Западниот Балкан веќе со години функционира во просторот меѓу европските ветувања и геополитичките реалности, што отвора широк простор за дејствување на надворешни актери. Во таков амбиент, локалните елити, бавните реформи и неизвесната европска перспектива го обликуваат теренот на кој се испреплетуваат интересите на Западот, Русија, Кина, Турција и други сили

За тоа како регионот станува периферија на европскиот поредок, но и арена во која глобалните ривалитети се рефлектираат низ локалните динамики, во интервјуто за Republika зборува Вук Вуксановиќ. Вуксановиќ е предавач од областа на надворешната политика и големата стратегија на Одделението за воени студии на King’s College London и соработник на LSE IDEAS, надворешнополитичкиот think tank во рамки на Лондонската школа за економија и политички науки (LSE). Тој е автор на книгата „Serbia’s Balancing Act: Between Russia and the West“ (Балансирањето на Србија: Помеѓу Русија и Западот).
Вуксановиќ објаснува зошто присуството на странските сили на Балканот не е само последица на нивните амбиции, туку и на активната улога на домашните политички елити кои таквата конкуренција ја користат за сопствени интереси. Зборува за ограничената автономија на малите држави, за трансформативниот, но и проблематичен кинески капитал, за митовите за хибридните закани, и за тоа зошто клучните предизвици на регионот пред сè се од домашна, а не од глобална природа. Неговите анализи нудат трезвен поглед на тоа каде се наоѓа Балканот денес и како ќе изгледа во наредната деценија.
Колку е денес Западниот Балкан геополитички отворен за надворешни актери поради бавниот процес на интеграција во ЕУ? Дали побрз напредок кон ЕУ автоматски би го намалил просторот за руското, кинеското и турското влијание?
– Фактот што ЕУ го отстранува погледот од регионот од светската финансиска криза од 2008 година наваму е главната причина зошто незападните актери се присутни во регионот. Вакуумот постои и тој создава пермисивна средина за Русија, Турција, Кина, Израел, ОАЕ и Азербејџан, но истовремено таа средина создава поттик и за балканските земји да соработуваат со тие држави за да ја надоместат својата маргинализација од страна на Западот, пред сè од ЕУ. Забрзаниот пат кон членство би бил еден од механизмите на кои Европа би можела да прибегне, но имајќи ја предвид моменталната состојба во регионот, како и во самата ЕУ и нејзините земји членки, не сум оптимист.
Како локалните политички елити ја користат конкуренцијата на големите сили во регионот? Дали странското влијание е повеќе последица од глобалните амбиции на големите сили или од регионалните политички калкулации?
– И западните и незападните сили имаат свои амбиции и интереси, и поголемиот дел од тие амбиции се од глобална природа, а регионот е само мал дел од една поголема сложувалка. Сепак, пред сè, незападните актери не би можеле да бидат успешни на Балканот доколку немаат помош од локалните елити кои сакаат да соработуваат со нив. Популарно е балканските земји да се опишуваат или како послушници на сили како Русија, или како беспомошни жртви на странското влијание. Меѓутоа, локалните елити им овозможуваат на странските актери да бидат присутни на Балканот затоа што во тоа гледаат корист. Таа корист е во тоа што со помош на тие земји ги зајакнуваат своите преговарачки позиции спрема Западот, имаат пристап до ресурсите на тие земји или ги користат партнерствата со тие земји за да се промовираат пред сопственото население.
Како се промени перцепцијата за безбедноста во регионот по руската инвазија на Украина? Дали Западниот Балкан стана поранлив на хибридни закани и политичка дестабилизација?
– По руската инвазија на Украина мошне популарно е да се зборува дека Русија ќе отвори втор фронт во Европа, но гледаме дека тоа не се случило. На Русија ѝ одговара да постојат други конфликтни подрачја и кризни жаришта со цел Западот да има помалку ресурси и внимание да им посвети на Украина. Сепак, за тоа сценарио, на Русија ѝ е потребна помошта на локалните елити, а локалните елити се себични и опортунистички актери кои не сакаат да го ризикуваат својот политички опстанок заради Москва. Русија повремено ја користи Србија за заобиколување на западните санкции, постои опортунистичка соработка на безбедносните служби и на Москва ѝ одговара да каже дека сè уште постојат земји во Европа кои не воведоа санкции против Русија. Сепак, тоа е далеку од тоа регионот да биде прогласен за руска мета. Ризиците со кои се соочуваат народите на Балканот не се вртат околу Русија, туку се од локални проблеми: слаби и заробени држави, неефикасни државни администрации, корумпирани и авторитарни елити, социо-економска стагнација, нерешени спорови од минатото.
Колку се кинеските инвестиции и инфраструктурните проекти навистина трансформативни за регионот? Дали земјите од Западниот Балкан се свесни за долгорочните политички и економски импликации од кинеското присуство?
– Кинеските инвестиции и инфраструктурните кредити играат одредена улога. Помагаат да се решат одредени инфраструктурни проблеми, ги подигаат показателите на БДП и вработуваат локално население. Сепак, постои долгорочен ризик во однос на еколошките и работните стандарди, како и проблемот со корупцијата. Нетранспарентноста и тајните спогодби кои понекогаш го придружуваат кинескиот капитал ја прават Кина привлечен партнер за локалните елити. Овие елити се водат од комбинација на фактори: дека до фондовите на ЕУ е тешко да се пристапи, како и од опортунизам.
Често се зборува за „кинески пари без политички услови“. Дали тоа е мит кој им одговара на локалните влади, или реална предност на Кина во однос на Западот?
– Има вистина во тоа. Бидејќи Кина не покажува интерес да влијае врз внатрешната политика на земјите во кои работи, тоа ја прави привлечна. Се поставува прашањето дали во иднина Кина би можела да го промени својот пристап и да го искористи своето присуство во клучните економски и технолошки сектори како точка на притисок. Сепак, досега Кина не само на Балканот, туку и глобално, успева да се прилагоди и да ги коригира своите грешки, поради што, особено во ерата на Трамп, Кина успева да се претстави како прагматична сила со која може разумно да се соработува.
Западниот Балкан често се опишува како „геополитички вакуум“. Дали тоа е реална дијагноза или изговор на локалните елити за да ја избегнат одговорноста за сопствените политички одлуки?
– Вакуумот постои. Балканот е усидрен во западниот и европскиот поредок, но не како подрачје со полноправно членство, туку како периферија и привезок. Во таква состојба, центрите како Брисел, Берлин и Париз покажуваат неподготвеност, но и многу често немоќ да ги обликуваат случувањата на терен, што се гледа преку реакциите на ЕУ на случувањата во Србија, или скоро мртвиот дијалог меѓу Белград и Приштина. Во таква состојба, локалните елити бараат прилика за себе. Сепак, тие се трудат да не привлечат отворено непријателство од западните влади, а особено од САД, кои можат да влијаат врз текот на работите на начин на кој ЕУ не може.
Колку е денес Западниот Балкан навистина суверен во донесувањето надворешнополитички одлуки? Можеме ли да зборуваме за вистинска автономија, или станува збор за постојано приспособување кон притисоците на големите сили?
– Сите држави, па дури и оние малите како земјите од нашиот регион, имаат одредена автономија, но таа автономија се соочува со ограничувањето на малите капацитети што тие земји ги имаат, како и со политиката на големите сили. Доколку големите сили не покажуваат интерес за Балканот, балканските земји настапуваат пофлексибилно, но кога ќе проценат дека тоа ќе предизвика анимозитет кај некоја голема сила, тогаш отстапуваат. Погледнете само како Србија мора да го мери својот однос и со Русија и со Кина врз основа на тоа како САД ќе реагираат на тоа.
Русија, Кина и Турција имаат различни инструменти на влијание, но каде регионот е најранлив? Дали тоа се институциите, медиумите, економската зависност или политичките елити?
– Тешко е да се најде еднодимензионален одговор. Зависи од ситуацијата, од тоа која балканска земја е во прашање и кој актер. Сепак, треба да се напомене дека не секој облик на незападно влијание е производ на некаква ранливост што треба да се „закрпи“. Постојат и ситуации каде интересите едноставно се совпаѓаат.
Дали Западниот Балкан стана тест-полигон за хибридните операции на големите сили?
– Премногу акцент се става врз поимите хибридни операции, хибридни закани и хибридни војни. Регионот е споредна арена на поширокиот ривалитет на големите и регионалните сили, кој се користи инструментално, како монета за поткусурување или како средство за стекнување влијание во Европа.
Ако го погледнеме регионот како целина, која голема сила најуспешно ги искористи слабостите на Западниот Балкан и што тоа ни кажува за самиот регион?
– Тешко е да се даде децидна и еднозначна оценка. Западните и незападните сили меѓусебно се разликуваат по степенот на моќ со кој располагаат, по степенот и природата на интересирањето за регионот, како и по инструментите со кои се служат. Сепак, ако ја гледаме моменталната ситуација, најточно би било да се опише дека Балканот е европска периферија препуштена сама на себе, и дека доминантните проблеми се од локална, а не од глобална природа.
Ако гледаме во наредните десет години, која голема сила ќе има најголемо влијание врз Западниот Балкан и зошто? Што ќе биде клучниот фактор: економијата, безбедноста, политичките врски или нешто четврто?
– Поради структурните фактори на географијата и економијата, регионот ќе биде поврзан со Европа, без оглед на неизвесната судбина на ЕУ во ваквата стратешка и политичка околина. Сепак, геополитички и безбедносно, за земјите од регионот, како и за секоја земја во светот, централно прашање во 21 век ќе биде како да се позиционира во ерата на кинеско-американскиот ривалитет.
(respublica.edu.mk – новинар: Харис Љево)




