Еевропратеничка за „Слободен печат“ рече дека Брисел не треба да биде изненаден од недовербата за која и самиот помогна да се создаде, а Македонија не треба да ја претвора таа недоверба во трајно гориво за домашната политика

ЖАНА П. БОЖИНОВСКА
Сепак би била многу внимателна со интерпретацијата на секој домашен неуспех како европска блокада. Не е секоја критика кон Македонија бугарска пропаганда. Билатерализацијата на процесот е сериозен и, според мене, неприфатлив проблем. Но тоа не е универзален изговор за сè што самата држава не го направила.
Прашањето што ќе се случи денот по новите уставни измени е сосема легитимно. И тоа, според мене, не е евроскептицизам, туку паметење на сè што се случи (или не се случи) досега, вели за „Слободен печат“ Ирена Јовева, словенечка европарламентарка, со потекло од Македонија. Според неа, ниту една земја членка не треба да има право да бара од друга држава да го промени сопствениот наратив за идентитетот како цена за ЕУ. Унијата не им дава дозвола на нациите да постојат. Македонскиот јазик не постои затоа што Брисел го призна, а Македонците не се Македонци затоа што некој во Советот на ЕУ го дозволил тоа. Во интервјуто, Јовева, говорејќи за (не)довербата меѓу Македонија и Унијата, порачува дека „довербата не се бара, таа се заработува; и ова важи за двете страни. Брисел не треба да биде изненаден од недовербата за која и самиот помогна да се создаде, а Македонија не треба да ја претвора таа недоверба во трајно гориво за домашната политика“.
Македонија веќе две децении ја гради својата европска перспектива и никако да напредува, а граѓаните сè повеќе имаат чувство дека процесот нема јасна завршница. Според Вас, кој е излезот од ваквата ситуација?
– Прво, да бидеме искрени: чувството на луѓето дека процесот нема јасен крај е сосема разбирливо. Македонската држава презеде некои исклучително тешки политички чекори, незамисливи за многумина, а пред сè чекори што веројатно никогаш не би се барале од многу други држави. А која беше „наградата“? Нов услов.
Секако, и Македонија има своја домашна задача. Кога станува збор за владеењето на правото, корупцијата, институциите и спроведувањето на законите, не е сè како што треба. За жал. И тоа не може да се скрие ниту зад Бугарија ниту зад Брисел.
Но истото важи и за Европската Унија: таа исто така мора да ја заврши својата домашна задача. Ако некоја земја кандидат го исполнува европскиот услов, тоа мора да биде проследено со европски чекор напред. Не со нов билатерален спор, со нови интерпретации на историјата или со ново политичко вето.
Затоа, ова одамна престана да биде само македонски проблем, туку е проблем на кредибилитетот на Унијата.
Секако, не го гледам излезот во уште десет години трпение. Според мене, решението лежи исклучиво во предвидливоста на процесот. Што и да е европски критериум, треба да важи еднакво за сите, точка. Што и да е билатерален спор, треба да остане таму каде што му е местото – а тоа сигурно не е во процесот на пристапување.
Не можеме дваесет години да бараме од луѓето да веруваат во процесот, а потоа да се изненадиме кога истите овие луѓе се разочарани и лути затоа што овој процес едноставно се менува од кандидат до кандидат.
Македонија апсолутно мора да продолжи со реформите таму каде што навистина ѝ се потребни: владеењето на правото, борбата против корупцијата, независноста на институциите. Ова не смее да има никаква врска со Брисел, бидејќи тоа не се прави за Брисел, туку за доброто на луѓето што заслужуваат подобар живот и, на крајот на краиштата, подобра земја. Во меѓувреме, Брисел треба да престане да ги преправа билатералните (а исто така, благо кажано, неоправданите) барања во европски услови.
Вие во минатото остро посочувавте дека пристапниот процес не треба да се користи за решавање билатерални прашања. Има ли Брисел механизам како да се спречи тоа, бидејќи во нашиот случај со Бугарија очигледно тоа продолжува?
– Има – ако ништо друго, има политички механизам. На крајот, сè зависи од политичката волја; неа или ја има или ја нема. Со тоа сакам да кажам дека Брисел има политички опции за ограничување на билатерализацијата, но проблемот е што не ги користи доволно доследно.
Ако зборуваме конкретно за процесот на пристапување, денес тој е врзан за согласноста на сите земји членки во апсолутно секој чекор, така што поединечна земја може многу брзо да ја претвори блокадата во средство за решавање на сопствениот билатерален спор.
И токму затоа долго време се залагам за она што е и идеја на одговорната комесарка Марта Кос, дека треба да користиме квалификувано мнозинство во средните чекори на проширувањето и да ја задржиме согласноста за почетната и конечната одлука за членство.
Значи, проблемот не е само што Бугарија го користи или, директно да кажам, го злоупотребува ветото. Проблемот е и што европскиот систем ѝ дозволува да го прави тоа.
Имено, ако една земја ги исполнува европските критериуми во одреден момент, таа не може и не смее да биде заложник на историски спорови, дебати за идентитетот или внатрешнополитички потреби на друга земја членка.
Додека не го промениме ова, ќе биде многу тешко да се зборува за процес што е навистина заснован на заслуги. Бидејќи процес во кој една земја секогаш може да додаде нова пречка, повеќе не е мерење на напредокот туку политичка уцена со европски печат.
Европскиот парламент во последната резолуција повторно ја потврди европската перспектива на Македонија, но истовремено ги повика властите да ги спроведат потребните уставни измени. Од друга страна, македонската влада тврди дека не може повторно да прави отстапки без гаранција дека по уставните измени нема да следуваат нови услови и нови блокади. Дали се разбира во Брисел зошто во Скопје постои таква недоверба кон процесот?
– Ако тоа не го разбираат или не сакаат да го разберат, тогаш проблемот е уште поголем. Крајно наивно е да се очекува дека луѓето едноставно ќе прифатат сè и нема да критикуваат ништо или да прашуваат што ќе се случи утре.
Македонската држава го смени името, го прифати Преспанскиот договор, дури ја прифати и сегашната преговарачка рамка. По промената на името, искрено верував дека нешто ќе се помести; ја почитував политиката што доведе до тоа, бидејќи беше далеку од лесно. Но, пораките од официјален Брисел секогаш беа: направете уште еден чекор и патот напред ќе се отвори. А тоа никогаш не се случи.
И сè додека целата Европска комисија и секоја земја членка не бидат подготвени јасно да кажат дека исполнувањето на овој услов е крај на новите билатерални дополнувања, не можат да му морализираат на Скопје.
Имено, прашањето што ќе се случи денот по новите уставни измени е сосема легитимно. И тоа, според мене, не е евроскептицизам, туку паметење на сè што се случи (или не се случи) досега.
Сепак, морам да разјаснам уште нешто, ништо помалку битно: и во вашата земја, европското прашање премногу често се користи за домашни политички цели. Да се докаже кој е попринципиелен, кој е поблаг, кој е попатриотски настроен.
И ова не е невино. Додека политиката се расправа за тоа кој кому му направил отстапки, народот секогаш го добива помалиот дел од колачот.
Довербата не се бара, таа се заработува; и ова важи за двете страни. Брисел не треба да биде изненаден од недовербата за која и самиот помогна да се создаде, а Македонија не треба да ја претвора таа недоверба во трајно гориво за домашната политика.
И всушност, дали во ЕУ разбираат која е суштината на проблемот меѓу Бугарија и Македонија?
– Делот од ЕУ што сака да ја разбере суштината, секако, многу добро ја разбира, а дел од неа бара изговори. Но, генерално кажано, сепак мислам дека сите многу добро знаат дека ова не е само технички спор за уставен амандман или таканаречени добрососедски односи. Тие знаат дека станува збор и за историја, јазик, идентитет и за многу конкретно прашање: колку – и дали – една земја може да се меша во тоа како друга земја и нејзиниот народ се дефинираат себеси.
Проблемот е што често е попогодно институциите да спакуваат сè во терминот „билатерален спор“ и да продолжат понатаму. Бидејќи ако ја признаете вистинската суштина на проблемот, тогаш мора да кажете и каде е црвената линија. И токму тоа Брисел премногу често одбива да го направи – не само во овој случај.
За мене, оваа линија е доста едноставна и логична. Европската Унија може и мора да бара почитување на човековите права, правата на малцинствата, владеењето на правото и недискриминацијата, нема сомнение за тоа. Но таа не може да одлучува дали една нација е доволно стара, дали јазикот е доволно точен или дали идентитетот е доволно прифатлив за една соседна земја.
Ние не сме историска академија или комисија за потврдување идентитети, што јасно го ставив до знаење и во Европскиот парламент. Процесот на пристапување не е референдум за постоењето на македонската нација, што е многу јасно – барем за мнозинството во Европскиот парламент.
Пред неколку години, експлицитно побаравме културно-историскиот спор меѓу Бугарија и Македонија да се реши одделно од процесот на пристапување. И оваа година, многу јасно повторивме во Парламентот Македонија да се оценува според реформите што ги спроведува, а не според тоа дали одредена историска интерпретација ѝ се допаѓа на Софија.
Значи: да, Брисел ја разбира суштината на проблемот. Прашањето е повеќе дали некои имаат доволно политичка храброст да го именуваат. Има ли Европската Унија некаков механизам да понуди конкретна гаранција дека исполнувањето на конкретен услов, во случајов уставните измени, ќе значи и конкретен чекор напред, наместо бескрајна билатерализација на процесот?
– Апсолутна гаранција нема никогаш за ништо, па ни за тоа дека никогаш нема да има друго вето по уставните измени. И мислам дека ова мора искрено да се каже.
Но, доколку Македонија ги прифати уставните измени, тогаш според мене не треба и не смее да има уште една рунда на билатерална трговија, нов историски услов, ново интерпретирање на идентитетот, а најмалку од сè некоја нова пречка што не постоела вчера.
Она што ЕУ може и мора да го направи е нешто многу поконкретно: да даде јасна политичка обврска дека исполнувањето на договорениот услов значи и договорен следен чекор на македонскиот пат кон ЕУ.
Иако официјалната позиција на ЕУ денес е јасна – уставните промени се неопходниот следен чекор за формален почеток на преговорите – сепак мислам дека Брисел треба да даде значително посилна гаранција од сегашната. На пример, јавно да ѝ каже на Бугарија тоа што заслужува да ѝ се каже.
Не можеме да бараме од кандидатот да го одржи својот збор ако самите не сме подготвени да го сториме истото.
Во Европскиот парламент често се зборува за владеење на правото, борба против корупцијата и независност на институциите во земјите кандидатки. Каде денес ја гледате најголемата слабост на Македонија – во политичката волја, во институциите или во спроведувањето на законите?
Најголемата слабост денес ја гледам во јазот помеѓу она што е напишано во законите и она што всушност се случува во пракса.
На Македонија не ѝ недостасуваат стратегии, закони или акциски планови. Она што недостасува е доследна имплементација, особено во судството, борбата против корупцијата и независноста на институциите. Европската комисија исто така многу јасно предупреди и во своите последни процени дека практично нема напредок во судството и борбата против корупцијата, а политичкото влијание врз институциите останува сериозен проблем.
И морам да бидам искрена и тука: за тоа не е крива Бугарија. И не е крив Брисел. Ова се реални проблеми што треба да се решат поради македонскиот народ и секој што живее во оваа земја, а не поради Европската комисија.
Ако судството не е независно, ако корупцијата остане системски проблем, ако законите се спроведуваат селективно или ако институциите работат во зависност од тоа кој е на власт, тоа е домашна одговорност.
И тоа се реформи што им се потребни на граѓаните на Македонија, дури и ако Европската Унија утре исчезне.
И затоа би била многу внимателна со интерпретацијата на секој домашен неуспех како европска блокада. Не е секоја критика кон Македонија бугарска пропаганда. Билатерализацијата на процесот е сериозен и, според мене, неприфатлив проблем. Но тоа не е универзален изговор за сè што самата држава не го направила.
Мислите ли дека ни треба поактивно политичко лидерство во однос на европската интеграција?
– Ни треба поактивно политичко лидерство од двете страни.
Во Македонија, од перспектива дека европското прашање не е само практична алатка за домашни политички пресметки. Без разлика кој е на власт, ќе мора политички да престанат да живеат од конфликтот со Софија или Брисел.
А во Брисел, ни треба поактивно лидерство од перспектива на проширувањето, кое конечно треба да престане да биде слоган и да стане вистински политички приоритет.
Денес сите велат дека проширувањето е геополитичка неопходност. Урсула фон дер Лајен зборува за стратешка инвестиција. Антонио Кошта зборува за приоритет. Марта Кос зборува за реформи и постепена интеграција.
Сето тоа е во ред и добро, но активното водство не се мери според бројот на посети и јавни изјави. Се мери кога треба да се донесе политичка одлука, да се преземе ризик и на земја членка исто така да ѝ се каже: не, нема да го користите овој процес за вашите билатерални спорови.
Македонската држава 20 години слуша изјави дека „нејзината иднина е во ЕУ“. Да, ама потребен ѝ е резултат.
Дали сметате дека е време за нов модел на проширување на Унијата и каков, особено откако Украина и Молдавија добија силен политички импулс за забрзување на европската интеграција?
– Мислам дека е време за поправеден модел на проширување, пред сè. Не затоа што ни треба уште една нова методологија, туку затоа што сегашниот систем е премногу политички непредвидлив.
Украина и Молдавија добија силен политички моментум по руската инвазија. Во јуни годинава двете ја отворија првата рунда преговори, а во јули и следната. Ова докажува нешто многу едноставно и што го кажав во еден од претходните одговори: кога постои политичка волја во Европската Унија, процесот може да се движи многу брзо.
Да нема недоразбирање: немам проблем со тоа. Украина и Молдавија заслужуваат европска перспектива. Но, имам проблем ако истата политичка определба не е пронајдена за Западен Балкан со години и години, да не кажам децении.
Затоа ја поддржувам постепената интеграција уште за време на процесот на пристапување – пристап до делови од единствениот пазар, европски програми, инфраструктура, системи за плаќање, роаминг, инвестиции… Но ова има смисла само ако навистина е мост кон членството. А ако со тоа само ќе добиеме нови редови за чекање, тогаш ништо не сме решиле.
Еднакво е важно истите правила да важат за сите кандидати. „Врз основа на заслуги“ мора да значи врз основа на заслуги дури и кога кандидатот во моментот не е геополитички најмодерен.
Значи, проблемот не е недостиг на модели. Проблемот е недостиг на доследност.
(sloboden.mk)




