Ако граѓаните треба да го дадат конечниот суд, зошто Мицкоски се плаши да ги праша?

ЏАБИР ДЕРАЛА
Ако во своите изјави премиерот Христијан Мицкоски се обидува да купи време, криејќи се зад апстрактниот „суд на граѓаните на следните избори“, реалноста постојано го предизвикува и целосно ја разоткрива нелогичноста на неговите изјави.
„Може да се договараме, може да разговараме, бараме решение, конструктивни сме и така ќе продолжиме, но безусловно јас потпис да ставам на нешто што го прифатила претходната влада, или таканаречената капитулација, додека сум јас ова што сум, тоа не мора да го направам“, гласи изјавата на премиерот, како ехо на сите претходни откако ја презеде власта во 2024 година.
Мицкоски безброј пати изјави дека конечниот суд ќе го дадат граѓаните на избори.
„На крајот од денот ќе дојдат избори, граѓаните ќе го кажат својот збор. Ако мислат дека јас сум погрешил, ќе гласаат за спротивната политичка опција, ние ќе заминеме во опозиција. Јас ќе заминам од политиката, ќе дојдат некои нови лидерства“, изјави тој.
Но Мицкоски не мора да чека на избори, дури ни предвремени, како што се чини дека ги подготвува.
Едноставно, премиерот може да распише референдум.
Во неодамнешната колумна од неговиот сопартиец, проф. Оливер Андонов, лидер на Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ, брутално го затвора тој маневарски простор. Андонов во својата колумна на ЦИВИЛ Медиа под наслов „Сила, страв, или друго ќе да е“ (5 април 2026) поставува хируршки прецизен политички предизвик кој го деконструира целиот наратив на шефот на владејачката партија за „подобар договор“ и „заштита на идентитетот“.
Ова веќе не е само прашање за механизмите на демократијата (референдум наспроти избори), туку директен предизвик за политичката храброст, дипломатскиот капацитет и вистинската ориентација на премиерот, ако сакате, и неговото геополитичко позиционирање.
Силен удар во колумната на Андонов е и предизвикот со кој го разоткрива политичкиот блеф на премиерот: „раскини го договорот за добрососедство со Бугарија и влези во нови преговори од почетокот.“
Со години, политичката платформа на Мицкоски се базира на тезата дека претходната влада „капитулирала“ и дека тој и неговата партија имаат капацитет да испреговараат нешто подобро. Андонов го побара тоа на дело. Доколку премиерот е навистина супериорен дипломат, логичниот потег е поништување на „штетниот“ договор.
Зошто Мицкоски никогаш нема да го стори тоа? Затоа што тој е свесен дека надвор од домашниот популизам, реалноста во Брисел е сосема поинаква. Фактите се немилосрдни, без оглед на тоа колку тој и неговата медиумско-пропагандна машинерија се обидуваат да ги замаглат. Раскинувањето на договорот би значело не само крај на европскиот пат, туку и отворена конфронтација со целата меѓународна заедница. Оттука, на Мицкоски не му одговара ништо друго освен статус кво. Тој веќе две години и кусур владее врз основа на критика на еден договор кој нема храброст ниту да го прифати, ниту да го раскине.
Според информации што во тој период циркулираа во добро информирани дипломатски и политички кругови, Мицкоски, далеку од очите на јавноста, во периодот од „Францускиот предлог“ до изборите во 2024 година, ги уверувал западните дипломати дека ќе ги спроведе уставните измени во рок од три месеци по доаѓањето на власт. На западните соговорници им ветувал едно, додека пред домашната јавност градел сосема поинаков политички наратив.
Но тоа е друга, многу подлабока политичко-дипломатска приказна – за ветувањата, предупредувањата што не беа слушнати и проценките што се покажаа како погрешни. Приказна што не завршува со изборите во 2024 година. Напротив, можеби токму таму започнува.
Она што оваа анализа ја прави особено релевантна за разбирање на надворешнополитичкиот курс на државата е дипломатскиот итинерар на премиерот и неговиот министер за надворешни работи. За овој текст да остане сериозен, нема да ги коментираме патешествијата на претседателката.
Политичкиот врв на земјата веќе две години води двојна политика: формално се декларира како проевропски, а суштински спроведува политика што ја одржува државата во блокада. Таа противречност се оправдува со наводниот „билатерален спор“ со Бугарија, иако прашањето одамна е вградено во европската преговарачка рамка и веќе не може да се претставува само како спор меѓу две држави.
Се прави само толку „европски“ напор колку што е потребно за да се задржат политичката легитимност пред Брисел и пристапот до европските фондови, но никогаш доволно за процесот навистина да се помести од мртвата точка. Европската реторика останува присутна, додека европската интеграција намерно се одржува замрзната.
Во меѓувреме, политичката и дипломатската агенда сѐ почесто ја одбележуваат средби и блискост со авторитарни, илиберални и евроскептични политички актери, чии политики и вредносни системи се во директна спротивност со демократските принципи на кои власта формално се повикува.
Веќе одамна нема дилеми: европскиот пат не е блокиран поради неспособност, недоразбирање или дипломатска несмасност. Неговото блокирање е вистинската политичка цел на оваа власт.
Овие опсервации се клучни за да се разбере политиката на Мицкоски. Навидум изгледа како заталкан, а во суштина само ја исполнува својата агенда. Несмасно и грубо, но исполнува. (Како ја „промашивме“ Европа: Мицкоски не греши – тој исполнува, ЦИВИЛ Медиа, 19 февруари 2026)
(тексто и илустрацијата сеобјавени во Цивил медиа)




