Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ЌE И СЕ СЛУЧИ ЛИ НА МАКЕДОНИЈА СУДСКО ЦУНАМИ?

May 6, 2026 Filed Under: Колумни

СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Лани Стразбур досудил државата да плати 774.000 евра штета за оспорена денационализација, а годинава дури 1.900.000 евра на компании што не успеале да си ги наплатат долговите од државни претпријатија

Предупредувањето на премиерот Христијан Мицкоски дека државата може да се соочи со пресуди од над милијарда евра од Стразбур, беше дочекана вчера во јавноста со неверување. На прв поглед, таа проценка личи на претерување, со оглед на тоа дека казните што вообичаено ги изрекува Судот за човекови права во Стразбур се до 10.000 евра, а како најголема до лани се паметеше таа за случајот на Ел Масри, на кого Македонија мораше да му исплати оштета од 60.000 евра.

Сепак, малку подетална анализа на случаите покренати пред Европскиот суд открива неколку факти: дека сѐ повеќе и повеќе граѓани и компании бараат правда во Стразбур, и додека досега главно се водеа случаи за дискриминација и за предолги судења, сега се исправаат сите неправди од долгото нефункционирање на државата, т.е. од импровизацијата.

Пресвртна точка беше пресудата минатата година на Стразбур кога во случајот „Насков и други против државата“ пресуди дека на тужителите им било нарушено правото на сопственост, бидејќи веќе донесена одлука за денационализација на имот на терен не била спроведена, односно некоја градежна компанија си градела, а Владата се правдала дека одлуката е неспроведлива, па ја поништила. Тоа поништување, т.е. импровизација од денационализација, ја чини државата, т.е. граѓаните, сега 774.000 евра на име на оштета, плус пресметка на камата што сопствениците, иако имале решение во рака, не можеле да го користат имотот.

И ова е беше само најава на лавината што ѝ се заканува на државната каса, што зборовите на премиерот може да ги направат  реалност. Според информациите од Стразбур, лани Македонија изгуби четири случаи во Стразбур за цела година, а годинава веќе изгуби четири – само во првите четири месеци. Случаите што се покренуваат во Стразбур се множат сѐ повеќе и во моментов, според податоците на Европскиот суд за човекови права, надминуваат 500. Бројката се проценува како „огромна“, со тенденција да расте и натаму, што конечно го запали црвениот аларм во Владата, која за тоа расправала, според премиерот, на седница.

Она што ја прави милијардата реална сепак не е бројката на предмети, туку типот на тие предмети, односно по која основа бараат правда нашите граѓани и компании во Стразбур. А, тоа е двојството што законски се брани во државата, со кое извршителите можат да брцнат во сите сметки на граѓаните, а не можат да си ги наплатат долговите од државните претпријатија, институции и органи, бидејќи со фамозниот член 218 од Законот за извршување (што сега го преиспитува Уставниот суд) е регулирано дека „не може да се спроведе извршување за наплата на побарувања (кај јавни претпријатија и други државни органи) доколку средствата се неопходни за вршење на нивната дејност“. Практично, со закон се штити јавашлукот на јавните претпријатија и државните органи кои можат да трошат, да нарачуваат и да не плаќаат побарувања, бидејќи извршителите ништо не им можат, дури и кога ќе се изречат судски пресуди.

Тој јавашлук што се практикува со децении практично сега им се удира од глава на државните органи, така што неофицијално главната цел на расправата во Владата била да се направи точна проценка колку должи државата на компаниите, за да се платат тие обврски пред да дојдат со камати и со судски трошоци од Стразбур. А, дека тоа сигурно ќе се случи се сфатило  од пресудата  во корист на „АД Осигурителна полиса Скопје и други против
Северна Македонија“, во случај во кој тужеа десет фирми преку речиси сите осигурителни компании во државава за дури 37 неисплатени побарувања. На крајот осум фирми се спогодија околу надомест на штетата , а за две осигурителни компании државата доби обврска да им го исплати на компаниите тоа што решиле судовите во Македонија, со камата и судски трошоци, со оглед на тоа дека побарувањата се од периодот 2013-2017 година. Кога ќе се соберат сите износи испаѓа дека од државниот буџет треба да се платат речиси 1.900.000 евра, при што главен должник е јавното претпријатие за државни патишта уште од време кога носело друго име па натаму.

Filed Under: Колумни

СУДБИНАТА НА ГРУЕВСКИ ВО ОЧИТЕ НА БИ-БИ-СИ
КОЈ ГИ ДЕГРАДИРА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА?
УНГАРСКИ НОВИНАР: ВЕРОЈАТНО Е ОЛИГАРСКИТЕ БЛИСКИ ДО ОРБАН ДА ГОСЕЛАТ КАПИТАЛОТ
ЕДНОСТАВНОСТА НА УБАВИНАТА: НОВИОТ БРАН Е ВИНОВЕН ЗА СЕ”
ПРЕСВРТЕН МОМЕНТ ПРЕД ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ ВО САД

Најново

  • СУДБИНАТА НА ГРУЕВСКИ ВО ОЧИТЕ НА БИ-БИ-СИ
  • КОЈ ГИ ДЕГРАДИРА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА?
  • УНГАРСКИ НОВИНАР: ВЕРОЈАТНО Е ОЛИГАРСКИТЕ БЛИСКИ ДО ОРБАН ДА ГОСЕЛАТ КАПИТАЛОТ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet