсичен колапс како појавата во ВИ доколку свесните единки се откажуваат од колективното над-својство, интегритетот, отчетноста, вистинитоста.
Во основа, пропагацијата на трулеж како измамничките сертификати, оценки, дипломи итн., се „генетски идентичности“ во системот, кои проф. Хани Фарид би ги свел на колабирачка за системот мутација заради вградената инцестуозност на измамата со измама, а извршена низ интеракциите на измамниците. На пример еден со лажна диплома, токму заради недостигот на она што дипломата го сертифицира, му згрешува на целиот колектив со невалидности кои го повредуваат колективот, а кои не би ги правел доколку дипломата му била автентична. Ако е сам или редок таков во системот – системот ќе го доведе „во ред“ доколку дотогаш пропуштил. Но, ако зачестат ваквите случаи, имунитетот на системот полека колабира, сѐ до моментот кога ваквите, за стандард ќе ја прогласат измамата. Од тој момент колапсот оди експонецијално брзо. Збирот од луѓе кои претставувале колектив го губи над-својството за колективност, ја губи интегративната компонента која го прави колектив, како што една слика би почнала да претставува само збирштина од пиксели, наместо слика. Преземајќи улога на водачи, корумпираните ги анестезираат масите со само навидум интегративни наративи – историски, традиционални, квази-националистички, итн., дури и не конкретно „наративи“, туку памфлети, повикувања со нула едукативен елемент, со количина на информација колку што овчарот на овците им вика „ој“. Тоа им служи за доисцрпување на сѐ што останало во лушпата на колективот за некои свои бенефити. Наметнувајќи ја оваа нарцисоидна патологија како непишан (анти)стандард на целиот колектив, го доведуваат колективот до состојба на Трагедија на Заедничкото, односно – колабирање. Но, ако останало барем нешто од имунитетот на оригиналниот колектив, тогаш се прозреваат квази-националистичките празнотии и се јавуваат единки, „неврони“ или „антитела“ кои, не неопходно преку “checks and balances”, го газат непишаниот анти-стандард.
На пример, кога ВМРО-ДПМНЕ одново почна со варијанта на хорхизам – „Ајде да се обединиме“, многумина, за разлика од пред 8 години, сега подготвено прашаа „Околу што?“ потенцирајќи ги измамничките помилувања, но и други измами, од кои најмногу ни влијае измамата за божемната посветеност на патот кон ЕУ. Денес, многу повеќе се гледа дека „Ајде да се обединиме“ нема само два содржатели, од аспектот на повикувачот – повикувач на обединување и „одметник“ од обединувањето – туку има и трета компонента: конкретна цел што двата содржатели би требало да ја сметаат за вистинска, на пример неизмамничко општество, отчетност, или учество во инструментот ЕУ за тие цели. Меѓутоа, ако таа цел е вистинска за двете страни, тогаш потребата од искажувањето на „Ајде да се обединиме“ воопшто би ја немало, односно системот воопшто не би бил „проблем на три тела“, туку само на две – субјект кој е спремен за отчет и самата отчетност како цел, со што повикувањето би било немотивирано, вишок. Фактот дека има повикувач којшто има потреба од искажување на „Ајде да се обединиме“ укажува дека за него во системот постои поинаква цел којашто смета дека треба да биде уфрлена како стандард, но притоа направил сѐ за да не го испочитува тековниот стандард кој го држел системот на интегралната и отчетна страна, не пикселизиран кон нонсенс. Значи, „Ајде да се обединиме” околу стандард што е спротивен на оној кој се стреми кон интегритет, е заклучокот кој лесно го изведоа сите. Но, ако тоа поинакво тело во системот навистина го заслужува терминот „стандард“, тогаш какво е тоа, а да е спротивно на – стандард? Тоа е ништо, ништовило, недостаток на стандард, последната секвенца од разградба, како што темнината е недостаток на светлина. Всушност, само фотонот „има право“ да каже „ајде да се обединиме“ оти врши дејство, на ништото му прави нешто, а тоа е вредното. Со поглед откај ништото би се рекло – „фотонот го испразнува ништото, му зема на ништото“, но од аспект на фотонот – тој го пополнил ништото. Сега, замислете темнината да стане дрдорлива и да фати да кажува работи за правење кои само светлината може да ги направи. Или обратно, да го критикува фотонот дека му го растура ништото. Баш си било убаво обединето ништото во ништо, а овој, фотонот му ја расипува таа обединетост да му зема таму дел од ништото. И да му го пополнува ништото со светлинска содржина. Дали еден колектив со своето колективно над-својство би се стрмоглавувал кон ништовило, темнина, трагедија на заедничкото, инцест меѓу измамите за раѓање нови измами до колапс, кон производство на препишувачи и корупција уште од мали нозе – или би се одбранил од исчезнувањето?
На животот ни влијаат туѓи лоши одлуки кои полека нѐ распаѓаат, заедно сосе системот. Нѐ заведуваат со зборовна пропаганда којашто претпоставува дејство произведено од автентичен стандард, но е темнина која дрдори дека дејствува како светлина, која се жали што светлината ја расипува обединетоста на темнината.
За жал, оваа зборовна машина ги доби и лостовите на извршната власт, но иако празна и импотентна, сеуште зборува работи што не знае да прави, оти и не може, како што темнината, што по дефиниција е недостаток од светлина – не може. Антистандардите што ги поставува мора да се нападнат и избришат, ако сакаме да бидеме членови на интегрално и интегративно тело со заштитно и благородно колективно над-својство. Машината на оваа власт, поточно на множеството од измамнички дронови од ВМРО-ДПМНЕ, работи на истиот принцип како итерирањето на ВИ-податоци во ВИ, како аналогијата на Хани Фарид за инцестот. И убаво што дојдовме до споменување на изворот на радијацијата – мамењето за дипломи и сертификати.
(рацин.мк)