Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

МИЏКОСКИ УШТЕ НА СТАРТОТ ГО ПОСТАВИ ДИЈАЛОГОТ СО СОФИЈА НА СТАКЛЕНИ НОЗЕ

October 8, 2026 Filed Under: Македонија

Проблемот не е во тоа дали окупацијата од Втората светска војна треба да се нарече окупација. Историските факти не треба да се приспособуваат на дипломатските потреби

МИЦКОСКИ Политичкиот проблем кај него е поголем од фактографскиот гаф

Премиерот Христијан Мицкоски декларативно го прифати советот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен да отвори директен дипломатски дијалог со Бугарија. Непосредно по нивната средба, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, по налог на Мицкоски, побара билатерална средба во Софија. Но само еден ден подоцна, премиерот повторно ја внесе историјата во дневната политика, овојпат со формулацијата „фашистичка Бугарија“ и со повикување на Бледскиот договор во видеото објавено на владиниот канал на Јутуб (27:36)

Проблемот не е во тоа дали окупацијата од Втората светска војна треба да се нарече окупација. Историските факти не треба да се приспособуваат на дипломатските потреби. Проблемот е што Мицкоски, токму кога повикува на нов дијалог, употребува историја со неточна хронологија и од неа гради политички аргумент.

Мицкоски изјави дека Бледскиот договор бил постигнат „веднаш после капитулацијата на фашистичка Бугарија“ и го поврза договорот со пренесувањето на посмртните останки на Гоце Делчев во Скопје што, според него, било „поврзано со македонскиот национален идентитет“.

„Ова го коментирам во врска со Бледскиот договор, кој беше постигнат веднаш по капитулацијата на фашистичка Бугарија, која, би рекол, ја окупираше територијата на денешна Македонија за време на Втората светска војна“, рече Мицкоски.

Но датумите не оставаат простор за такво толкување.

Бугарија го потпишала примирјето со Сојузниците на 28 октомври 1944 година. Бледските спогодби биле постигнати дури од 30 јули до 1 август 1947 година, речиси три години подоцна. Уште поочигледен е проблемот со останките на Делчев. Тие биле предадени на македонската делегација во Софија на 7 октомври 1946 година и положени во „Св. Спас“ во Скопје на 10 октомври 1946 година.

Со други зборови, останките на Делчев стигнале во Скопје речиси десет месеци пред Бледските спогодби. И бугарските медиуми веќе ја забележаа оваа хронолошка противречност.

Преносот несомнено може да се разгледува во поширокиот контекст на тогашното политичко приближување меѓу Југославија и Бугарија. Но не може фактографски да се претставува како резултат на договор што во тој момент сè уште не бил постигнат.

Политичкиот проблем е поголем од фактографскиот гаф. Истиот премиер кој од Брисел бара помош за деблокирање на европскиот пат и го прифаќа советот на Фон дер Лајен да отвори разговор со Софија, практично во истиот здив внесува во јавниот простор реторика што однапред го оптоварува тој разговор.

Во ситуација кога Тимчо Муцунски бара средба со бугарската министерка Велислава Петрова-Чамова, секоја непрецизна историска конструкција станува товар за дипломатијата, но и подарок за националистичките кругови од двете страни на границата.

Невозможно е сериозно да се гради доверба со Софија и да се бара европско посредување, ако истовремено премиерската реторика ја користи историјата на начин што дополнително го оптоварува дијалогот, притоа потпирајќи се и на фактографски неточности.

Историјата не треба да се премолчува. Окупацијата не треба да се преименува заради дневната дипломатија. Но историјата не смее ниту да се прекројува, скратува или селективно да се користи за потребите на дневната политика.

Ако Мицкоски навистина сака дијалог и деблокада, тогаш не е доволно Муцунски да испрати дипломатска нота до Софија. Потребно е и премиерот да не му ги поткопува темелите на тој дијалог со секој следен јавен настап.

Забележлив е и молкот од Софија. Два дена по изјавата на Мицкоски, од бугарскиот државен врв сè уште нема официјална реакција ниту на квалификацијата „фашистичка Бугарија“, ниту на неговата историски неточна конструкција за Бледскиот договор. Тој молк не мора да значи согласување, ниту треба да се толкува како отсуство на политички проблем. Напротив, во момент кога двете страни се обидуваат повторно да воспостават директен дипломатски канал, можно е Софија свесно да избегнува нова јавна ескалација.

Ако е така, дијалогот уште на самиот почеток влегува во мошне непријатна зона. Додека Софија засега не одговара на ваквата реторика, Скопје само го оптоварува процесот што штотуку побара да го отвори.

(редакција Цивил медиа)

 

 

Filed Under: Македонија

МИНИМАЛНАТА ПЛАТА НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ ПОТВРДА НА СИРОМАШТИЈАТА!
МИЏКОСКИ УШТЕ НА СТАРТОТ ГО ПОСТАВИ ДИЈАЛОГОТ СО СОФИЈА НА СТАКЛЕНИ НОЗЕ
ОСТАВКАТА НА АЛЕКСАНДAР ВУЧИЌ. СОЛЗИТЕ СЕ ВО РЕД
ЛОШИ ПЕРСПЕКТИВИ: ГЕНЕРАЦИЈАТА Z САКА МИЛЕН ИУМЦИТЕ ДА СЕ ПЕНЗИОНИРААТ ЗА ДА ИМААТ РАБОТНИ МЕСТА
ЧЕТИРИЕСЕТ ГОДИНИ ОД МЕМОРАНДУМОТ НА САНУ: СРБИЈА НА ПАТ ИЛИ НА ЗАОБИКОЛЕН ПАТ

Најново

  • МИНИМАЛНАТА ПЛАТА НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ ПОТВРДА НА СИРОМАШТИЈАТА!
  • МИЏКОСКИ УШТЕ НА СТАРТОТ ГО ПОСТАВИ ДИЈАЛОГОТ СО СОФИЈА НА СТАКЛЕНИ НОЗЕ
  • ОСТАВКАТА НА АЛЕКСАНДAР ВУЧИЌ. СОЛЗИТЕ СЕ ВО РЕД

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet