Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

ИНТЕРВЈУ СО ГАБРИЕЛА ПЕТРУШЕВСКА: ДОБРИОТ ТЕАТАР МОЖЕ ДА БИДЕ БЕЗВРЕМЕНСКИ

May 26, 2026 Filed Under: Ревија

Актерката на Македонскиот народен театар зборува за патот од Битола до МНТ, за претставите „Варвари“, „Лагата“ и „Сонцето, колку е блиску сонцето“, како и за актерските предизвици и односот меѓу сцената и публиката

ПЕТРУШЕВСКА Големо сценско искуство со многу театарски режисери

ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА

Со повеќе од две децении активно присуство на македонската театарска сцена, Габриела Петрушевска припаѓа на актерките кои својот професионален пат го градат низ постојано истражување, предизвици и актерски трансформации. Од Народниот театар – Битола до Македонскиот народен театар во Скопје, нејзината кариера е обележана со бројни улоги во класичниот и современиот репертоар, како и со соработки со некои од најзначајните режисерски имиња во македонскиот и регионалниот театар.

Во ова интервју разговараме за претставите „Варвари“, „Лагата“ и „Сонцето, колку е блиску сонцето“, за искуствата со Владимир Милчин, Бранко Брезовец и Дејан Пројковски, за актерската слобода, уметничките предизвици и за односот меѓу актерот и публиката – врска без која театарот не може да постои.

Бидејќи сте биле член на ансамблите на двата најрепрезентативни театри во Македонија – Народниот театар – Битола и Македонскиот народен театар, можете ли да ни кажете нешто повеќе за Вашето искуство во овие две институции?

– Од 1999 година бев член на Народниот театар Битола. Тоа е театар во кој препознав простор да го изразам својот потенцијал, да го изградам сопствениот актерски идентитет и да добивам улоги што ме обликуваа како уметник. На некој начин таму и се родив како актерка.

Дваесетте години поминати во Битолскиот театар се незаменливо искуство за мене. Станува збор за театар со амбициозна репертоарска политика, театар што знае да биде алтернативен, провокативен и отворен кон светските трендови, но и театар што поставува важни прашања. Имав можност да играм во многу значајни претстави, од кои некои и денес се споменуваат меѓу студентите по актерска игра и театарската публика. Навистина сум благодарна за сите соработки што ги остварив таму.

Сепак, уште од почетокот на мојата кариера постоеја повици и интерес од Скопје – од Драмскиот театар, од Македонскиот народен театар и од други проекти. Во еден момент почувствував дека како уметник имам потреба од нов предизвик, од нови партнери, нови искуства и поширок простор за развој. Одлуката не беше лесна и созреваше неколку години, но во 2019 година станав член на ансамблот на Македонскиот народен театар.

МНТ е институција што се наоѓа на самиот врв на македонската театарска уметност и сум благодарна за можностите што ми ги отвори. Верувам дека и понатаму ќе продолжам да откривам нови актерски потенцијали и да се соочувам со нови предизвици.

Особено ми се допаѓа тоа што ансамблот е многу поголем и што имам можност да работам со различни партнери на сцената. За мене развојот како актер никогаш не запира. Не сум човек што се задоволува со комфор и повторување на веќе освоени територии. Напротив, постојано барам нови искуства и нови предизвици.

Верувам во онаа мисла дека ако ја одберете професијата што ја сакате, нема да работите ниту еден ден во животот. За мене актерството е пасија. Сакам да истражувам, да влегувам во нови ситуации, да одговарам на барањата на режисерите и партнерите со целосна посветеност, но истовремено и да не се штедам пред публиката. Театарот треба да поставува прашања, а јас сакам гледачот да си замине дома со желба да размислува и сам да ги пронајде одговорите.

ВО ЛИКОТ НА ПЕЛАГИЈА БЈЕЛОУСОВА Во претставата „Тито“ на Брезовац ја толкува првата сопруја на Јосип Броз

Да преминеме на претставата „Варвари“. Оваа претстава долго време се подготвуваше во Македонскиот народен театар под режија на Владимир Милчин. Повеќето актери во поделбата се негови поранешни студенти, додека Вие не сте. Какво беше Вашето искуство од соработката со професорот Милчин? Воедно, во претставата доминираат женските ликови, а Вие ја толкувате Ана Фјодорна. Каков предизвик беше да се влезе во овој лик?

– Морам да признаам дека поканата од професорот Владимир Милчин да бидам дел од поделбата дојде сосема неочекувано. Не сум негова студентка, а тој најчесто работи со актери што поминале низ неговата класа. Иако претходно режирал и во Народниот театар Битола, никогаш не сум била дел од неговите проекти, па кога ја добив поканата бев искрено изненадена.

Во процесот влегов без големи очекувања. Сакав да одам чекор по чекор и да откривам што носи работата, бидејќи, не знаев со какви предизвици ќе се соочам. Добив лик што воопшто не е типичен за мојот актерски темперамент. Ана Фјодорна е жена која е целосно потчинета на својата љубов, па дури и на опсесијата кон сопругот. Таа е подготвена на бескомпромисни компромиси само за да го зачува својот брак.

Она што особено ми се допадна е што професорот Милчин постепено ми даде простор за сопствено актерско изразување. Имаше јасно режисерско водство, но истовремено и доверба да го градам ликот на свој начин. На крајот од процесот му реков: „Ви благодарам за школата што ми ја дадовте, а која не ни знаев дека ми е потребна.“ Не знаев како ќе излезам од таа работа, но излегов побогата како актерка и како уметник. Тоа се искуства што сигурно ќе ги носам и ќе ги применувам понатаму.

Во работата на ликот поставувавме многу прашања заедно со Тони Михајловски, мојот сценски партнер. Во него открив актер на кого можам целосно да се потпрам. Заедно се обидувавме да го разбереме мотивот што ги држи овие два лика толку силно поврзани. Што е тоа што ги тера да останат заедно, иако односот меѓу нив постојано се преиспитува?

– Без да откривам премногу од содржината на претставата, ќе кажам дека јас ѝ додадов една поинаква димензија на Ана. Сакав да ѝ дадам сила и власт. Не ја изградив како тивка и покорна жена, туку како личност што верува дека има право да се бори за својот брак и за својот животен избор. Во моето читање, Ана не е жртва, туку жена која активно се бори за она што го смета за свое.

Иако процесот траеше долго, а тоа е нешто што секогаш го забележувам кај подолгите проекти, на крајот ни беше потребна извесна дистанца за да сфатиме што сме создале. Верувам дека направивме исклучително силна актерска претстава.

Станува збор за класика од Максим Горки, но она што е особено интересно е што драмата, на некој начин, е напишана за жените. Како што и самата забележавте, женските ликови ја носат приказната и се двигатели на речиси сите драмски пресврти. Токму затоа ми беше особено драго што секоја од моите колешки успеа силно и уверливо да го изгради својот лик.

Верувам дека кога актерот ќе добие улога, има обврска да ја брани со целосна посветеност и без компромиси. Мислам дека токму тоа го направи женскиот дел од ансамблот во „Варвари“ и затоа сум навистина задоволна од резултатот.

Впечатлива беше и Вашата улога во претставата „Лагата“, која веќе подолго време беше дел од репертоарот на Македонскиот народен театар. Во неа играте заедно како партнери со Јордан Симонов. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за овој лик и за Вашето размислување за лагата како дел од современиот живот?

– Улогата во „Лагата“ ми ја подари Бесфорт Идризи. Ликот првично се вика Алиса, но поради неговата режисерска концепција беше преименуван во Благородна.

Флоријан Зелер е исклучително интелигентен автор, а тоа го потврдува и фактот што неговите дела се поставуваат и екранизираат низ целиот свет. Интересно е што од истиот автор постои и драмата „Вистината“, која тематски е поврзана со „Лагата“. Станува збор за истите два брачни пара, но со променета перспектива и фокус на другите ликови.

Работевме во мала актерска екипа од четворица актери и многу брзо воспоставивме одлична соработка. Со Јордан Симонов, или Јоцо како што сите го викаме, кликнавме уште на првите проби. Тој е исклучителен партнер, несебичен актер кој никогаш не се штеди ниту себеси ниту колегата со кого ја дели сцената. Навистина имавме прекрасна соработка.

Искрено, ми е жал што во последно време „Лагата“ не е присутна на репертоарот. Тоа е претстава што публиката ја сакаше, салата редовно беше исполнета и би ми било драго повторно да се врати на сцената.

Она што особено ме привлекува кај текстот е интелигентниот хумор со кој Зелер прави вистинска дисекција на бракот, верноста, неверството и меѓучовечките односи. Тој отвора многу прашања за вистината и лагата, но без морализирање. Понекогаш ја кажуваме вистината, а некој ја доживува како лага. Од друга страна, доволно умешно изречена лага може да биде прифатена како вистина.

Често на шега велиме дека ова е претстава на која треба да се дојде со пријателка, а не со партнер. Секако, тоа е само интерна шега, но зад неа стои фактот дека претставата отвора многу прашања за партнерските односи, за бракот и за начинот на кој луѓето се справуваат со искушенијата и предизвиците што ги носи заедничкиот живот.

Односите меѓу четирите лика се испреплетени на исклучително паметен и интригантен начин. Вистината за случувањата ја откриваме дури на крајот, но патот до неа е исполнет со хумор и леснотија што му овозможуваат на гледачот со задоволство да ја следи приказната. Сепак, кога ќе се замисли подлабоко, сфаќа дека претставата содржи и сериозен коментар за општеството во кое живееме, но и за интимните односи меѓу луѓето.

КАКО КРАЛИЦА МАРГАРЕТА ВО „ХЕНРИХ VI“ Од претставата поставена пред 14 години во Народниот театар од Битола

Во Народниот театар Битола имавте можност да соработувате и со хрватскиот режисер Бранко Брезовец. Ако не се лажам, игравте во две негови претстави. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за тоа искуство, за гостувањата во Загреб и за Вашите врски со хрватската театарска сцена?

– Мојата поврзаност со Загреб најмногу произлегува од бројните гостувања што ги имав со Народниот театар Битола. Тоа е едно од искуствата за кои сум особено благодарна, бидејќи театарот ни овозможи настапи на значајни фестивали и средби со различни театри и публики. Кога денес ќе се навратам на тој период, сфаќам колку многу сум добила како актерка од тие патувања и гостувања.

Соработката со Бранко Брезовец дојде неочекувано. Се сретнавме, разговаравме и ја прифатив понудата затоа што како актер секогаш сум била привлечена од предизвиците и провокациите. Интересно беше што ми понуди машки лик, што само по себе претставуваше дополнителен актерски предизвик.

Брезовец има многу специфична естетика и начин на работа. Тоа е театарски јазик што не е близок до секого, ниту е процес што секој актер може лесно да го помине. Позната е неговата изјава дека „уморниот актер е најдобриот актер“, а тој навистина работи со голем интензитет и високи барања кон актерите. Во текот на процесот тоа може да биде напорно, но кога ќе се свртите наназад, сфаќате дека целиот вложен труд остава трага и создава искуство на кое подоцна можете силно да се потпрете.

Со претставата „Травничка хроника“ гостувавме во Загреб во 2013 година. Тамошната публика добро го познава и го следи Брезовец, кој е и долгогодишен професор на Академијата за драмска уметност. Тој има своја публика и свој препознатлив режисерски ракопис. Станува збор за автор кој не се плаши да провоцира и да ја соочи публиката со непријатни прашања. На некој начин, неговите претстави сакаат да ја разбудат публиката и да ја оттурнат од комфорната зона.

Благодарна сум за тоа искуство и за сè што научив во тој процес. Но, ако денес ме прашате дали би сакала повторно да работам со него, искрено би рекла – не. Не затоа што имам нешто против него или против неговата естетика, туку затоа што чувствувам дека тоа поглавје веќе сум го поминала. Го добив знаењето што требаше да го добијам, ја научив лекцијата што требаше да ја научам и денес сум во фаза кога ме привлекуваат нови предизвици и поинакви уметнички искуства.

Тоа, секако, не ја намалува мојата почит кон Брезовец и неговиот тим. Напротив, им посакувам сè најдобро и понатамошни успеси.

За крај, можете ли да ни откриете дали оваа година веќе имате договорено нови претстави или соработки и во кои проекти публиката ќе може да Ве гледа?

– Искрено, во овој момент не знам. Тоа зависи од режисерите, од репертоарската политика и од проектите што ќе се реализираат во наредниот период. Јас сум отворена за нови соработки и предизвици. Ако некој режисер има идеја и смета дека можам да придонесам во некој проект, тука сум. Со задоволство ќе ја прифатам поканата.

Имате ли порака за крај за нашите читатели?

– Одете на театар. Бидете што почесто гости во театрите. Скопје има прекрасна театарска публика и би сакала салите секогаш да бидат исполнети. Токму интеракцијата со публиката е најважниот дел од нашата професија. Ние создаваме, истражуваме и работиме, но без публиката театарот не може да постои. Актерот постои само во средбата со гледачот.

Затоа доаѓајте на претстави, поддржувајте ја театарската уметност и бидете дел од тој жив и неповторлив дијалог што се создава меѓу сцената и салата. Ние, актерите, не можеме да постоиме без вас.

 

 

 

 

Filed Under: Ревија

ГЛАСНО ГО КАЖАА ОНА ЗА ШТО СЕ ШЕПКАШЕ: ПОРАКИТЕ НА ВАШИНГТОН НА ЗАПАДНИОПТ БАЛКАН
ШПИОНСКА АФЕРА: ДOДЕКА СЕ ШПИОНИРА НАТО, ВЛАСТА НА МИЦКОСКИ КРЕИРА ПОЛИТИКИ ПО ТЕРК НА МОСКВА
ФИЖУЛИЌ: ИНА ГИ КОРИСТИ ГРЕШКИТЕ НА ТРАМП
ИНТЕРВЈУ СО ГАБРИЕЛА ПЕТРУШЕВСКА: ДОБРИОТ ТЕАТАР МОЖЕ ДА БИДЕ БЕЗВРЕМЕНСКИ
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (180) БОГАТЕЊЕ ОД „ОЖИВУВАЊЕТО“ НА ЗАГИНАТИТЕ ВОЈНИЦИ НА ФРОНТОТ!

Најново

  • ГЛАСНО ГО КАЖАА ОНА ЗА ШТО СЕ ШЕПКАШЕ: ПОРАКИТЕ НА ВАШИНГТОН НА ЗАПАДНИОПТ БАЛКАН
  • ШПИОНСКА АФЕРА: ДOДЕКА СЕ ШПИОНИРА НАТО, ВЛАСТА НА МИЦКОСКИ КРЕИРА ПОЛИТИКИ ПО ТЕРК НА МОСКВА
  • ФИЖУЛИЌ: ИНА ГИ КОРИСТИ ГРЕШКИТЕ НА ТРАМП

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet